Достапни линкови

Обвинителството го услови пуштањето од притвор на Јахоски со дополнителни 72 милиони денари


Зградата на Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција
Зградата на Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави мислење во однос на Предлогот за укинување на мерка притвор со предлог гаранција, поднесен од Асмир Јахоски, осомничен за сторено кривично дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Во мислењето се истакнува дека „предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, може да биде основан, само ако осомничениот, во исто време, на посебна сметка на судот, дополнително да депонира и износ од 72 000 000 денари“.

„ Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага обвинителството, износот од 72 000 000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист за овој осомничен од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување од него“, се наведува во мислењето од ОЈО ГОКК.

Исто така, јавниот обвинител побарал од судот на осомничениот да му бидат определени и мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, обврска повремено да се јавува на определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница односно забрана за нејзино издавање.

Од Обвинителството истакнуваат дека обвинителот ги имал предвид и списите во предметот, како и фактот дека обвинителството во меѓувреме обезбедило поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што како што наведуваат, значително е намален ризикот дека тој би можел да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци.

„Согласно даденото мислење, само со определување на сите погоре наведени мерки обвинителството ќе смета дека се исполнети условите за укинување на претходно изречената мерка притвор“, велат од Обвинителството.

Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, заедно со сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, за кои веќе беше одредена мерка притвор.

Перење пари и злоупотреба на службена должност ги поврзува сите осомничени, меѓу кои сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, за кои обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале горива со сомнителен квалитет штетни за животната средина.

Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, двајца осомничени во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра.

Кривична пријава е поднесена против 13 луѓе и една компанија од Скопје.

XS
SM
MD
LG