Достапни линкови

Северна Кореја потврди дека испратила војници да се борат против Украина


илустрација
илустрација

Северна Кореја за првпат официјално потврди дека испратила свои војници во Русија за поддршка на Москва во војната против Украина, во рамки на нивниот договор за взаемна одбрана, јави јужнокорејската агенција Јонхап.

Според државната севернокорејска новинска агенција КЦТА, испраќањето на војниците било наредено од лидерот Ким Џонг-ун.

Ова е прва официјална потврда на присуството на севернокорејски војници во Русија, неколку месеци откако илјадници нивни војници беа распоредени во Курската област за борбени дејства.

„Операциите за ослободување на Курската област за одбивање на авантуристичкиот упад на украинските власти во Руската Федерација завршија успешно“, соопшти КЦТА, додавајќи дека припадниците на вооружените сили учествувале во операциите по наредба на Ким Џонг-ун.

Претходно и Русија призна дека распоредила севернокорејски војници во борбата за потиснување на украинските сили од Курската област.

На видеоконференција, генералот Валериј Герасимов, началникот на рускиот Генералштаб, му рече на претседателот Владимир Путин дека севернокорејските војници дале значаен придонес во „ослободувањето“ на регионот од украинските војници.

Коментарите го потврдија она што украинските и западните претставници одамна го кажуваа дека Пјонгјанг испратил илјадници војници да се борат заедно со руските сили. Американските претставници изјавија дека повеќе од 11 000 севернокорејски војници учествувале во битката и претрпеле големи загуби.

Герасимов рече дека корејската мисија е во согласност со договорот за партнерство меѓу двете земји.

Во изминатите недели украинските сили се повлекуваа во овој регион, додека руската армија полека напредуваше.

Украинските сили претходно имаа заземено неколку стотици квадратни километри на руска територија, вклучувајќи и клучна пумпна станица за транспорт на руски гас кон Европа.

Украинските лидери ја оправдаа оваа офанзива со цел да добијат подобра преговарачка позиција. Наскоро потоа, претседателот Володимир Зеленски предложи територијална размена, која Москва веднаш ја одби.

XS
SM
MD
LG