Достапни линкови

Ристоманов: Нè трујат за профит, а никој не истражува


Ристоманов: Тишината за рудникот Иловица е опасен знак
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:36 0:00

Ристоманов: Тишината за рудникот Иловица е опасен знак

Во неделното интервју за РСЕ, еко-активистот и советник во Општина Ново Село, Костадин Ристоманов, тврди дека се палат депонии во околината на Струмица и дека зад тоа стои организирана шема за профит од рециклиран бакар и фантомски бизниси со отпад, додека посочува дека институциите за тоа молчат.

Господине Ристоманов, периодов секојдневно објавувате дека се пали депонијата Шапкар и дека жителите на Струмица и околината дишат отров, а властите не реагираат? Кој според вас ја пали депонијата?

Ние само алармираме, а постојат органи во државата кои тоа треба да го истражат. Но, ние отворено се сомневаме за некоја организираност за некоја добивка што се остварува од таквото, во наводници, „случајно“ палење на депониите. Обично, тоа и на последниот протест што го организиравме во Струмица, еден наш активист јасно и гласно рече да се испита поврзаноста на маргинализираните групи во општеството коишто горат кабли со бакар, точно на депониите, и предизвикуваат пожари. Тој истиот бакар потоа на непознати локации се процесуира, се дроби и се извезува. Познати се фирмите коишто го извезуваат тој бакар, дури и спомнавме ние и бројки — конкретно за три години 17 милиони евра од извоз на бакар од рециклиран материјал. И ние поставуваме прашање зошто ова никој не го истражува? Ако се сеќавате, ланската година во Кочани имавме група луѓе, целиот град се дигна да ја блокира депонијата бидејќи се палеше од такви маргинализирани групи, и поставија камери, вработија чуварска служба и го решија проблемот, но палењето се прошири на околните ридови. Тој феномен на палење кабли, палење депонии, за што ние отворено се сомневаме дека можност некои и да истовараат отпад увезен од Запад, дека тоа се случува и кај нас. Дали е така или не, органите на државата преку истрага треба да го утврдат тоа. Нас не загрижува и затоа е нашиот револт, затоа ние протестираме — зошто никој не презема ништо и дали постои некаква спрега и организираност за сето тоа, народот да го вдишува и да се труе.

Спомнавте околу бакарот. Имате ли сознание каде се извезува?

Во Турција. Пред, нема месец дена, во вредност близу 200.000 евра, една фирма од Струмица извезуваше таков рециклиран бакар во џамбо вреќи.

Во обајвите на Здрава Котлина на социјалните мрежи споменувате фантомски бизниси со рециклирање на метал?

Така е.

Кои институции директно треба да реагираат за ова?

Пред сè, ние исто така имаме сознанија од лични контакти, неофицијално — што не мора да бидат точни — дека државните институции си работат како што треба, дека инспекциските служби биле на терен, ја утврдиле фактичката состојба, дале препораки на повисоките органи, истражните органи сето тоа си го завршиле, но за жал таквите истраги се ставени во некоја фиока и не се процесуираат. Тука ние отворено се сомневаме дека постои некоја организираност меѓу тој што увезува, овде се преработува на отворено и се извезува.

Кои институции конкретно?

Има овде полиција, обвинителството, треба да има и од Царинската управа. Но, ние немаме увид, не знам дали јавноста е запознаена што сè се увезува во Македонија. Најголема цифра како количина увезуваме отпадоци од животинско потекло и коски — од Аргентина. Дали тоа е само според шифрарникот е така напишано, а каде се процесуираат тие коски и отпадоци од животинско потекло кај нас? Каде е тоа? Никој не води сметка што влегува и што излегува, каде се процесуира и дали имаме такви капацитети — или тое е само по документи минуваат.

Според вашите сомнежи и сознанија, кога ќе се увезе овој отпад, што потоа се прави со него тука?

Во зависност каков вид на отпад. На пример, имаме така наречен течен кокс кој се гори во високите печки за согорување, каде што треба топлина. Никој не води сметка околу нумерацијата. Сите се нумерирани како РДФ, како оној неопасен отпад. А ние немаме лабораторија да испитаме дали тој отпад дали е навистина таков, да земат примероци и да утврдат дали е така. Ние веруваме на хартија, немаме лабораторија, немаме обучени инспекциски служби и ние, всушност, веруваме само на документите. Што пишува на документите — тоа е. А дали е тоа, како ќе утврдиме?

Со години се боревте и против отворање на рудници во Југоистокот, главно против рудникот Иловица–Штука. Што во моментов се случува со тој проект?

Во моментов се случува најопасното нешто, бидејќи немаме никакви информации. А, штом немаме никакви информации за нивните активности, значи се работи за нешто многу тајно, за нас многу подло и многу опасно. А, бидејќи наскоро ни доаѓаат локалните избори, ние отворено се сомневаме дека рударското лоби ќе инвестира во идните градоначалници за да им отворат пат за таквите рудници, и не само за Иловица–Штука, туку и воопшто за рудниците во Југоисточна Македонија. А парите бушат таму каде што бургијата не може, и тие се силни, моќни и тоа го прават. Единствено што можеме да направиме е преку организираност на мнозинството од жителите и преку членство во советите да спречиме разни злоупотреби, и затоа се врши толкав притисок. Свесни сте дека моментално немаме закон што ќе го регулира учеството на независните на локалните избори, што не е случајно направено — токму тоа е целта, да не спречат да бидеме гласноговорници, да бидеме очи и уши на народот.

Освен Иловица, имате ли сознанија за други планови во Југоистокот за отворање рудници?

Па, имаме. Двориште веќе е во истражна постапка. Слушаме дека наводно во Валандово веќе сме изгубиле тој меѓународен спор, па сега државата треба да плаќа пенали итн. Така што и сите други такви потенцијални или концесиски простори се потенцијал за рударење.

На последните локални избори, преку движењето „Стига Е“, влеговте во советот на општина Ново Село со цел, меѓу другото, одблиску да ја следите работата на локалната власт и процесот на донесување одлуки. По речиси четири години, каков е вашиот увид — како функционира локалната власт одвнатре.

Јас само ќе ви кажам еден пример. Ако ние пред седум-осум години, пред да организираме, кога побаравме од општините Босилово и Ново Село да организираат референдум за народот да се изјасни дали сакаат или не сакаат да има рудник — оние референдуми кои подоцна Уставниот суд ни ги поништи под неразјаснети околности. Тогаш ние, замислете, моравме да собираме потписи во ДИК за да може тие потписи да бидат валидни, не знам колку беа на број, да поднесеме барање на советот за да се дискутира за нашата точка. Оти, немате право да дискутирате на советите како надворешен член, ако немате поддршка според законот — колку што треба. Сега што влеговме внатре во советите, иако сме по еден во Босилово, Ново Село и во Струмица, сепак имаме директно право да поднесеме точки на дневен ред, да се дискутира за тие точки, ние да дискутираме и така да постигнавме многу успеси. Еве, еден од успесите е што успеавме во четирите струмички општини да се изгласа одлука, кај сите едногласно, за недозволување да се вршат истраги за минерални суровини во нашиот крај во иднина.


  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG