Денеска (30 април) истекува владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо.
Владината одлука за ограничени маржи беше донесена во февруари годинава и трае заклучно со денеска.
Според министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, мерката дала позитивен резултат бидејќи, повикувајќи се на официјални податоци, во споредба со февруари, во март има дефлација од 1,3 отсто во делот на храна и пијалаци, односно намалување на цените.
Податоците за април, исто така, како што рече, укажуваат на намалување на цените на храната и пијалаците.
Министерот најави дека од 1 мај Државниот пазарен инспекторат ќе се врши контроли на терен за да се види дали по завршување на мерката ќе има енормно зголемување на цените на производите.
Најави и воведување на поригорозни мерки доколку се утврди дека маркетите се однесуваат „девијантно“ и енормно ги зголемат цените.
Откако граѓани два пати бојкотираа маркети поради високи цени на храната, Владата го задолжи Министерството за економија и труд да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.
Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи и до 50 отсто.