Достапни линкови

Британската полиција уапси седум Иранци во антитерористички операции


Илустрација
Илустрација

Британската полиција уапси осум мажи - вклучувајќи седум ирански државјани во две очигледно неповрзани антитерористички операции, соопштија полицајците на 4 мај, додека властите се обидуваат да утврдат дали постојат „понатамошни ризици“ за јавноста.

„Ова беа две големи операции кои одразуваат некои од најголемите антидржавни закани и антитерористички операции што ги видовме во последниве години“, изјави министерката за внатрешни работи Ивет Купер.

Конкретни детали за двете акции не беа веднаш објавени.

Лондонската полиција соопшти дека петмина мажи, меѓу кои и четворица Иранци, биле уапсени на 3 мај под сомнение дека планирале напад на непозната локација. Властите соопштија дека сè уште се обидуваат да ја утврдат националноста на петтиот осомничен.

Одделно, тројца ирански државјани на возраст меѓу 39 и 55 години беа уапсени во Лондон во втора операција неповрзана со првиот случај, соопшти полицијата.

Амбасадата на Иран во Лондон не даде коментар за апсењата.

Во првиот инцидент, мажи на возраст меѓу 29 и 40 години биле приведени во западен Лондон и во Свиндон, Стокпорт, Рочдејл и Манчестер, соопшти полицијата.

„Истрагата се однесува на сомнителен заговор за напад врз одреден објект. Полициските службеници беа во контакт со засегнатата локација за да ги информираат и да им дадат релевантни совети и поддршка, но од оперативни причини во моментов не сме во можност да дадеме дополнителни информации“, се вели во полициското соопштение.

Командантот Доминик Мерфи, началник на Командата за борба против тероризмот на лондонската полиција, изјави дека „се истражуваат различни правци на истрага за да се утврди дали постои понатамошен ризик за јавноста поврзан со овој случај“.

Властите соопштија дека осомничените се испрашуваат и сè уште не се официјално обвинети.

Во друг случај, тројца ирански државјани беа приведени согласно Законот за национална безбедност, соопштија властите, без да дадат дополнителни детали.

Во полициското соопштение се наведува дека претресите на нивните адреси се во тек.

Апсењата доаѓаат во време на зголемени тензии околу сомнителните активности поддржани од Техеран во Велика Британија.

Минатата година, Кен Мекалум, шефот на британската домашна разузнавачка служба, изјави дека од 2022 година, властите одговориле на 20 заговори поврзани со Иран, кои потенцијално претставувале смртоносна закана за јавноста.

Во тоа време, Мекалум рече дека непријателските држави, радикализираните поединци и ревитализираната терористичка група Исламска држава(ИД) ги здружиле силите за да ја создадат „најсложената и меѓусебно поврзана средина со закани што некогаш сме ја виделе“.

Во март 2024 година, Пурија Зераати, раководител на медиумска организација на персиски јазик во Лондон која ја критикуваше иранската влада, беше избоден во ногата пред својот дом во Лондон. Двајца мажи подоцна беа уапсени во Романија и обвинети за нападот врз Зераати, телевизиски водител на новинската мрежа Иран Интернешнал.

XS
SM
MD
LG