Достапни линкови

„Не може и скара и права“- првомајски протест на работниците


Првомајски протест на ССМ, Скопје 01.05.2025
Првомајски протест на ССМ, Скопје 01.05.2025

Повисоки плати, достоинствени услови за работа, почитување на колективните договори и работничките права остануваат главните барања на работниците. И овој први мај, дел од нив скарата ја заменија со протест на скопските улици и надеж дека работите ќе се променат на подобро.

Полни кафеани, паркови и излетнички места, мирис на скара и традиционален протест на синдикатите.

Уште еден први мај и уште една веќе видена слика.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) претпладнево од пред Работничкиот дом го почна протестот за повисоки плати и подобри услови за работа.

ССМ го актуализира барањето минималната плата да биде 500 евра, сите останати плати да бидат зголемени за 100 евра и да се почитуваат колективните договори и работничките права.

„Денеска работниците имаат многу причини да протестираат, а малку да празнуваат. Денеска протестираме за плата, денеска одиме пред Собрание, Стопанска комора и Влада да кажеме дека бараме 500 евра минимална плата, дека бараме за 100 евра зголемување на сите останатите плати, да бараме почитување на колективните договори за зголемување на платите и дека бараме пристојна плата за секоја работа“, истакна Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Членовите на овој синдикат и претставници од други синдикати се упатија кон Собранието, а потоа протестниот марш продолжи кон Стопанската комора и пред Владата.

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) претходно најави дека нема да учествува на протестот, бидејќи претседателот Благоја Ралповски смета дека во земјава има добар социјален дијалог и дека проблемите „секогаш се решаваат на маса“.

Има многу причини „за“, но ниту една „против“ излегувањето на протест на први мај, порача деновиве синдикалниот лидер, Трендафилов повикувајќи ги работниците да излезат на улица.

Од функционерите побара да ги симнат „розовите очила со кои гледаат во нивните скапи и луксузни кабинети“.

„Платите во Македонија се мизерни, не се зголемуваат онака како што е предвидено со колективните договори, изјави Трендафилов.

Дел од работниците пак признаваат дека платите им се мизерни, но не веруваат дека нивните лидери ќе ја добијат битката.

„Не ми е ни до протест, ни до скара. Немам никакво расположение за слава. Со просечна плата едвај преживувам, а не мислам дека и излегувањето на улица нешто ќе смени. Секоја година ги слушаме истите говори, истите ветувања, а реално, ништо не се менува“, вели скопјанката Ивана, вработена во приватна фирма.

Освен на вработените во културата, мартовската плата доцнеше и за вработените во Министерството за економија и труд, во Државниот пазарен испекторат, во Државниот инспекторат за труд, во дел од Јавното обвинителство, во Водостопанство и во други институции од јавниот сектор.

И тоа не се случува прв пат. Така е со години назад.

И во приватниот сектор ситуацијата е далеку од сјајна. Платите се ниски, условите за работа дискутабилни, а најголемиот предизвик со кој се соочува овој сектор е недостигот на квалификуван кадар.

„Повисоки плати не се 500 евра плата, туку 500 евра минимална плата која ќе се множи со коефициентот на сложеност за да платите во овој сектор надминат 50 и 60 000 денари. Онолку колку што минимум треба да земаат вработените во приватниот сектор, особено вработените во трудо-интензивните дејности“, вели Иван Пешевски, потпретседател на синдикатот за приватниот сектор.

Убеден е дека работниците ќе ги добијат заслужените плати и права. Потсетува дека ССМ активно работи на правна заштита на работниците, а како докза за тоа го наведе фактот што во текот на 2024 година, бесплатна правна помош и заштита добиле над 12 000 работници.

Синдикалците се загрижени за состојбата во која 250 000 работници примаат плата до 32 000 денари, а 380 000 работници примаат плата под просечната плата во земјата.

Кој синдикат е репрезентативен?

Во обидот да се постигне заеднички јазик меѓу работниците и власта, „најклучно“ прашање стана репрезентативноста на синдикатот, па додека се разгледува барањето на ССМ за бројот на членови и репрезентативност на ниво на држава, од ССМ се жалат на притисоци врз нивни членови да се зачленат во друг синдикат.

Премиерот Христијан Мицкоски, ја обвини оваа синдикална организација одработува за опозициските СДСМ, Левица и ДУИ. Луѓето од раководството на Сојузот, ВМРО-ДПМНЕ ги нарекоа „синдикалци на батерии“ кои „длабоко профитираат“.

На масата за преговори бараат да седне и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) која тврди дека неоправдано била исклучена од социјалниот дијалог во изминатите неколку години.

КСС пак првомајскиот протест го замени со првомајската конференција на тема „Работничките права во време на промени: Заедно кон праведна транзиција и ефикасна администрација“.

Во минатото имаше примери кога ССМ и КСС одржуваа протести во различни термини.

Инаку еден синдикат е репрезентативен ако неговото членство брои 10 отсто од вработените во државата, несметајќи ги назначените и именуваните лица. И ССМ и КСС уверуваат дека го исполнуваат условот, а ако тоа и се формализира, двете организации ќе бидат вклучени во идните преговори во рамки на Економско-социјалниот совет.

Владата го зголеми мининалецот, без согласност од синдикатот

И додека Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) протестира и бара минималецот да се зголеми на 30 000 денари, Владата ја донесе одлуката за новата минимална плата. Очекувано, откако претходно премиерот Мицкоски изјави дека Владата нема пари во буџетот за да субвенционира придонеси за повисок минималец.

Минималецот се зголеми за околу 1800 денари нето и сега изнесува 24 379 денари.

За оваа пресметка сѐ уште нема согласност од Економско-социјалниот совет (ЕСС), бидејќи тој не е комплетен со оглед на тоа што Владата сѐ уште не утврдила кој е репрезентативен синдикат.

Има ли смисла синдикалното движење?

Синдикатот е онолку силен онолку колку што работниците стојат зад него, вели Здравко Савески, професор на Институтот за општествени и хуманистички науки и активист.

„Силата на синдикатот е во неговото членство. Синдикатот мора да располага со моќ да возврати со контрамерки кога власта нема слух за работничките барања. Таа моќ вклучува не само организирање протести, туку и организирање штрајк, но таа моќ зависи директно од подготвеноста на работниците да придонесат во подобрувањето на сопствените права“, вели Савески.

Савески смета дека во дадениот контекст каде што копјата се кршат околу висината на минималната плата, треба да се има предвид дека никое позначително покачување на минималната плата не може да се издејствува без поширока работничка мобилизација.

„Задачата на синдикатот е да ги организира контрамерките кога ќе наиде на немање слух, но и самите работници не се без одговорност. Ако синдикатот повика на протести и штрајк, тогаш токму стоењето настрана на самите работници ќе гарантира дека нема да се издејствува покачување на минималната плата. Во контекст на првомајскиот протест, не може да има и скара и права“, дециден е Савески.

Први мај или Меѓународниот ден на трудот е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Се одбележува секоја година во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден.

Оттогаш во повеќето држави низ светот се одржуваат протестни маршеви.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG