Мирно почна вчера тридневното примирје во војната во Украина, иако Украинските воздухопловни сили соопштија дека руски авиони утрото на 8 мај лансирале насочувачки бомби врз регионот Суми. Како ќе заврши - Ќе видиме.
Ова примирје го објави рускиот претседател Владимир Путин, по повод прославата на Денот на победата над фашизмот на 9 мај, потег за кој украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека е само симболика која ќе донесе тишина на московската парада. Тој, заедно со САД, и понатаму инсистира на минимално 30-дневно примирје.
24 часа и 100 дена
Сепак, целта на САД, според чекорите на претседателот Доналд Трамп е крај на војната, нешто за кое симболично говореше дека ќе го направи за 24 часа и нешто што беше клучна цел во првите 100 дена од мандатот.
Но, работите од тогаш се изјаловија и роковите се продолжуваа како што доаѓаа условите за прекин на огнот од обете страни.
Во тие околности - крај на војната во Украина - една од клучните цели во надворешната политика на Соединетите Држави не беше остварена, а трпението во Вашингтон почна да се намалува.
Тоа резултираше со предупредување од Трамп до Русија и Украина дека неговото трпение е ограничено, иако изрази надеж дека постигнувањето мир е возможна рабта.
Во интерву за Би-Би-Си на 4 мај прати директна порака: „Ќе дојде време кога ќе кажам: Добро, продолжете. Продолжете да бидете глупави и продолжете да се борите“, без да каже која од двете страни е „поблиску до потпис на мировниот договор“.
Разочарувања
Трпението се намалува, а фрустрациите се зголемуваат, особено поради последните потези на Кремљ, па Трамп директно го повика Путин „да престане да пука, да седне и да потпише договор“.
Републиканските пратеници застанаа зад нивниот претседател: Сенаторот од Јужна Каролина, Линдзи Греам, клучен сојузник на Трамп, изјави дека има широка поддршка за нов пакет санкции и царини за Русија доколку Путин не се вклучи сериозно во мировните преговори, а сенаторот од Луизијана, Џон Кенеди, се пожали на „Фокс њуз“ дека лидерот на Кремљ „се шегува со претседателот Трамп на секој чекор“.
Сепак, наспроти таа реторичка позадина, дипломатските напори продолжија, па Стив Виткоф, специјалниот претставник на Трамп, отпатува во Москва за да се сретне со Путин. По враќањето рече дека разговорите биле „продуктивни“, но некои коментатори го сметаа доаѓањето на Виткоф без вообичаената придружба како индикација дека американскиот емисар можеби е надвор од својата „дипломатска длабочина“.
Стивен Пајфер, пензиониран дипломат од кариера и поранешен амбасадор на САД во Украина, ја доведе во прашање мудроста на Виткоф да се појави сам на состанокот, велејќи дека американскиот емисар, кој е богат инвеститор во недвижности и доверлив човек на Трамп, се соочува со „75 плус години“ дипломатско искуство.
„Не е ни чудо што Русија доби 10 недели концесии и подароци од САД, а не даде ништо за возврат“, напиша Пајфер на X.
Плима и осека
Без оглед на распоредот на седиштата во Кремљ, состанокот на Виткоф беше во спротивност со потпишувањето договор во Вашингтон за создавање на Инвестициски фонд за реконструкција на САД и Украина, договор што ќе им даде на САД пристап до вредните ретки минерали на Украина во замена за она што Киев се надева дека ќе биде трајна поддршка од САД.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, употреби остар јазик за да го опише договорот, велејќи дека тој „јасно ѝ сигнализира на Русија дека администрацијата на Трамп е посветена на мировен процес фокусиран на слободна, суверена и просперитетна Украина на долг рок“.
Значи, како што напиша регионалниот директор на Рускиот сервис на РСЕ и на Current Time, Натан Хиџ, „дали плимата и осеката суптилно се променија во корист на Украина кога станува збор за справување со администрацијата на Трамп? Како и секогаш, можеби е прерано да се каже“.