Достапни линкови

Бугарската опозиција подготвува гласање недоверба на Владата по објавувањето датум за прием во еврозоната


Николај Денков, поранешен премиер и копретседавач на парламентарната група „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија
Николај Денков, поранешен премиер и копретседавач на парламентарната група „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија

Николај Денков, поранешен премиер и копретседавач на парламентарната група „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“, изјави дека опозицијата ќе поднесе предлог за изгласување недоверба на владата откако ќе биде утврден датумот за прием на Бугарија во еврозоната.

Според него, овој датум се очекува да биде објавен кон крајот на јуни или почетокот на јули 2025 година, при што тој се надева дека Бугарија ќе стане дел од еврозоната од 1 јануари 2026 година. Денков нагласи дека целта е да не се попречи процесот на влез во еврозоната.

Тој оцени дека Владата не се справува со неколку клучни проблеми, вклучително недостигот од медицински работници и сериозни прашања во Министерството за внатрешни работи, како прикривање на криминал и корупција, пренесува БТА.

Опозицијата планира да бара поддршка од сите политички сили кои се против корупцијата за поднесување на гласањето недоверба. Денков додаде дека дискусиите со коалициските партнери од „Демократска Бугарија“ продолжуваат, иако постојат одредени разлики во ставовите.

Во врска со протестот планиран за утре пред бугарскиот парламент, во денот на објавувањето на извештајот за напредокот на Бугарија кон еврозоната, Денков рече дека секој има право на мирен протест, но не очекува тој да влијае на објективната оценка за исполнувањето на критериумите за членство во еврозоната, утврдени со договорите со ЕУ од 2007 година.

Тој е убеден дека Бугарија ги исполнува сите критериуми и дека по извештајот следуваат политички одлуки до почетокот на јули.

Денков потсети дека 171 пратеник, односно повеќе од две третини од парламентот, го поддржале владиното решение за влез во еврозоната.

На прашањето за можен кандидат за претседател на Бугарија, Денков одговори дека засега не се разговара за конкретни имиња, туку за процес кој ќе обезбеди избор на најдобар кандидат за победа на изборите.

XS
SM
MD
LG