Конзулот на Република Хрватска и неговата сопруга се полесно повредени во иранскиот напад врз Тел Авив, соопшти денеска (14 јуни) хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман.
„Шокиран сум од веста дека нашиот конзул и неговата сопруга се повредени во нападот врз Тел Авив. Зградата каде што живеат е погодена. Разговарав со нив и за среќа, повредите се полесни и не се опасни по живот“, напиша Грлиќ Радман на мрежата Икс (X).
Тој додаде дека Министерството е во постојан контакт со хрватската амбасада и ги презема сите мерки за да ја обезбеди нивната безбедност.
„Остро ги осудуваме нападите врз цивилните и дипломатските објекти. Повикуваме на итна деескалација и воздржаност“, рече Грлиќ Радман.
За Северна Македонија досега нема информации дека нејзини граѓани се повредени во нападите. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера апелираше до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран да ги следат националните портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции.
Паралелно, апелираа до останатите да се воздржат од патувања во овие две држави.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска (14 јуни) не даде информации за тоа дали евентуално македонски државјани побарале евакуација.
„Има кризен штаб во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се следи будно состојбата преку извештаите кои што ги добиваме преку службени канали, така што не би коментирал повеќе од ова што го кажав“, рече Мицкоски.
Иран започна напади со балистички ракети врз Израел еден ден претходно, а врховниот лидер на Иран вети дека ќе „нанесе тешки удари“ како одмазда за претходните израелски напади.
Меѓусебните напади продолжија и денеска (14 јуни), при што ракетите ги погодија и Тел Авив и Техеран.