Достапни линкови

Самит на лидерите на групата Г7, во фокус новата криза на Блискиот Исток


Американскиот претседател Доналд Трамп пристигнува на самитот на лидерите на Г7 во Канада, 15 јуни 2025 година
Американскиот претседател Доналд Трамп пристигнува на самитот на лидерите на Г7 во Канада, 15 јуни 2025 година

Израел и Иран ги продолжија меѓусебните напади, додека лидерите на Групата седуммина почнаа да се собираат во Канада на самит за кој се очекува да се разговара за борбите и начините за спречување на понатамошна ескалација на конфликтот.

Војната во Украина, исто така, ќе биде на дневен ред на тридневниот состанок на лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД во Кананаскис, Канада.Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да присуствува и се очекува да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Пред да замине од Вашингтон за самитот на 15 јуни, Трамп беше прашан какви чекори презема за деескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран.

„Се надевам дека ќе има договор. Мислам дека е време за договор“, рече Трамп.

Трамп ја пофали офанзивата на Израел, додека ги негираше иранските обвинувања дека САД учествувале и го предупреди Техеран да не ја проширува својата одмазда и да вклучи американски цели.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека во телефонски разговор на 15 јуни му рекла на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека дипломатијата е најдобриот пат до решение.

Зборувајќи на прес-конференција на самитот на Г7, фон дер Лајен го обвини Иран за новото насилство, посочувајќи на наодот на Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН претходно оваа недела дека не ги почитува своите обврски.

„Во овој контекст, Израел има право да се брани. Иран е главен извор на регионална нестабилност“, рече фон дер Лајен.

Таа рече дека самитот на Г7 треба да разговара за кризата во Иран заедно со Украина, која беше погодена од беспилотни летала продадени на Русија од страна на Техеран.

„Истиот тип беспилотни летала и балистички ракети дизајнирани и произведени во Иран неселективно ги погодуваат градовите во Украина и во Израел. Како такви, овие закани треба да се решат заедно“, рече таа.

Фон дер Лајен, исто така, рече дека мора да се изврши поголем притисок врз Русија за да се обезбеди прекин на огнот во Украина.

Израел соопшти дека ги започнал нападите за да го спречи Иран да развие нуклеарно оружје. Убиени се врвни команданти и научници во својот првичен изненадувачки напад на 13 јуни.

Оттогаш, иранското Министерство за здравство соопшти дека се убиени 224 лица. Портпаролот Хосеин Керманпур изјави дека 1277 други лица се хоспитализирани, а повеќе од 90 проценти од жртвите се цивили.

Најмалку 10 лица во Израел, вклучувајќи деца, се убиени досега, според тамошните власти.

Во почетните бранови напади, Израел се чинеше дека избегнува да ја напаѓа енергетската инфраструктура на Иран, но иранското Министерство за нафта рано на 15 јуни соопшти дека израелските напади погодиле две складишта за гориво во Техеран.

Израел соопшти дека неговите напади на 15 јуни го погодиле Министерството за одбрана на Иран, местата за лансирање ракети и фабриките што произведуваат компоненти за воздушна одбрана.

Иранските државни медиуми потврдија дека имало експлозии и пожари што произлегле од нападот врз ирански авион за полнење гориво во Машхад, длабоко во североисточниот дел на земјата.

Израел пак, соопшти дека ирански ракети го погодиле Тел Авив и пристанишниот град Хаифа рано на 16 јуни, уништувајќи куќи. Израелските медиуми објавија дека три лица се убиени во центарот на земјата, додека десетици други се ранети во ноќните напади.

Во услови на страв дека конфликтот би можел да ескалира, министерот за надворешни работи Абас Аракчи за државните медиуми изјави дека продолжувањето на нуклеарните преговори со САД би било неоправдано, а иранскиот генерал Есмаил Косари рече дека Техеран размислува за затворање на Ормутскиот теснец, еден од најважните светски бродски патишта.

Постојат стравувања дека насилството би можело да се прошири низ целиот Блиски Исток, регион кој е во криза откако Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври 2023 година, а Израел возврати со обид да го уништи Хамас во Појасот Газа.

XS
SM
MD
LG