Достапни линкови

Јовановски: Како независни очекуваме подобри резултати на изборите


Горјан Јовановски, независен советник во Советот на Град Скопје од граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
Горјан Јовановски, независен советник во Советот на Град Скопје од граѓанската иницијатива Зелен хуман град.

Независните кандидати треба да го искористат незадоволството на граѓаните од партиите, смета Горјан Јовановски, советник во Зелен хуман град во Советот на Град Скопје. Според него, изминатиот мандат градската власт воопшто не го подобрила аерозагадувањето. Скопје три години е без ГУП што, вели, е страшно бидејќи во него треба да бидат инволвирани сите страни. Моја претпоставка е дека се чека смена на локалната власт, нагласува тој во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Горјан, периодов актуелна е вашата борба како независни советници, не само од Скопје, туку и од останатите општини, против обидот за подигање на бројот на потребни потписи за воопшто да може да учествувате на избори. Тој праг веќе еднаш беше подигнат, но Уставен го укина во мај, по што се создаде еден правен вакуум, во кој нејасно е дали е потребно воопшто да имате потписи или не. Вие баравте автентично толкување, a во меѓувреме во Собрание се најде нов предлог со кој повторно има обид за подигање на прагот.

Каков расплет очекувате од целата оваа ситуација? Имавте ли контакт со некој од политичките партии?

Ние се обидовме да стапиме во контакт и директно со Собранието преку спикерот Гаши, а и со одредени државни институции, но и меѓународни институции каде што сакавме да ја приложиме состојбата во којашто се спрема, од страна на политичките партии, една нефер и недемократска атмосфера на следните избори – со цел да се истиснат независните советници надвор од трката на локални избори, бидејќи на претходните локални избори покажавме дека сме четврта најголема сила по бројот на собрани и добиени гласови.

Јовановски: Големите партии се сплотени за блокирање на независните кандидати
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:15 0:00


Дали контактиравте и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, зашто имавте барање и до неа доколку се изгласа ваквиот предлог да не го потпишува?

Да, имаме пратено и барање директно до претседателката. Ни беше одговорено дека штом се врати од службено патување во Шпанија ќе бидеме примени. Но, колку што знаеме и мислам самиот закон вели дека претседателката има можност еднаш да го врати назад законот во Собранието, но потоа тие можат повторно, дури и во иста форма да го изгласаат. И тогаш веќе претседателот не може да не го потпише законот и да го стави во употреба.

Идејата тука е дека едноставно се гледа здруженоста и сплотеноста на големите политички партии со цел блокирање на независните кандидати, бидејќи како што еднаш имаше обид овие промени да се протнат на локалните избори 2021, каде што не успеаја, успеаја лани да ги протнат под комплетно фалширани изјави и фалширани примери за тоа зошто се прават овие измени. Сега дури и повторно по уривањето на тие измени од страна на Уставниот суд, противуставно да се обидуваат да ги вратат назад во закон.

Сепак, вие објавивте без разлика дали ќе биде подигнат прагот или не, дека одите на локални избори. Ако се усвои моменталниот предлог, вие ќе треба да соберете 3.500 потписи, зборувам за Град Скопје. Досега ви беа потребни 1000. Мислите ли дека ќе успеете да ги соберете ако се подигне прагот?

Нашата борба продолжува, секако. Значи ние ќе се кандидираме, макар и да треба да собираме повеќе потписи. Но, не е тука идејата да застанеме бидејќи е покачен прагот, туку да го искористиме моментумот и незадоволството коешто очигледно го чувствуваат партиите, коешто очигледно го чувствуваат кај граѓаните дека едноставно веќе комплетно не се верува на која било партиска структура и да го канализираме тој гнев на граѓаните за да ги собереме и да ги победиме директно во нивната игра.

Исто така објавивте и повик до жителите на Скопје да се пријават доколку сакаат да бидат независни советници. Каков е интересот досега, ете првата недела?

Имаме веќе неколку пријави, што е многу кул. Идејата на Зелен хуман град, како што и на претходните така и на овие локални избори, е – објавуваме програма што се вика „Мој кандидат“, каде што секој кој што е жител на Град Скопје може да се пријави да биде дел од советничката листа на Зелен хуман град. После има итеративен процес интерно, каде што ние ги интервјуираме тие кандидати и доколку се сложуваме со вредностите и желбите коишто ги имаме на двете страни, тогаш стануваат дел од листата на Зелен хуман град и тие се едни од тие коишто се борат за советничко место внатре. Како на претходните локални избори така и на овие.

Колку отприлика, која е бројка на пријави имате од граѓани?

Сега имаме околу десетина откако го објавивме повикот, што е супер бидејќи знаете кај нас често луѓе се плашат прво воопшто да се инволвираат со политика, што е нешто коешто ние како граѓанска иницијатива се обидуваме да го разурнеме. Не треба ние да се плашиме од политика. Тоа е како да кажам се плашиме од економија или од математика. Политика е наука. Не треба можеби да сакам партии или одредени партиски структури коишто ја угнетуваат државата сите овие години откако сме независни, но дека треба да се инволвирам во политика и те како. Тоа е мое граѓанско право, дури и должност – да ако гледам дека има одредени проблеми во државата коишто не се решаваат од тие коишто се на власт толку време, јас треба да влезам и да ги решам.

На минатите избори како Зелен хуман град извадивте и своја кандидатка за градоначалничка. Тоа беше госпоѓата Ана Петровска. Дали на овие избори ќе настапите со кандидат за градоначалник?

Размислуваме во моментот, така што не е донесена финална одлука од страна на Зелен хуман град. Идејата секако е дека ако можеме на повеќе фронтови да се бориме, дали тоа се градоначалнички места, дали тоа се повеќе листи во повеќе општини и сплотено заедно со сите други независни кандидати коишто не се само ние, туку ги имаме независните за Карпош, Шанса за Центар, Зелените од Гази Баба, Подобро за Тетово, Стига е од Струмица, Поинаку од Битола итн. Идејата е дека сите заедно треба да дејствуваме, сите заедно треба да напреднеме во оваа борба, бидејќи борбата се води токму против сите овие независни кандидати, а не против една конкретна група.

Во актуелниот состав на Советот на град Скопје, од вкупно 45 советници, само двајца сте од Зелен хуман град. Во ваков распоред на силите, колкава беше вашата моќ изминативе четири години?

Зачудувачки, имаше моменти каде што беше клучен гласот на Зелен хуман град. Ќе си речеш два од 45, па не е ни некоја голема бројка којашто ја имам за да одлучуваме, но многу е битно да се види дека тие двајца донесоа целосна транспарентност на Советот. До пред овие локални избори во Советот не се објавуваше ништо, ниту дневен ред, ниту што се гласа, ниту кој како гласа, ниту се емитуваа седниците. Од овој состав на Советот почна да се емитуваат седниците на Фејсбук, а Зелен хуман град, поточно дури и јас лично ги водам веб-страниците mojgrad.mk, каде што сите материјали ги објавуваме – како гласал Советот на секоја точка, како ние како Зелен хуман град сме гласале, за да имаме целосна транспарентност, што никој друг не го прави.

Се со цел да донесеме прво транспарентност, но второ и во клучни одлуки да може ние да сме движечката сила, како на пример, објавувањето на решенијата за интервенција на зеленилото. Тоа значи дека секој пат сега кога градот сака да даде одобрение да се сече некое дрво или да се кастри, мора да го објави јавно, 15 дена да чека за реакција од граѓани пред да може да го стави во примена. Така што имаше и победи дури и со волку мал број на советници, а камо со повеќе.

Ги спомнавте активностите за транспарентност и за животната средина. Вие и сте препознатливи по вашиот глас на темата за заштитата на животната средина. Сметате ли дека генерално Советот на Град Скопје и градоначалничката изминатиот период успеаја да направат доволно во еден мандат за денес да дишеме почист воздух?

Воопшто не, ни малку. Толку предлози ние како Зелен хуман град имаме поднесено. Амандмани буџетски коишто требаше да бидат, а не се имплементираа. Предлози за намалување на загадувањето, краткорочни, среднорочни, долгорочни, коишто не се имплементираа или беа изгласани, па повторно беа одбиени од страна на Советот. Советот и оваа локална самоуправа направија еден циркус од темата аерозагадување, во којшто се чекаше цело време да дојде зима, па тогаш да се активираме со некакви си паушални мерки. Бројките покажуваат дека загадувањето во Скопје не се намали. Реалните чекори што треба да бидат преземени не беа преземени и соработка помеѓу локалната и централната власт не постоеше. А ова е ист пример како и претходните и претходните и претходните години, само вртиме во круг.

Што е тоа што требаше да биде преземено, велите реалните чекори не беа преземени?

Милион и една работа. Прво дека треба да воведеме целосно 24-часовен континуиран мониторинг на секоја инсталација на фабриките коишто ги имаме, и големи и мали. Зборам од огромна фабрика како Цементара до локалната пекара. Секој што согорува треба да знаеме точно колку согорува. Бидејќи велиме имаме инспекции, тие инспекции се јавуваат однапред, тие се најавени, ќе дојде, ќе измери. Јас, како секој нормален, ќе ја намалам печката за да не ми измери колку навистина загадувам. Ако имам 24-часовен автономен континуиран мониторинг којшто седи со сензор, одма ќе знам кој пречекорува колку и веднаш ќе можам да издавам казни, а дури и забрана за работа. Тоа ни е првото.

Второто, намалувањето на зависноста на греењето од мазут или од дрва во Градот Скопје. Значи имаме и државни институции и домаќинства коишто се греат. Имаше одредени субвенции коишто ги даваше Градот, но многу малку беа тие за замена на инвертер клими и реално не се проверуваше дали навистина тие инвертер клими заменуваат реални грејни тела или заменуваат грејно тело коешто било извадено од нечиј подрум. И ред други работи од зелени катастри до намалување на автоцентричноста на градот и фактот дека ние немаме никаков функционален јавен превоз и сите сме зависни од автомобилите.

Како граѓани, како јавност, изминатиот мандат бевме сведоци на чести политички препирки помеѓу градоначалничката Даниела Арсовска и политичките партии што се дел од Советот. Граѓаните на своја кожа почувствуваа проблеми со јавниот превоз, со собирањето на комуналниот отпад. Како вие, како дел од Советот, ја оценувате работата на Арсовска во изминатиот мандат?

Работата е многу слаба. Тоа е очигледно.Значи, ние докажавме дека немаме можност да соработуваме внатре Совет со локална самоуправа кога нема партиска линија. Толку сме се навикнале овие 35 години да има иста партија меѓу мнозинството во Советот и градоначалникот и само така да поминуваат одлуки, што во моментот кога тоа се растресе, сфативме дека не знаеме како да соработуваме. И таков дискурс покажува дека сме многу навикнати на партии, а не на вистинско носење на реални одлуки. Тоа е нешто што ние како Зелен хуман град го зборувавме од сам старт.

Мене не ми е гајле дали предлог-одлуката дошла од советот, од една или друга партија или од градоначалник. Ако е добра, ќе ја поддржиме, ако не е, ќе ја оспориме. Ако на тој начин размислуваат сите, немаше да сме во состојба каде што сме денес од чисти инает политички препукувања и блокирање на градот. Еве, видовме што се случи овие четири години.

Арсовска периодов е актуелна и по нејзината битка со дивоградбите во Чаир. Како вие гледате на тоа? Дали мислите дека е искрена битката или повеќе е политички мотивирана?

Битка со секаков криминал треба да се почитува и доколку се детектира криминал, криминалот треба да биде санкциониран. Јас често сакам и гледам континуираност да имаме во битките. Затоа зборувам, супер што сега се појавуваат тие битки, супер што се изложуваат тие криминали и тие дивоградби коишто се случуваат, но континуираноста во акциите, да се случува ова секоја година, ќе ми докаже дека имаме кристално јасна намера да се истенчи, да се извади криминалот од општеството. Но, доколку тоа е многу фиксирано и стационирано во одреден момент, треба да се објасни зошто. Зошто баш сега почнуваме со ова?

Зошто само Чаир? Дали дивоградбите се проблем само во Чаир?

Секако, значи дивоградбите треба секаде да се искоренат и ред други проблеми коишто ги имаме и во институциите. И затоа велам, многу е круцијално да се има континуираност во борбата. Ако се нема континуираност, тогаш не може да се знае дали таа борба е искрена или е таргетирана.

Како дел од Советот, имате ли информација до каде е новиот генерален урбанистички план за Градот Скопје?

Искрено, не. Воопшто. Значи, ние како совет толку немаме информација од страна на локалната самоуправа што треба преку задни канали да доаѓаме до никакво парче информација за да знаеме што воопшто се случува внатре.
Генералниот урбанистички план нам ни истече во 2022 година. Ние немаме генерален урбанистички план реално којшто е веќе важечки и се водиме по еден којшто е истечен. Моја претпоставка е дека се чека смена на локалната власт за да се донесе тој Генерален урбанистички план и затоа сите овие години тој не е мрднат од дно, а тоа е многу страшно бидејќи во тој урбанистички план треба да биде инволвирана експертската јавност, треба да бидат инволвирани граѓаните, треба да бидат инволвирани советниците. Ако тие три групи не се инволвирани во неговото креирање, повторно ќе продолжи урбанистичкиот хаос којшто веќе денеска го засега Скопје и тоа како.


На почетокот на разговорот дека на минатите локални избори станавте четврта политичка сила по бројот на освоени гласови. Какви се вашите очекувања за претстојните локални избори? На минатите, ако не се лажам, влеговте во 33 совети и освоивте над 55.000 гласови. Што очекувате сега?

Мислам дека очекуваме уште поголеми, побурни резултати, токму поради тоа што покажавме дека останавме на нашите вредности, останавме искрени и чесни во борбата, не направивме никакви коалиции за коишто се обвинуваше од самиот старт – ќе коалицирате со едни или со други – туку останавме исклучиво независни, како што и налага името.

И самиот факт дека имаше многу јасни, видливи резултати кога граѓани, а не политичари, ќе влезат внатре во советите и ќе ја работат работата искрено и чесно. И кога ги имате тие луѓе, што мислам јас сум еден од многуте тука граѓани коишто едноставно сакаат да има подобар живот во Скопје. Јас живеев во странство и се вратив за ова да го правам. Па нормално дека сакам да имам поубав град. Се надевам дека тоа ќе ги мотивира и другите граѓани. Не ми е битно дали биле дел од Зелен хуман град, дали биле дел од другите граѓански иницијативи или формираат сопствена. Се дур чесни граѓани аплицираат, влегуваат во советите и ја менуваат работата внатре, јас ќе сум пресреќен.

Колку вие како Зелен хуман град прогнозирате дека ќе имате советници во новиот состав на Град Скопје?

Никогаш не се знае. Јас би сакал и 45 да имаме и да завршиме со целосно мнозинство внатре во градот, но тоа ќе покаже едноставно волјата на граѓаните да се тргнат од класичните политички партии коишто ги рециклираме и истите луѓе коишто ги рециклираме сите овие години и да имаме нови, свежи лица коишто – и ова ми е многу круцијално – со нивниот активизам и волонтерство докажале во општеството дека сакаат да направат нешто добро пред воопшто да имаат каква било функција. Не може да носиме луѓе на функција коишто не се докажани.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG