Достапни линкови

Дали гневот по трагедијата во Кочани може да се прелее на изборите во октомври?


Протест во Скопје со барање одговорност за трагедијата во Кочани , 24 март 2025
Протест во Скопје со барање одговорност за трагедијата во Кочани , 24 март 2025

По пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 62 млади луѓе, политичарите го избегнуваат Кочани. Но експертите предупредуваат: јавниот гнев, недовербата во системот и барањата за одговорност би можеле да се прелеат на изборите во октомври.

Речиси два месеца по трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 62 млади луѓе, а околу 200 беа повредени, политичките лидери сè уште го одминуваат градот. Трагедијата што го потресе целото општество – и остави отворени прашања за одговорност – сега се наметнува и како тема што може да влијае врз локалните избори во октомври.

Брзо по 15 март стана јасно дека пожарот во клубот бил последица на сериозни системски пропусти. „Пулс“ функционирал со фалсификувана дозвола, без противпожарни аларми, прскалки и итни излези – смртна стапица која со години била толерирана.

Неколку дена по несреќата премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски отиде во Кочани само еднаш, ненајавено, без најава во медиумите, се потпиша во книгата на жалост на плоштадот и многу брзо замина. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, се сретна со семејствата на жртвите пред Собранието, но и тој не отпатува во градот. Ниту еден друг висок политичар не се појави во Кочани – барем не јавно.

Трагедијата ќе остави трага и на изборите

Иако до изборите има уште шест месеци, аналитичарите велат дека трагедијата ќе остави трага.

„Трагедијата од Кочани ќе влијае најмногу на партиите од власта затоа што најголем дел од луѓето состојбите во државата ги поврзуваат со оние луѓе кои се на власт. Но, ќе има влијание и кон другите партии, во смисла дека закажувањето на системот е некаква споделена одговорност низ годините“, вели комуникологот Петар Арсовски.

Со него се согласува и политичкиот аналитичар Џелал Незири, кој смета дека влијанието ќе биде најсилно пред се во Кочани и соседните општини, од каде имаше жртви, а можеби и во остатокот од државата кој го виде цехот на коруптивниот систем граден со години. Одговорноста смета дека е кај сите политички партии кој го создадоа коруптивниот систем кој произведува трагедии.

„Сепак целата ситуација потоа беше прилично добро менаџирана од страна на владата и тоа можеби го амортизираше тој ефект кој би можел политички да биде негативен за владејачките партии. Но, од друга страна и опозицијата се покажа конструктивна до крај и не ја искористи трагедијата за да поентира политички или да излезат на протести со кои би се нарушил актуелниот рејтинг на владините партии“, вели Незири.

Изборна казна или апатија

По трагедијата немаше политичка одговорност, ниту еден функционер не поднесе оставка. Истрагата, како што најави Обвинителството, се очекува да заврши до 16 јуни, а досега се осомничени 68 лица и три правни субјекти.

Веднаш по трагедијата илјадници луѓе во Скопје, а со денови и во Кочани, граѓани и семејествата на настраданите, освен бескрајна тага изразија и гнев заради системот кој произведе ваква трагедија. Тие бараат одговори, но и одговорност за пропустите кои доведоа до несреќата, како и неселективна правда. Но аналитичарите констатираат дека сепак тој гнев не премина во некои трајни и масовни протести.

Арсовски вели дека е нејасно дали незадоволството ќе се прелие во изборна казна или апатија.

„Видовме некаква санација на штетата, видовме некакво барање на одговорност, но не го видовме третиот столб на одговор на кризата, а тоа е како да направиме ова да не се повтори. Мислам дека тука сме во моментов најтенки и мислам дека јавноста тоа го очекува. Од одговорот на политичките елити на тоа ќе зависи и одговорот на јавноста на локалните избори“, коментира Арсовски.

Потсетување и на другите трагедии

Доколку има апатија, бидејќи луѓето веќе не веруваат во политичките партии, и во институциите, Незири смета дека ќе добијат од друга страна поголема шанса независните кандидати кои ќе излезат надвор од тие партиски контури и милитантизам на политичките партии.

За шансите во албанскиот политички блок на локалните избори,Незири посочува дека треба да се има предвид дека пожарот во Кочани ги отвори и раните и од претходните трагедии кои сѐ уште немаат судски епилог, како несреќите на Дурмо-турс, Беса транс, пожарот во модуларната болница во Тетово...

Потсетува дека пред судот во Тетово активисти секој ден лепат плакати со барање одговорност за пожарот во тетовската болница.

„Пред сѐ, за ДУИ кога тогаш беше на власт, но и за ВЛЕН кои управуваат со министерството за економија и имаат кадри во извршната власт кои се индиректно одговорни за тоа што се случи во Кочани“, вели Незири.

Терминот за одржување на редовните локални избори сѐ уште не е определен, но тие треба да се одржат во текот на октомври. Сите поголеми политички партии најавија дека веќе кон крајот на мај ќе почнат да ги објавуваат и кандидатите за градоначалници, а кампањата, иако неформална, веќе започна.

  • 16x9 Image

    Сања Васиќ

    Новинарската кариера ја почнува во весникот „Нова Македонија“ во 1991, а потоа продолжува во телевизија Телма како уредник  и водител во информативната програма каде минува најголем дел од кариерата. Работела и во македонската редакција на Гласот на Америка во Вашингтон, била локален дописник на странски новински агенции, како и предавач и обучувач на медиумски проекти. Во Радио Слободна Европа е од јули 2022.

XS
SM
MD
LG