Достапни линкови

Украинските артилериски тимови во областа Доњецк се борат против руските дронови


Украински војници во регионот на Доњецк
Украински војници во регионот на Доњецк

Како што продолжува војната на украинските фронтови , украинските артилериски тимови продолжуваат да ја бранат разурнатата Доњецка област и покрај постојаните напади од руски дронови.

Украинската редакција на Радио Слободна Европа ја посети единицата која го користи советскиот артилериски систем „Акација“ во близина на од Русија окупираниот рударски град Соледар.

„Работи како часовник откако почна војната“, рече Јегор, војник од единицата.

Од првите денови на инвазијата — кога украинската артилерија напаѓаше километарски колони на руски оклопни возила — руската армија ја смени тактиката.

Сега напредуваат во мали групи, принудувајќи ги украинските артилериски единици постојано да бидат на готовс и подготвени.

„Ги испитуваат нашите одбранбени позиции во различни насоки. Кога немаат успех, само се преместуваат на друго место“, изјави еден украински војник за Радио Слободна Европа.

Покрај пешадиските напади, сè поголемата употреба на FPV (first-person view – поглед од прво лице) дронови претставува постојана закана. Овие дронови сега имаат поголем дострел и подобрени ударни способности, велат членовите на единицата.

Покажувајќи ѝ на РСЕ опремата на единицата за борба против дронови, украинскиот војник познат под кодното име „Доцент“ изјави дека камуфлажата во такви услови е клучна.

„Возилото на нашите колеги беше нападнато со до 30 FPV дронови во еден ден“, додаде тој.

Покрај постојаните напади од руската пешадија, трката за модернизација на дроновите и неодамнешната неизвесност околу понатамошната американска воена поддршка, украинските артилерци велат дека секојдневните напори сега можат да бидат исцрпувачки.

Сепак, решени да ги заштитат своите семејства, тие веруваат дека одбраната е единствениот начин да се приближи мирот.

„Сакам да се вратам кај мојата сопруга и децата, сакам да одам на одмор како и сите други луѓе, да одам на пикник со моето семејство, а не во [ровови] со моите соборци“, рече Јегор.

„Имам син и ќерка. Тие се причината за борба“, додаде друг војник. „Сакам мир за нив, но тоа е долг процес.“


XS
SM
MD
LG