Достапни линкови

Скопје и Софија се договорија да го финализираат договорот за Коридорот 8


илустрација
илустрација

Постигната е согласност да продолжат активностите за изградбата на прекуграничниот тунел, кој ќе биде изграден во согласност со постоечкиот технички проект доставен од страна на Македонија. Двете страни во Брисел се обврзале да ги истражат можностите за заедничко аплицирање за финансирање од ЕУ или од партнерските финансиски институции за заедничка изградба на тунелот кај Деве Баир

Во Брисел се одржал состанок на македонските и бугарските претставници на кој се разговарало за активностите што двете страни ги преземаат во делот на изградба на железничкиот коридор 8.

Како што соопшти Министерството за транспорт, на состанокот, кој се одржал во позитивна и конструктивна атмосфера, како продолжение на последниот состанок во октомври 2024 година, се размениле мислења и се потврдила посветеноста и потребата кон финализација на делот од железничкиот коридор 8.

Двете страни разговарале за напредокот што е постигнат во последните месеци и се согласиле за потребата од обновување на напорите за подготовка на студии и тендер за завршување на прекуграничните делови од коридорот, со посебен осврт на тунелското решение.

„На состанокот на високо ниво се договорија чекорите во следните месеци, при што беа идентификувани приоритети меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година од страна на Македонија“, соопштија од Министерството за транспорт.

Оттаму посочуваат дека се разговарало и за активностите од бугарската страна и активностите што ги преземаат во делот на железницата.

Во однос на заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел помеѓу Ѓуешево и Деве Баир, двете страни се договориле да формираат работни групи кои до крајот на месец јули ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот Договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти.

Двете страни се согласиле да продолжат со активностите за изградбата на прекуграничниот тунел, кој ќе биде изграден во согласност со постоечкиот технички проект доставен од страна на Македонија. Истите се обврзале да ги истражат најсоодветните можности за заедничко аплицирање за финансирање од ЕУ или од партнерските финансиски институции за заедничка изградба на тунелот.

На состанокот од македонска страна присуствувале државниот секретар Стефан Волкановски, директорот на ЈП Железници – Инфраструктура, Синиша Ивановски, заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија, Љубен Нанов. Состанокот го организираше Валентина Суперти, директор за Западен Балкан во Директоратот за проширување.

Инаку тунелот меѓу Ѓуешево и границата се смета за стратешки објект кој ќе го поврзе Црното со Јадранското Море. Во овој момент, Северна Македонија е единствена од трите држави на Коридор 8 која работи во делот на железницата.

Европската Инвестициска Банка која исто така беше дел од средбата понуди своја подготвеност да помогне во техничките дискусии и да помогне во целокупниот процес.

Источниот дел од коридор 8 ги поврзува Македонија и Бугарија и е дел од Европскиот транспортен коридор Западен Балкан - Источен Медитеран.

Првиот дел од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, беше пуштен во употреба во јануари. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, изградени 27,3 проценти, а рокот е 2026 година.

XS
SM
MD
LG