Достапни линкови

Беџети: Не најавивме бојкот на локалните избори, но можна е политичка криза


Беџети: Не знам каде е Груби и немам комуникација со него
please wait

No media source currently available

0:00 0:16:03 0:00

Беџети: Не знам каде е Груби и немам комуникација со него

Ако се чепне Законот за јазиците, секако дека ќе дојде до политичка криза, вели Блерим Беџети од ДУИ. Тој смета дека во таква ситуација не би можеле да се одржат локални избори. На државата, според, него и се потребни и предвремени парламентарни избори. Беџети тврди дека нема комуникација со Артан Груби кој, според него, ако се огрешил пред законот треба и да одговара.

Господине Беџети, како ДУИ најавивте дека ќе нема локални избори доколку со нив паралелно не се одржат и парламентарни избори, ако се чепне законот за јазиците итн. Дали ова може да го толкуваме како бојкот, или како најава за политичка криза што ќе спречи воопшто да се одржат локалните избори?

Напротив, ние не сме најавиле никаков бојкот, ние секогаш сме биле и сме спремни за избори, и на последните парламентарни избори, изборниот легитимитет на етничките Албанци, и другите етнички заедници е кај Европскиот фронт. Предвремени парламентарни избори во Собранието како дебата се отвори од сите, почнувајќи од премиерот Мицковски. Но, факт е дека на државата и се потребни предвремени парламентарни избори, за да излезе од ситуацијава во која не е почитуван легитимитетот на втората етничка заедница во државата. Затоа што само така ќе се врати стабилноста, политичката стабилност, но и можноста во економската и сите други сфери во нашата држава да има стабилност и да се работи на прогрес и општо добро на граѓаните. Недозволиво е да се почитува само едниот легитимитет во државата од двете најголеми етнички заедници во државата, и затоа бараме предвремени парламентарни избори.

А во другата насока од вашето прашање околу најавите за Законот за јазиците, да вистина е, бидејќи ние имавме средби со граѓаните. На тие средби со граѓаните што ги имавме со ограноците на ДУИ, граѓаните имаа можност да постават прашања до претседателот Али Ахмети и до сите други, и ако ги следиме сите прашања и коментари, загриженоста околу ова многу сензитивно прашање е на највисоко ниво. Нормално ние сме избрани од Албанците и граѓаните и ние свесни сме каква ќе биде реакцијата, и затоа е кажан тој став дека тешко дека ќе има локални избори, затоа што се нарушува етничката стабилност, и те како се нарушува.

Очекувате немири во тој контекст?

Не може да се очекува стабилност. Меѓу 13-те политички субјекти што иницирале такви иницијативи пред Уставниот суд е и ВМРО-ДПМНЕ и да очекувате дека тие што го имаат легитимитетот да ускратат права на втората етничка заедница. Мислам дека тоа е јасно, кон што води. Неслучајно ние сме имале и пратенички прашања и други ставови, политички ставови и сме очекувале дека минимално и од коректност и од почит кон втората етничка заедница да се повлече таа иницијатива. А зошто да не се дебатира за сите полиња на прогрес, а не регрес на правата на Албанците.

На кој начин ќе се спречат локалните избори, мислите дека ќе дојде до политичка криза?

Секако дека ќе дојде до политичка криза, ако се чепне во Законот за јазиците.

Дали паралелно, сепак, се подготвувате за локалните избори, дали разгледувате евентуални кандидати?

Ние сме сериозна политичка партија, најорганизирана партија во државата, и се разбира дека во сите сфери се организираме и во овој сегмент, нормално дека во партијата се работи. Има одредени работни групи кои ги следат активностите во овој сегмент, согласно статус на пратија и организација, како генерален секретар, потпретседател. Ние секогаш сме спремни за избори и не случајно сме ги добиле како ДУИ од 2002 година навака во континуитет.

Дали се договоривте со коалициските партнери во Европскиот фронт, како ќе ги делите местата?

Имајќи предвид дека има време до локалните избори, согласно тајмингот, така ја тераме агендата. Значи ни во овој период ни за кандидат не е одлучено, ни со коалиционите партнери не е дефинирано, бидејќи сметаме дека има време. Периодот пред нас за жал и во овој месец, еден параполитички орган како што е Уставниот суд ќе експериментира „во начело на правото“ со законот за употребата за албанскиот јазик.

Но Уставниот суд самиот рече дека не расправа за правото на користење на јазикот…

Но, тие не можат, иницијаторите или која и да е тактиката, не можат секој месец да експериментираат со правата на втората етничка заедница во државата, имајќи ги предвид и ставовите на претседателот на Уставниот суд и начинот на којшто се гласа во Уставниот суд со етничко гласање, веќе е недозволиво. Сите треба да ја преземеме одговорноста и да бидеме претпазливи, не да кратиме еден спрема друг и да кратиме права.

Често од владејачките политичките партии ве обвинуваат дека се обидувате да направите дестабилизација и дека е редно време да се помирите дека сте опозиција. Дали сте помирени со тоа?

Ние како политички партии најавивме и за жал бевме во право, тоа е политички жаргон што го велите, најавивме дека непочитувањето на легитимитетот ќе има последици и се докажува во практика дека има последици. Се укинуваше Балансерот без да се донесе закон, што го најавуваат како мали деца секој месец – овој месец, наредна недела ќе има. Една од начелата на правична застапеност произлегува од Рамковниот договор. Законот за јазиците и ред други прашања. Ја гледате целата клима, што значи ова? Не може вака, докажано е дека со вазалството, со луѓе кои служат за некакви лични цели, не како што се гласачите, туку некои челници на ВРЕДИ, кои лично си знаат какви хипотеки си имаат, недозволиво е во овој случај ВМРО-ДПМНЕ да ги употреби и да им скрати права на Албанците.

Затоа цело време укажуваме дека Албанците нема да се помират и нема да се сложат со тоа. Ако тоа се смета, реакцијата дека некој предизвикува политичка криза, не. Тој што иницира, тој што постапува, тој што носи одлуки – иницира политичка криза. Да укинат Закон за јазици, дијаспората да се укине од секакви права, само даноци да плаќаат, балансерот итн. Што треба да кажеме, се е во ред, дами и господа, претставници од владејачкото мнозинство? Не, фала, не сме избрани за тоа и немаме легитимитет за тоа.

Постојано се повикувате на легитимитет дека вие сте освоиле повеќе гласови, а од друга страна по изборите во 2016 година имаше слична ситуација во случајот вие како ДУИ формиравте влада со СДСМ иако ВМРО-ДПМНЕ имаше повеќе гласови.

Ние сме ги повикале, овластените претставници, а не да пуштаат по медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ, ако сметаат и на оваа тема да отвориме еден сериозен разговор пред целата јавност зошто не дојде до формирање на Влада. Ние почитувавме изборен легитимитет и тогаш, преговараме со ВМРО-ДПМНЕ за составување на влада. Зошто не дојде до формирање на влада, има и актуелни министри и пратеници кои многу добро знаат. Но, не е коректно ние од наше име да толкуваме како што се обидуваат од условно кажано од спротивната страна, да коментираа кои би биле нашите одлуки. Нека повелат на дебата, дали во Собрание или во кој било медиум да разговараме дека ние сме почитувале и сме преговарале.

Кога се формираше владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, вие помогнавте со вашите гласови во Собранието да се изгласа реорганизација на министерствата, а за возврат добивте ад хок комисија што ќе прави надзор врз институциите за правична застапеност. Таа комисија имаше до сега само конститутивна седница, зошто не работи таа комисија?

За тоа како работи, колку работи и дали работи ќе си го прашате Талат Џафери. Но, докажавме дека сме во право и тогаш, затоа што после тоа дојде и до укинувањето на мерката балансер и се лажеше јавноста дека за две три недели ќе се донесе закон за правична застапеност и еднаква застапеност, и хоризонтално и вертикално, согласно Уставот и Рамковниот договор. Бевме во право што бевме загрижени, што имавме таков став за да имаме таква комисија во Собранието за да може да следи.

Вие како колега не сте го прашале господинот Џафери?

Јас ги имам сите информации и во делот на таа комисија, на таа комисија два пати треба да и реферираат сите институции и нормално се работи и во таа комисија. Тоа беше наше политичко барање, и тогаш имаше разбирање, ќе видиме сега дали институции ќе постапуваат и да следиме дали се реализира уставната обврска. Сега не само што е укината мерката балансер, туку и етничката припадност. Ако јас и вие аплицираме за работно место, нема да може да покажеме етничка припадност. И тука се тие опасни тенденции каде се движи државата.

Поминаа речиси три месеци од бегството на Артан Груби. Кој е вашиот личен став, дали требаше Груби да избега?

Не е само личен став, туку и партиски став е, секој што згрешил пред законот треба да одговара пред органите. Но, имајќи предвид дека дотичниот господин не е веќе дел од структурите и партијата, тоа веќе е негово лично.

Дали вие сте контактирале со него?

Не.

А знаете каде се наоѓа?

Не сум имал комуникација, ни претходно, ни после случајот, реално тоа треба да го знаат надлежните органи.

Неодамна премиерот Мицкоски зборуваше за поранешниот премиер Никола Груевски дека се среќавал со ваши функционери во Будимпешта. Имате ли информација кои од вашите сопартијци се среќавал со Груевски?

Секогаш кога има чувствителни теми, премиерот се труди со некои конспиративни тези да се занимава. Поранешниот премиер Никола Груевски, е и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ и многу негови соработници денес ги има и во Собранието, и во локалната власт, и во Владата итн. За тоа со кого се среќавал Груевски најдобро знаат во ВМРО-ДПМНЕ. Ние нити имаме информација со кого се среќава, нити сме обврзани да знаеме.

Заменик градоначалникот на Скопје си поднесе оставка и кажа дека „со Скопје раководи и владее екипа од Сарај и ДУИ“. Каква е вашата соработка со градоначалничката Данела Арсовска?

Па градоначалниците и советниците си соработуваат и добро е да ги прашате нив колку се задоволни во донесување на буџетот, амандманите кога се расправа. Затоа што ако не се усвои нешто во Советот, не може нешто да се реализира. Имајќи предвид дека сум бил градоначалник и ги знам приликите во Советот на Град Скопје, бидејќи и ДУИ има таму советници, доста нејасна е ситуацијата, бидејќи мнозинство и таму има ВМРО-ДПМНЕ и поповикани се тие да ги прашате.

Спомнавте дека и вие бевте градоначалник, дојдовте од Општина Сарај, дали пак имате амбиции да се вратите на градоначалничката позиција на изборите во октомври?

Лично немам амбиции за такво место, работиме како партија, и утре да ги има локалните и предвремените парламентарни избори ве уверувам и вас и јавноста дека ние ќе добиеме на ниво на цела држава, ќе ги добиеме изборите.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG