Достапни линкови

Доживотен затвор за сторителите на грозоморните убиства на Вања и Панче, таткото ослободен


Пресуда за убиство и грабнување на девојчето Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, доживотен затвор за четворица обвинети, Кривичен суд - Скопје, 25 јуни
Пресуда за убиство и грабнување на девојчето Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, доживотен затвор за четворица обвинети, Кривичен суд - Скопје, 25 јуни

Судијата од Кривичен суд - Скопје Ивица Стефановски за четворица обвинети денеска изрече казна доживотен затвор за убиствата и грабнувањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски. Таткото на девојчето кој беше обвинет за помагање доби ослободителна пресуда.

Вака заврши првостепената постапка за грозоморните убиства кои ја потресоа јавноста а кои се случија на крајот на ноември и почетокот на декември 2023 година.

Судијата изрече доживотен затвор за првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо како и за Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев. Таткото на малолетната Вања, Александар Ѓорчевски го ослободи од обвинението бидејќи како што истакна судијата, обвинителството не успеало да ја докаже вината.

„Обвинителот и покрај убеденоста не успеа да докаже дека обвинетиот Ѓорчевски го сторил делото кое му се ставаше на товар па за тоа го ослободува. Останатите обвинети се виновни бидејќи на свиреп начин ја лишиле од живот жртвата Вања Ѓорчевска, изложувајќи ја на тешко психичко страдање. Велибор го извадил девојчето од багажникот, ја ставиле во дупка која претходно ја ископале, а Палевски со пиштол НН марка преку перниче кое го пронашол во близина, испукал куршум во главата на девојчето“, рече судијата Стефановски.

Судијата целосно го објасни и убиството на пензионерот Панче Жежовски за кое исто така обвинетите добија доживотен затвор.

Според пресудата, на 22 ноември 2023 година, „обвинетите заеднички извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, Љупчо Палевски Палчо му пукал во глава, по што го заплениле неговото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје“.

Малолетната Вања беше грабната на 27 ноември,од влезот на нејзината зграда кога утрото се упатила кон училиште. Сторителите „ја врзале, ја ставиле во вреќа за спиење па во багажникот на „Цитроенот“ и во близина на Скопје ја убиле. Двајцата беа пронајдени мртви на 3 декември 2023 година.

Таткото беше осомничен дека им дал информација за тоа кога девојчето ќе излезе само за на училиште, помина неколку месеци во притвор и куќен притвор, сведочеше дека признал вина откако во полиција бил претепан. Денеска судот го ослободи од вина и од куќен притвор.

Обвинителството не се откажува од гонење на таткото на Вања

Обвинителството е не е задоволно од одлуката на судот да го ослободи таткото на убиеното девојче Вања. Најави дека ваквата одлука ќе ја обжали пред Апелациониот суд бидејќи не слушнало никаков аргумент за ваквата одлука а и смета дека има доволно докази за тој да биде осуден за помагање во убиството.

„Неспорен факт е дека единствено родителите знаеле дека детето по исклучок тој ден ќе оди на училиште само. Двајца од обвинетите го посочија токму таткото дека е тој што ја кажал оваа информација. Сега осудените да не знаеле дека детето ќе оди само, немало да има грабнување што значи дека немало да има можност ни за другото дело убиство. Обвинителството не можеше да помине преку овој факт“, рече обвинителката Ана Стојковиќ Димитриевска.

За адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ не е јасно зошто по секоја цена обвинителството инсистираше таткото да е дел од оваа постапка. Смета дека од прв момент се знаело дека нема ни еден доказ.

Тој повика истражните институции, БЈБ, полициските инспектори инволвирани во случајот да дадат одговори на неколку прашања.

„Дали со инволвирањето е сторен дефокус и тоа направен свесно, за она што треба да е вистински предмет за истрага? Во судница беше изнесено дека од 2022 година се кроеле списоци за киднапирање и убивање луѓе. Со цел на реализација на овој план овие луѓе копале дупки низ земјата. Дали имале логистика по институциите? Ова заслужува како одговор да го добие јавноста и ние како општество да бидеме сигурни, за да не му се случи нешто на друг родител“, рече адвокатот Туфегџиќ.

Сепак рече дека ќе се консултира со својот клиент дали ќе поднесе кривични пријави бидејќи за сега не е расположен за тоа. Очекува правна разврска и за пријавата за тортура врз неговиот клиент.

Осудените незадоволни од пресудата

Адвокатите на доживотно осудените најавија жалба на одлуката на судот. Сметаат дека немало доволно докази за да се изрече доживотен затвор, а адвокатот на првообвинетиот Љупчо Палевски го нарече процесот циркус.

„Како почна така заврши овој циркус. Пресудата не е издржана, препишано е целото обвинение во неа, без ни еден доказ. Не се земени предвид ниту доказите на одбраната“, рече адвокатот Јовица Страшески.

За адвокатот на Боре Видевски има повеќе конфузни работи во пресудата поради кои ќе се жалат.

„Ако ја слушнавте објавата има два непобитни факти. Судот ги ослободи од грабнување на Жежовски, па како го убија ако не го грабнаа. Конфузно е и обвинението и пресудата која е препис дека убиството се случило некаде околу 10 часот, а цела Македонија виде на снимките дека тој е жив во 12 часот на бензинска пумпа“, рече Бојан Манев, адвокат.

И адвокатот на Влатко Кешишев смета дека судот згрешил кога го осудил неговиот клиент на најстрога казна.

„Не ги земал предвид олеснителните околности а тоа е дека без Кешишев, немаше да ги најдат телата, а сметаме дека судот не поклони доволно верба во делот дека истиот бил под страв и делувал по наредба на Палевски“, рече Игор Ефремов, адвокат.

Сите четворица осудени остануваат во притвор. Обвинителството вели дека изречените доживотни казни се доказ дека ниту еден сторител не може да остане неоткриен дури и при вакви грозоморни кривични дела кои до детали се испланирани.

„Семејствата не би биле задоволни со ниедна пресуда со оглед на она што изгубиле но тоа што е изречена највисока казна затвор сепак упати јасна порака кон системот“, рекоа обвинителките.

Судење во траорна атмосфера

Целокупниот судски процес се одвиваше со многу траорни сведочења, тага и нејаснотии. Додека сите обвинети негираа вина и мотивот дека жртвите ги грабнале за уцена и пари, обвинителството остана на ставот дека првичната цел била изнуда.

На стартот сите рекоа „Не се чувствувам виновен“, но по девет месеци во завршните зборови дел од обвинетите изразија каење а првообвинетиот посочи дека друг е извршител на убиството.

Кешишев се покаја и рече дека имал грижа на совест што бил дел од групата, но дека не учествувал во планирањето и извршувањето на убиствата. Палевски првпат јавно ги посочи Велибор Манев како организатор, Боре Видевски како извршител, а Влатко Кешишев како стражар во двата кривично-правни настани.

Манев ја откри информацијата дека синиот ранец со оружјето и моторолите бил скриен од член на партијата „ Десна“, по налог на Палевски додека Видевски признанијата се изнудени, а истрагата водена во погрешен правец.

Мајката на Вања писмо до судот побара да не дозволи ова да се случи повторно!

„Вакво злосторство не смее да се толерира. Не смее веќе родители да плачат и да молат за правда. А јас сега молам за правда. Правда за Вања“, напиша Зорица Ѓорчевска.

Судењето започна на 20 септември, се одржаа 35 рочишта на кои јавноста присуствуваше и покрај барањето на обвинителството медиумите да не присуствуваат на рочиштата.

Истрага за пиштолот и моторолите

Пиштолот со кој се убиени жртвите се уште не е пронајден. Се води како НН со калибар 9 мм. На 20 јуни во своите завршни зборови Велибор Манев откри дека човек вработен во Народна банка бил задолжен за да ги уништи пиштолот со кои се убиени жртвите и моторолите кои се користени за комуникација.

По ова јавен обвинител нареди посоченото лице да го приведе и против него отвори истрага за – Помагање на сторител по извршено кривично дело согласно член 365 став 3 од Кривичниот законик, соопштија од Обвинителството (21 јуни).

„Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор“, рекоа од Обвинителството.

Според сведочењето по инструкции од Палчо, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓал пиштолот – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата.

Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени, посочија од Обвинителството.

Со цел обезбедување на осомничениот до завршување на постапката, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост. Привремено му е одземен пасошот, и треба да се јавува повремено кај службено лице во судот.

Истрагата е посебен предмет кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства. Инаку на стартот на процесот адвокатот на обвинетиот Манев рече дека дошле до сознанија за празнина во доказите а кои се однесуваат на оружјето со кое е извршено делото.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG