Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со случајот „Крмзов“ води постапка против 23 физички и 15 правни лица, осомничени за злосторничко здружување, даночна измама, перење пари и несовесно работење. Според првичните проценки, штетата изнесува околу 90 милиони евра, а незаконските активности се реализирале преку фиктивни договори, манипулации со ДДВ и продажба на недвижности.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека Обвинителството внимателно ги цени основите за случајот.
“Да се остави на проценка на Обвинителството да се процени кои мерки се потребни за обезбедување. Основите за тоа ЈО внимателно ги цени. Сега истрагата почнува, што ќе излезе натаму, ќе видиме, се надеваме дека ЈО во рокот ќе поднесе обвинение“, изјави Коцевски.
Вчера, на 9 јуни беше уапсен струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, за кого беше отворена истрага за злоупотреби и изречен му е притвор во траење од 30 дена.
Истрагата за случајот познат како „Крмзов“ е при крај, беше потврдено на брифинг со премиерот Христијан Мицкоски, во ноември минатата година кога и беше посочено дека наскоро ќе бидат објавени информации за злоупотреба на милионски суми поврзани со поврат на ДДВ на компании.
Според Обвинителството, речиси 38 милиони евра заработиле фирмите поврзани со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, дел од нив и наменски формирани за незаконски поврат на ДДВ од државата со препродажба на недвижнини само на хартија, без претходна физичка уплата. Потоа ги переле тие огромни суми пари кои УЈП им ги враќала како ДДВ од „купопродажните“ меѓусебни активности на тие фирми.
Истрагата на обвинителството покажала дека од 4.000 до 20.000 евра метар квадратен чинел деловниот простор кој фирмите меѓусебно фиктивно го продавале и една на друга и секоја си добивала од државата поврат на ДДВ.
Обвинителката Верица Бержецка Крстева вели дека станува збор за голем број поврзани компании. Таа информираше дека незаконските активности се реализирале преку фиктивни договори, манипулации со ДДВ и продажба на недвижности по екстремни цени. Деловните простории кои што биле продавани, како што дополни, се наоѓале во Струмица и сите се во сопственост на правното лице Крмзов.
„Осомничени се сметководители, управители на правни лица и инспектори на УЈП, а се разгледува можноста истрагата да се прошири со нови лица и временски периоди“, дополни обвинителката.
Шефот на Јавното обвинителство против организиран криминал , Ислам Абази, информираше дека истрагата опфаќа период од 2019 до 2024 година и дека штетата се проценува на околу 90 милиони евра.
„Има вкупно 23 обвинети физички и 15 правни лица. Се сомничат за злосторничко здружување, даночна измама, перење пари и несовесно работење. За дел од обвинетите има побарано притвор, за дел други мерки на обезбедување“, рече Абази.
Според информациите од Обвинителството, уште во 2023 година дека нешто не е во ред со огромните суми поврат на ДДВ на 15-тина струмички фирми алармирала поранешната директорка на УЈПСања Лукаревска.
Во септември лани беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.