Европската унија (ЕУ) ќе продолжи да ја таргетира воената економија на Русија и следниот пакет санкции против Москва треба да биде готов до следниот месец, кажа Каја Калас, шефица за надворешна политика на Европската унија, јави Ројтерс.
Таа зборуваше по виртуелниот самит на Европскиот совет за војната во Украина, еден ден по вонредниот самит на украинските и неколку лидери на ЕУ со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Калас рече дека „единството меѓу лидерите на ЕУ на денешниот виртуелен самит беше опипливо“ и дека ги ставила темите за безбедноста на Украина и санкциите против Русија на врвот на агендата за разговорите следната недела меѓу министрите за надворешни работи и одбрана на ЕУ.
„Не може да му се верува на (рускиот претседател Владимир) Путин дека ќе исполни какво било ветување или обврска. Затоа, безбедносните гаранции мора да бидат доволно силни и веродостојни за да ја одвратат Русија од прегрупирање и повторно напаѓање“, напиша Калас во објава на мрежата „Икс“ (поранешен Твитер).
Лидерите на Европската Унија (ЕУ) денеска (19 август)на видеоконференција ги разгледуваат резлтатите од разговорите во Вашингтон на 18 август за завршување на војната во Украина, по што американскиот претседател Доналд Трамп телефонски го повика рускиот претседател Владимир Путин за да договори средба меѓу рускиот и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Сите членови на Европскиот совет, највисокото политичко тело на ЕУ, учествуваат на видеоконференцијата на европските лидери во 13:00 часот на 19 август, а фокусот ќе биде на координирање на следните чекори по разговорите во Вашингтон, потврди претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Заедно со Соединетите Држави, ЕУ ќе продолжи да работи за траен мир што ги штити виталните безбедносни интереси на Украина и Европа“, напиша Кошта пред состанокот на лидерите на ЕУ на 19 август, на мрежата X.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека преговорите со САД за безбедносни гаранции за Украина ќе продолжат денеска, пишува Би-Би-Си.
„Сега ќе работиме со САД за тие безбедносни гаранции“, рече Стармер од Вашингтон.
Тој потврди дека тимовите се задолжени за понатамошните чекори и најави дека наскоро ќе започнат со работа.
Стармер додаде дека верува оти таквите гаранции ќе донесат безбедност и стабилност. Според него, тие ќе ги смират луѓето во Европа, во Украина, но особено во Обединетото Кралство.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека очекувањата од состанокот во Вашингтон не само што се исполнети, туку и надминати, и дека рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се сретнат во рок од две недели.
„Средбата, за која Путин се согласи за време на телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, ќе се одржи на локација која сè уште не е одредена“, изјави Мерц пред новинарите.
„Американскиот претседател разговараше со рускиот претседател по телефон и се согласи рускиот и украинскиот претседател да се сретнат во следните две недели“, рече тој.
Мерц, исто така, рече дека верува оти цела Европа треба да учествува во безбедносните гаранции за Украина, пофалувајќи ја најавата на Трамп дека и САД се подготвени да ги обезбедат. Тој исто така рече дека чувствува оти ова се одлучувачки денови за Украина, но дека не е сигурен дали Путин ќе „има храброст“ да дојде на состанокот со Зеленски.
Мерц, заедно со делегација од европски лидери, учествуваше на состанок со Трамп во Вашингтон во понеделник за да го поддржи сегашниот украински претседател Володимир Зеленски и рече дека нивните разговори со американската администрација сега ќе се свртат кон деталите за безбедносните гаранции за Украина.
На разговорите во Белата куќа им претходеше состанок меѓу Трамп и Путин во Алјаска на 15 август, по што американскиот претседател посочи дека е постигнат „голем напредок“ во разговорите за условите за мир.
Западните медиуми објавија дека Путин предложил мировен договор што би подразбирал повлекување на Украина од голем дел од територијата во регионот Донбас.
Тоа предизвика тревога во Киев и европските престолнини, кои стравуваат дека повлекувањето од силно утврдените области би ја оставило Украина опасно изложена на понатамошни руски напади.
Специјалниот пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф, изјави за Си-Ен-Ен на 17 август дека за време на самитот во Алјаска било договорено Вашингтон и неговите сојузници да понудат „револуционерни“ гаранции на Украина во форма на „заштита слична на Член 5“, иако не даде детали.
Фразата доаѓа од Член 5 од основачкиот договор на НАТО, клучна клаузула што го третира вооружениот напад врз една членка како напад врз сите.
Спротивно на популарното верување, тој не ги обврзува членовите на НАТО целосно воено да интервенираат во поддршка на друга членка, доколку биде нападната.
Она што го вели е дека секоја членка на НАТО „ќе ѝ помогне на нападнатата страна или страни со преземање веднаш, поединечно и во согласност со другите страни, мерки што ги смета за неопходни, вклучително и употреба на вооружена сила“.
Од основањето на НАТО во 1949 година, Член 5 е активиран само еднаш: по нападите на 11 септември.
Тој чекор предизвика операции и мерки за поддршка поддржани од алијансата, додека имаше разлики во обемот и времето на придонесите од членовите на алијансата.
Повикот за договор според Член 5, се чини, го позајмува овој концепт на колективна одбрана, за примена надвор од системот на договори на НАТО.
Тоа нема да ја направи Украина членка на НАТО, нешто што Трамп конкретно го исклучи.