Достапни линкови

НАТО одлучи секоја земја да одвојува по 5 насто за одбраната


Самит на НАТО во Хаг
Самит на НАТО во Хаг

На самитот на НАТО во Хаг, лидерите се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана, да го потврдат Член 5 и ги оставија надежите на Украина за членство нерешени. Трамп повторно го привлече вниманието, добивајќи раскошни пофалби од генералниот секретар на алијансата.

Лидерите на НАТО се обврзаа дека членовите на Алијансата ќе трошат 5 проценти од својот БДП секоја година за одбрана и безбедност до 2035 година за да ги исполнат „индивидуалните и колективните обврски“. Ова е втора точка од декларација од самитот во Хаг, која беше усвоена денеска на 25 јуни.

Во декларацијата се наведува дека членовите ќе поднесат „годишни планови“ за да демонстрираат „кредибилен и прогресивен пат кон таа цел“, со поширок преглед на напредокот закажан за 2029 година.

Декларацијата од пет точки вклучува потврда за „цврстата посветеност на 32-те земји-членки на колективната одбрана како што е дефинирано во „Артиклот 5“ од Вашингтонскиот договор, според кој, напад врз една земја членка се смета за напад врз сите“.

Марк Руте - генсерален секретар на НАТО
Марк Руте - генсерален секретар на НАТО

Документот, исто така, вклучува ветување за континуирана поддршка за Украина, истакнувајќи дека „безбедноста на Украина придонесува за безбедноста на Алијансата“.

Во посебна реченица се истакнува „долгорочната закана што Русија ја претставува за евроатлантската безбедност“.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претходно во Хаг изјави дека една од 32-те членки на алијансата - САД, предолго носела премногу од товарот на финансирање на таа воена алијанса и дека тоа ќе се промени денес.

Отворајќи го состанокот на Северноатлантскиот совет , Руте ја нагласи важноста на одлуката сојузниците да издвојат пет проценти од бруто-домашниот производ (БДП) за одбрана, на што инсистира американскиот претседател Доналд Трамп.

„Денешните одлуки ќе генерираат илјадници милијарди долари повеќе за нашата заедничка одбрана со цел да се изедначи нивото на трошење меѓу САД и сојузниците колку што е можно повеќе. Ова исто така значи огромно проширување на нашата посветена индустриска база од двете страни на Атлантикот. Ова е добро за нашата безбедност, за нашите економии и за нашите работни места“, рече Руте.

Хаг - Самит на НАТО
Хаг - Самит на НАТО

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави пред самитот дека Шпанија нема да може да ги зголеми средствата на пет проценти од БДП до 2035 година, нарекувајќи го новиот рок „неразумен“.

Руте, пак, ја отфрли можноста Шпанија да ги наруши плановите на НАТО, велејќи дека очекуваните одлуки не се лесни, но дека „тие немаат алтернатива, имајќи ја предвид заканата од Русите и меѓународната безбедносна ситуација“.


XS
SM
MD
LG