Достапни линкови

Нема повеќе часови по украински јазик во областите во Украина под руска контрола


Часовите по украински јазик официјално ќе бидат прекинати во училиштата на окупираните територии од 1 септември 2025 година
Часовите по украински јазик официјално ќе бидат прекинати во училиштата на окупираните територии од 1 септември 2025 година

Организациите за човекови права предупредуваат дека Москва се обидува да го избрише украинскиот идентитет и да ги русифицира деловите од Украина што ги контролира. Според нацрт-директивата, украинскиот јазик ќе биде отстранет од наставната програма во училиштата под руска контрола.

Од почетокот на војната во Донбас во 2014 година до целосната инвазија во февруари 2022 година, рускиот претседател Владимир Путин се обидуваше да ја оправда агресијата на Москва врз Украина повикувајќи се на наводната потреба да се заштити рускиот јазик и оние што го зборуваат од властите во Киев.

Сепак, во областите на јужна и источна Украина окупирани од руските сили по повеќе од една деценија конфликт, украинските официјални лица и активисти ја обвинуваат Русија дека се обидува да го искорени украинскиот јазик, што го сметаат за дел од поширока кампања за русификација на тие украински области и бришење на украинскиот идентитет.

Русија е подготвена да направи голем чекор во оваа насока со почетокот на учебната година на 1 септември. Според нацрт-директивата на руското Министерство за образование, во областите на Украина под руска окупација, што е околу една петтина од земјата, часовите по украински јазик се откажуваат во основните и средните училишта.

Во декретот како причина за отстранување на украинскиот јазик од наставната програма се наведуваат „промените во геополитичката ситуација во светот“.

Сепак, украинските функционери и активисти тврдат дека целта не е да се одразат промените, туку да се наметнат - да се зајакне доминацијата на Москва над Крим и четирите копнени области што Путин, седум месеци по почетокот на целосната инвазија, ги прогласи за дел од Русија без никаква основа: Херсон, Запорожје, Донецк и Луганск.

Директивата одговара на напорите на Путин да ја покори Украина, за која тој јасно стави до знаење дека нема право на целосен суверенитет и, во најдобар случај, треба да биде лојална подружница на Русија.

Исто така, лажно се тврди дека Русите и Украинците се „еден народ“, додека пропагандата на руската државна телевизија редовно ги повторува овие лаги.

„Окупаторите совршено добро разбираат дека културниот идентитет е многу важен и дека човек кој го познава украинскиот јазик во иднина може да стане дел од украинскиот свет, дел од украинската заедница“, истакнува Станислав Федорчук, претседател на Украинскиот народен совет на Донецк и Луганск.

Целта на Русија е да „ги прекине врските со јазикот како средство за комуникација и да го отстрани од образовниот процес“, додава Федорчук.

Оља, 18-годишна девојка која одела на училиште во делот од Донбас контролиран од Русија, а сега учи на територијата контролирана од Украина, за Радио Слободна Европа изјави дека по окупацијата, украинскиот јазик и литература биле споени во еден предмет, кој првично се одржувал еднаш неделно, но потоа „сè поретко, додека во 2020 година го укинале целосно“.

Русија ги користи училиштата во окупираните територии за „регрутирање ученици во разни милитаризирани, паравоени структури“ - со цел овие деца подоцна да се борат за Руската Федерација“, тврди Федорчук.

„Во тој процес, нема место за украинскиот јазик - ниту за ништо украинско“, додава тој.

Во учебната 2023 и 2024 година, украинскиот јазик како мајчин јазик беше задолжителен во руските-окупирани делови на Запорошката и Херсонската област, според руското Министерство за образование, додека часовите по украински јазик беа достапни на барање на родителите во Крим и во руските контролирани делови на Донецк и Луганск.

Технички, отстранувањето на украинскиот јазик од наставната програма не ги спречува поединечните училишта да организираат часови по украински јазик, но тие би морале да бидат надвор од редовниот распоред и веројатно би привлекле несакано внимание од сите вклучени, од училишната администрација до учениците и нивните родители, истакнува Федорчук.

„Верувам дека го оставија ова за да си ги измијат рацете од сè и да кажат“:

„Видете, им дадовме слобода на училиштата во окупираните територии да го задржат украинскиот јазик ако им треба“, објаснува тој.

Всушност, напорите за учење или изучување на украинскиот јазик, без разлика дали лично или од далечина можат да доведат до прогон од страна на руските окупаторски власти, сметаат украинските и меѓународните организации за човекови права.

„Руските власти и нивните соработници го казнуваа учењето на далечина или наставата по украинската наставна програма, заканувајќи им се на родителите со казни, губење на старателството над децата и притвор доколку не ги запишат своите деца во „руски“ училишта или доколку нивните деца ја изучуваат украинската наставна програма од далечина“, се наведува во извештајот на Хјуман рајтс воч од јуни 2024 година.

Околу 44 000 од приближно 600 000 деца на училишна возраст во деловите од Украина окупирани од Русија или околу седум проценти учат од далечина во училишта управувани од Украина, информира Центарот за граѓанско образование „Алменда“, украинска организација чии активности вклучуваат документирање на кршења на правата на децата во воено време.

Притисокот врз училиштата, наставниците и учениците оди подалеку од самото прашање на украинскиот јазик.

„Окупаторските власти користеа принуда, притворање, малтретирање и тортура за да ги принудат украинските наставници да соработуваат со нив или да им ги предадат ученичките евиденции и други училишни информации“, соопшти Хјуман рајтс воч.

Откако зазедоа делови од регионите Херсон и Запорожје на почетокот на целосната инвазија, руските окупаторски власти ги анкетираа родителите и открија дека околу половина сакаат нивните деца да учат украински, изјави за Радио Слободна Европа аналитичарот на Центарот Алменда, Олех Оредко.

Сепак, додаде тој, окупаторските власти почнале да ги отстрануваат украинските книги од училиштата и библиотеките, понекогаш и ги гореле, а честопати ги заменувале со руски книги.

Во пристанишниот град Бердјанск на Азовското Море и на други места во Запорошката област, според Охредко, руските сили со денови држеле некои наставници во подруми, обидувајќи се да ги принудат да соработуваат, а потоа ги депортирале.

„Украинските наставници на териториите на Украина окупирани од Русија се подложени на закани и злоупотреби за да бидат принудени да работат против нивна волја“, изјави Агнес Каламард, генерален секретар на Амнести Интернешнл, во извештајот од октомври 2024 година.

„Тие се соочуваат со тежок избор: или да остават сè зад себе и да избегаат, или да станат дел од образовен систем кој се стреми да индоктринира деца, вклучително и оправдување на руската агресија“, додаде Каламард.

Според „Хјуман рајтс воч“, со ограничувањата на Русија за учење на украинскиот јазик и наставната програма што ја воведе и која „вклучува учебници по историја што ја оправдуваат руската инвазија и ја прикажуваат Украина под сегашната влада како „нацистичка држава“, се кршат повеќе меѓународни конвенции и стандарди.

„Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на детето го гарантира правото на децата на образование кое развива почит кон „сопствениот културен идентитет, јазик и вредности“ на детето, како и кон „националните вредности“ на земјата на потекло на детето“, се вели во минатогодишниот извештај на ХРВ.

„Наметнувањето промени во образованието на окупираните територии од страна на Русија, исто така, ги крши и другите меѓународни стандарди за човекови права, вклучувајќи ја забраната за воена пропаганда, правото на децата на образование на мајчин јазик и правото на родителите да го изберат образованието на своите деца“, се додава во извештајот на американската организација.

XS
SM
MD
LG