На самиот брег на Охридското Езеро, каде зеленилото од летувалиштето Горица се спушта кон водата, никнува нов хотел на парцела од 15.787 метри квадратни. Не би било ништо необично, доколку локацијата не беше дел од заштитено природно и културно наследство под УНЕСКО.
Фирмата Дивелоп Груп, која сега е една третина во сопственост на Јордан Мијалков - синот на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, во 2011 година победува на јавно наддавање за продажба на тогаш државното земјиште.
Таа година Сашо Мијалков сè уште е директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), а наддавањето за земјиштето го објавува Министерството за транспорт и врски предводено од неговиот сопартиец Миле Јанакиески.
Летото, истата година, токму на таа локација според граѓанската организација „Охрид SOS“, избувнал пожар во кој изгореле треви и борови.
„Според МВР, поради немање соодветна пријава од инспекторатот за пожари, нема водени истраги за предизвикан пожар. Теренот се расчистува, а покрај изгореното, се сечат и здрави стебла“, велат од „Охрид SOS“.
„Охрид SOS“ е меѓу граѓанските организации за заштита на Охрид, која заедно со „Фронт 21/42“ сметаат дека изградбата на хотелот е последица на корупција.
Компанијата Дивелоп груп ги отфрла ваквите тврдењата велејќи дека во јавноста се лиферуваат информации за хотелот од поединци со цел да се блокира инвестицијата и да нанесе штета и на градот и на државата и на компанијата.
Граѓанските организации бараат стопирање на изградбата
Во изминативе години „Охрид SOS“ и „Фронт 21/42“ постојано алармираат дека македонските институции издавале дозволи за градба на локации во Охрид иако знаеле дека се под заштита на УНЕСКО.
Како илустрација на овој тренд, меѓу другите ги наведуваа случаите со хотелот во Лагадин и уште еден хотел кај локацијата Аквалина – проекти кои започнаа со градба, беа стопирани, но сè уште не се целосно затворени и остануваат во процес на реализација.
За хотелот кај Горица на Дивелоп Груп, граѓанските здруженија „Охрид SOS“, и „Фронт 21/42“ тврдат дека „Мијалков присвојува државно земјиште“ на една од најатрактивните локации во Охрид и дека со „актуелната против-законска градба“ уништува дел од светското наследство.
Фирмата, од друга страна, ги негира овие наводи велејќи дека се неточни и тенденциозни со намера да ја попречат инвестицијата, за која сметаат дека ќе биде гордост на Охрид и на државата.
Дивелоп груп - инвестицијата ќе носи придобивки за Охрид и за државата
Дивелоп Груп е регистрирана во 2006 година и во моментов според податоците на Централниот регистар е 32,5 отсто во сопственост на Јордан Мијалков, додека останатите 67,5 се на Александар Ивановски познат во јавноста како Алек Теранова.
Во одговор за Радио Слободна Европа, од Дивелоп Груп велат дека секоја теза на „Охрид SOS“ за наводни незаконитости околу изградбата на хотелскиот комплекс е лага и дека не соодветствува со реалната ситуација.
„Тие го нарушуваат угледот на компанијата, предизвикуваат правна несигурност и постои ризик да предизвикаат финансиска штета по државата, општината и по компанијата“, се вели во одговорот на Дивелоп Груп.
Од компанијата велат дека македонската влада, како и сите земји во регионот, вложува огромни напори за да привлече странски инвестиции кои би биле додадена вредност за економијата и туризмот, а дека изградбата на „репрезентативниот хотелски комплекс е инвестиција вредна милиони евра која во наредните децении ќе носи придобивки и за Охрид и за Македонија“.
„Охрид SOS“, и „Фронт 21/42“, тврдат дека хотелот се гради со противзаконско одобрение за градба издадено од Општина Охрид, без одобрена Студија за оценка на влијанието врз животната средина и без издадено Решение за согласност од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), поради што бараат од овие две институции и Владата да ја стопираат изградбата на хотелот, да ја отстранат градбата и локацијата да ја вратат во состојба како пред 2011 година.
Од Министерството за животна средина и од Владата до објавувањето на текстот не добивме став за ваквите тврдења и барања наведени во Отворено писмо до јавноста на „Охрид SOS“ и „Фронт 21/42“ од 3 април.
„Охрид SOS“, и „Фронт 21/42“ дополнително велат дека градбата на хотелскиот комплекс се одвива врз основа на незаконски урбанистички план донесен во 2007 година, за што посочуваат дека Општина Охрид имала обврска да го поништи и до 2020 да изработи нов усогласен со заштитените зони и мерките за заштита од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион (2020 – 2029).
„Ако овој план бил во согласност со законите, не би предвидувал хотелски комплекс, бидејќи планираната “група на хотели во Горица“ во Извештајот за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за Планот за управување со Охридскиот Регион е посочена како “закана“ за светското наследство“, велат „Охрид SOS“ и „Фронт 21/42“ кој велат дека според горенаведеното актуелниот градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков има обврска по службена должност да го прогласи Одобрението за градба за ништовно.
Наспроти тврдењата на „Охрид SOS“, и „Фронт 21/42“, локалната власт во Охрид смета дека инвеститорот има валидна документација.
Општина Охрид - цела документација е валидна
Пецаков во телефонски разговор за Радио Слободна Европа ни одговори дека Дивелоп Груп има валидно одобрение за градба.
„Се е важечко и нема како сето тоа да се промени, иако се е пробано, а генерално процесот го водело Министерството за транспорт и врски пред многу години, во 2010 година“, ни одговори Пецаков.
И од Дивелоп Груп тврдат дека фирмата работи согласно законот, донесениот и усвоен урбанистички план и дека ги има обезбедено сите потребни документи, елаборати, согласности за законско изведување на градбата без кои вели дека не би можело да се добие правосилно одобрение за градба.
Исто така, во одговорот за РСЕ фирмата наведува дека соработува со сите инспекциски служби, а дека последен пат инспекциски надзор бил направен пред помалку од два месеци, а инспекторите не констатирале никакви забелешки.
Според Дивелоп Груп, неточни се наводите на „Охрид SOS“ дека изградбата на хотелот е спротивна на препораките на УНЕСКО и дека не отстапува од препораките и покрај тоа што, како што наведуваат, тие биле донесени откако земјиштето било продадено од страна на државата и после добивање на правосилно одобрение за градба.
„Планот за менаџирање согласно препораките на УНЕСКО предвидува до 40 проценти искористеност на градба и катност П+3 (приземје плус три ката), а хотелскиот комплекс кој се гради е со 22 отсто искористеност на парцела и само три ката, односно еден кат во височина и минус два ката“, велат од Дивелоп Груп.
Дивелоп Груп во својот одговор наведува дека хотелот се гради во рамки под дозволената максимална искористеност на парцелата – од предвидените 1,85 отсто, тие велат дека користат 0,52 проценти, а истакнуваат и дека е запазена забраната за градба во појасот од 50 метри од брегот на езерото, бидејќи објектот се наоѓа на поголема оддалеченост од тоа.
Пецаков вели дека ако досега имало начин, сигурно дека ќе го прогласеле за ништовно одобрението за градба, а тој исто така вели дека компанијата не го прекршува Планот за управување со светското и културно наследство со тоа што хотелот не се градел во зоната 50 метри од брегот, градбата била на 22 отсто искористеност од парцелата и дека не се надминува катноста.
Во однос на тврдењето дека „незаконската градба на хотелскиот комплекс се одвива врз основа на незаконски урбанистички план“, Пецаков вели дека не е точно дека Општина Охрид е одговорна за урбанистичкиот план, односно дека тој го изработувала Агенцијата за просторно планирање и дека не станува збор за изработка на детален урбанистички план.
УНЕСКО во јули ќе одлучува за Охрид
Во отвореното писмо до Владата и надлежните институции, „Охрид SOS“ и „Фронт 21/42“ бараат итно стопирање и отстранување на хотелот на Дивелоп Груп во Горица, кој според нив е изграден спротивно на Уставот, домашните закони и меѓународното право.
Тие бараат и кривична одговорност за институциите и фирмата што, според нив, овозможиле нелегална урбана трансформација на крајбрежјето на Охридското Езеро.
Инаку, УНЕСКО во јули оваа година ќе одлучува дали ќе го стави Охридскиот регион на листата светско културно наследство во опасност.
Состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион подолго време буди сериозна загриженост кај Комитетот за светско наследство, особено поради влијанието на човековите активности и интензивниот урбан развој.
Поради тоа, локацијата е под постојан надзор од УНЕСКО од каде се бара редовно известување од државата за степенот на зачуваност на ова уникатно наследство“, рекоа од УНЕСКО во одговор за РСЕ во ноември 2024 година.
Охридскиот регион и Охридското Езеро се заштитени под УНЕСКО како светско природно и културно наследство поради уникатните вредности. Езерото е најстаро во Европа и еден од најстарите биолошки резервати во светот – дом на околу 200 ендемични видови, вклучувајќи ја и прочуената Охридска пастрмка.
Македонскиот дел од езерото е впишан во Листата на светско наследство во 1979 година, а во мај 2019 година, статусот беше проширен и на албанската страна, со што целиот регион доби заштита под капата на УНЕСКО.