Достапни линкови

Партиски „црно- бел“ свет


Дали секој потег на владата е катастрофално лош или сите владини политики се идеални? Ако се суди според партиските реакции, не постои средина, - или сѐ е црно или сѐ е бело. Каква е реалноста? Њузлетер 27.06.2025

Деновиве, а тоа стана „нормален“ начин на водење политика од страна на партиите, во неколку прилики се покажаа крајно различните оценки на релација власт – опозиција за одредени прашања. А, за некои од нив, би требало да има национално единство. Но, нема, главно од тесно партиски интереси, па и на штета на државата.

Извештајот за македонскиот напредок во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент

Во вжештена атмосфера, лобирања, првично одлагање, сепак, во вторникот, на 24 јуни, Извештајот на Томас Вајц беше усвоен, со 40 гласови за и 19 против.
Во него, меѓу другото, се потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на нацијата.

Во таа реченица беше и главниот проблем и реакциите на бугарските евро-пратеници.

Во расправата, Михаел Галер кој доаѓа од групата на народните партии – ЕПП, предложи усен амандман кој се однесува на македонскиот јазик и идентитет со додавање на зборот "модерен" на четири места, за да гласи "модерен македонски јазик и идентитет". Таквата формулација би одела во прилог на бугарската теза дека македонскиот јазик и идентитет се нови, односно, потекнуваат од бугарскиот. Тој амандман беше отфрлен, а бугарските евро-пратеници беа крајно револтирани.

Но, клучната одлука се уште претстои, бидејќи од Комитетот, извештајот треба да дојде на пленарно заседание на Европскиот парламент, закажано за периодот од 7 до 10 јули во Стразбур.

Веднаш со реакција се јави опозициската СДСМ, оценувајќи дека однесувањето на Европската народна партија (ЕПП), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, е директен историски дипломатски пораз за Христијан Мицкоски и неговата партија.

„Предложениот амандман за воведување на формулацијата „современ македонски јазик“ не само што доаѓа од редовите на ЕПП, туку беше презентиран токму од нејзиниот координатор Михаил Галер, член на германската ЦДУ, партија која ВМРО-ДПМНЕ ја нарекува свој стратешки и идеолошки партнер со години.“

Партијата која го прифати таканаречниот “Француски предлог“ за почеток на преговорите со ЕУ, во кој се вклучени и протоколите, кои задираат и во македонскиот јазик и идентитет, сега не реагира на сопките од бугарските евро-пратеници, туку користи прилика да ја нападне домашната владејачка партија.

Во реакцијата на СДСМ се додава: ,,Во исто време, извештајот на Европскиот парламент содржи клучни пораки што ја откриваат вистинската слика за неуспехот на новата влада да дејствува во однос на интеграцијата во ЕУ, имено постои јасен повик за итен напредок во уставните измени и реформите поврзани со ЕУ, како и загриженост за пречките во борбата против корупцијата и независноста на судството“, обвинуваат од СДСМ.

Она што заборава СДСМ е дека тие, додека беа на власт не успеаја да ги спроведат уставните измени, на кои се обврзаа, а јасно им беше дека тогашната опозиција (ВМРО-ДПМНЕ) беше против. За борбата против корупцијата и независноста на судството, одговорноста е кај сите влади досега. Каква беше борбата против корупцијата и „независното“ судството во претходните години, на сите им е јасно.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски оцени дека Извештајот не го доживува како победа туку како разочарување. „Зошто? Затоа што во 21. век, во Европа, бевме сведоци на обид за создавање на вештачка нација и идентитет. Бидејќи тој амандман кој беше предложен де факто е обид да се создаде некоја нова модерна македонска нација, или некој нов модерен македонски јазик, што само по себе е преседан. Успеавме да покажеме дека промената на Уставот не е последна, туку почеток на еден процес кој што нема да има крај“, оцени Мицкоски.

Веројатно Мицкоски е во право дека промената на Уставот е само старт на процесот, но, има ли излез од ќорсокакот на патот кон ЕУ, без оглед на тоа кој и како не донесе дотаму. Премиерот вели – битката продолжува, но до кога, уште колку време? Има ли дипломатска моќ Македонија да издејствува промена на ставовите во Софија и во Брисел?

Но, најнапред треба партиите дома, и власт и опозиција да се усогласат за „црвените линии“ и за патот по кој ќе одиме, а не да се препираат меѓу себе кој е понеуспешен.

Една година од новата влада – дали најдоброто или најлошото допрва доаѓа

Слично е и со оценките за работата на Владата во изминатата една година.
Според премиерот Мицкоски, „секој почеток е тежок“ и вели дека не почнале од нула туку од минус и сега „градат нови темели“ и оти најдоброто доаѓа. Тој ги истакна покачувањето на пензиите за 5.000 денари, над 1,2 милијарди евра странски инвестиции, вработување на нови 1.000 полицајци, навремената испорака на учебници, 500 милиони евра што преку унгарски кредит завршија кај фирмите и општините, стратешкото партнерство со Велика Британија.

Според СДСМ, пак, Македонија по една година од новата влада е „понижена, осиромашена и опустошена, а граѓаните излажани.“
Покрај критиките за, според нив, лошата надворешна политика и закочените евро-интеграции, за социјалдемократите, државата е во економска криза, а растот на платите стагнира додека трговците и моќниците се оставени да прават што сакаат со цените. „За една година власт, ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ ја претворија Македонија во земја на понижени работници, посиромашни граѓани и опасно задолжена држава“, велат од СДСМ.

Опозицијата и треба да критикува и да ги оспорува сите потези на владата за кои смета дека се погрешни, да биде коректив на власта. Но, во нивната оценка за една година од новата влада да нема ниедна мерка, ниеден потег кој може да го оцени како добар, да го подржи? Зарем е се толку црно, дали е толку катастрофална состојба во државата?

Што исполнила или не власта досега, увид овозможува и платформата „Компас“ што ја подготвија група невладини организации, предводени од Фајнанс тинк.
Токму за економско-социјалните мерки, нивниот мониторинг покажа дека засега се исполнети четири од вкупно 43 ветувања или само 9 проценти. Меѓу исполнетите се и тоа што не се зголемени даноците на личен доход и на добивка, не се оданочува реинвестираната добивка и што за 5.000 денари се зголемени пензиите.
28% од социо-економските ветувања, пак, се во насока на исполнување, како што се отворање на нови 55.000 работни места и намалување на невработеноста до 7,5%.

Покрај социо-економските, анализата ги опфаќа и мерките од уште четири други области како образование, здравство, млади и жени. За сите пет области, власта дала 139 ветувања, а досега остварила 18 што е 13%, додека 51 ветување (31%) е во насока на исполнување.

Владата во првата година од мандатот ги одржува и евроинтеграциите, смета Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика. Додава дека се одржува и усогласеност со заедничката надворешна и безбедноста политика, што е еден од најзначајните критериуми во изминатите три години.
„Но, од аспект на севкупниот процес на пристапување, очигледно е дека Владата не е подготвена да направи исчекор во однос на уставните измени, барем не пред локалните избори, а веројатно и подолго, што пак креира долгорочни ризици со оглед на геополитичките случувања во Европа и пошироко“, вели Кацарска за РСЕ.

Слично е во таборите на политичките партии на Албанците во Македонија

ДУИ, како опозициска партија главно е фокусирана врз положбата на Албанците во Македонија и секојдневно критикува дека тие се маргинализирани и бараат предвремени избори. Најново е предлог законот за правична застапеност, кој беше усвоен на владина седница. Ќе оди на проверка во Венецијанската комисија, па потоа во македонскиот парламент.
ДУИ, на уште невидени законски решенија, реагира дека овој предлог-закон има за цел да го замени правниот механизам „Балансер“ со нејасна, неефикасна и политички бесцелна структура каква што е „координативното тело“.
„За Албанците, овој закон е нула. И нема да запреме сѐ додека Балансерот не се врати како единствен правно обврзувачки механизам за гарантирање еднаквост во администрацијата.“

Вицепремиерот Изет Меџити од ВРЕДИ, е на став дека: „без закон, договорите, вработувањата, одлуките и условувањата на Албанците ги контролираа шерифите од Речица“. Според него, со новиот закон „на секој Албанец му се дава еднаква шанса за вработување во администрацијата“, а токму затоа, како што додава, „шерифите од Речица остануваат без работа. Затоа се против тоа!“

Во меѓувреме, секојдневни се и прозивките меѓу „Европски фронт“ и „ВРЕДИ“ кој повеќе работи за правата на Албанците, кој е нивен легитимен претставник, кој е корумпиран и слично. Државните интереси се во втор план.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG