Достапни линкови

Македонската тажна приказна


Долгиот пат на Македонија кон членство во ЕУ, засега неуспешен и со малку надеж дека ќе успее во блиска иднина, е навистина не само тажен, туку и разочарувачки. Њузлетер 02.05.2025

„Ако Украина чека толку, колку што Македонија чека на почеток на преговори со ЕУ, тогаш Украина би ги започнала преговорите во 2045 година. Таа е тажна приказна на Балканот, заедно со Косово и со Босна и Херцеговина“, вели во интервју за Радио Слободна Европа, еврокомесарката за проширување на Европската комисија, Марта Кос.

Но, зошто се тажна приказна Македонија, Босна и Косово?

Босна и Херцеговина, според Дејтонскиот мировен договор, со кој беше запрена крвавата 4 годишна воја, има едно од најкомпликуваните државни уредувања и е под надзор на специјален странски претставник, како и со распоредени меѓународни сили (ЕУФОР). Ја има и Република Српска, чиј претседател Милорад Додик, повеќе гледа накај Москва отколку кон Брисел. Па реформите потребни за доближување до ЕУ се во втор план. И како што сега стојат работите, никој не ја гледа БиХ како членка на ЕУ во наредната декада.

Косово сеуште нема ни кандидатски статус за членство во ЕУ, а нормализацијата на односите на Косово со Србија е предуслов за Косово да добие статус на кандидат и да го започне процесот за членство во Европската Унија, изјави деновиве Марта Кос.
Односите на Косово со Србија се далеку од нормализирање. Официјален Белград сеуште го смета за дел од Србија, а меѓународни сили и натаму ја надгледуваат безбедноста на Косово.


Македонија ги нема проблемите како БиХ и Kосово, но, и натаму останува во чекалната на ЕУ. Македонскиот пат кон Унијата е долг и сеуште неизвесен. Кандидат за зачленување во ЕУ е од 2005 година, во 2009 година првпат доби препорака за почеток на преговорите.
Тогаш стигнаа и низа услови, а главниот услов за да почнат преговорите беше да се најде решение за проблемот за името со Грција.
Македонија потоа добиваше препораки без датум и во 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015 и 2016 година.

Во 2018 беше сменето уставното име на државата, но Северна Македонија повторно не доби датум. Прво, Франција бараше одложување на тој процес за да се смени методологијата за прием на нови земји членки.

Од 2020 година Бугарија ја блокира македонската европска иднина поради нерешени билатерални прашања, првично поврзани со историјата. Потоа, дојде и така-наречниот Француски предлог, според кој, Македонија треба да ги внесе Бугарите во Уставот, па дури потоа да ги почне преговорите за членство.

И секогаш по разочарувањата поради неуспехот, се ветуваа реформи дома кои ќе ја направат државата според европските стандарди додека чека да почне преговори. Но, борбата против корупцијата остана само на хартија, реформите во судството затаија, а скандалите се зголемуваа.

И, да, тоа е тажната приказна на Македонија на долгиот пат кон членство во Европската Унија, која сега е во „друштво“ со Босна и со Косово. Можеше ли нешто повеќе да направи Унијата за да не биде тажна приказна и да не предизвика пораст на евро-скептицизмот во државата? Веројатно да.

Но, сето тоа е веќе историја, па се поставува прашањето како натаму?

Претседателот на македонската влада, Христијан Мицкоски, сега има поинаков пристап. Оценува дека Македонија веќе направила многу жртви и реформи, но дека добила нови услови кои се применуваат селективно.

„Мојата нација направи значителни жртви и реформи, цврсто посветена на нашиот европски пат. Сепак, постојано бевме сведоци на менување на целите и дополнителни услови, кои се применуваат селективно, прикривајќи ја транспарентноста и правичноста што ги ветува Европа. Овој пристап не ја зајакнува Европа – го слабее нашиот колективен кредибилитет и ги намалува нашите заеднички цели“, изјави Мицкоски деновиве на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Валенсија.

Дали ќе успее да ги убеди сите членки на ЕУ е друго прашање, со оглед на консензуалниот принцип на одлучување во Унијата. Брисел, засега не одговара позитивно на македонските апели за промена на условите за почеток на преговорите за членство.

На крајот, ако се земе предвид ставот на евро-комесарката за проширување Марта Кос дека геополитиката се промени, во смисла дека беше приоритет и пред проширувањето, но не беше толку поврзана со делот за безбедноста и мирот.
“И повторно, некако со денешното проширување, се враќаме на основите за тоа зошто беше основана ЕУ. Тоа беше за да се обезбеди мир, слобода, просперитет, а денес би можеле да додадеме и безбедност. Тоа е всушност она што го правиме во целиот процес“, изјави Кос во интервјуто за РСЕ.

Ако сега акцентот на проширувањето на ЕУ, покрај реформите, поглавјата, кластерите, е безбедноста и мирот, значи ли тоа дека државите со „тажни приказни“ од Западен Балкан, - Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, ќе останат надвор од безбедносниот „чадор“ и со фрагилен мир?

Тоа не им е од корист ниту на Европа, ниту пак на државите во најблиското опкружување.
-------------------------------

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG