Достапни линкови

Пензиите во раст, пензискиот фонд во искушение


Пензионерите во септември ќе добијат покачување од 1.000 денари на пензиите (фотоархива).
Пензионерите во септември ќе добијат покачување од 1.000 денари на пензиите (фотоархива).

Пензионерите ќе добијат нови линеарни покачувања - два пати по 1.000 денари. Власта вели тоа е солидарна политика, опозицијата обвинува за измама. Пензискиот фонд, пак, со години е зависен од префрлање пари од државниот буџет. Кој губи, а кој добива и како овие мерки ќе се одржазат на фондот?

Од фалби за борба со нееднаквоста и зголемување на стандардот на пензионерите до критики за историска измама со која се крадат пензионерите се движат наративите на власта и опозицијата за последната одлука да има ново линеарно покачување на пензиите во Северна Македонија.

Покрај критиките дека тоа е неповолно за дел од пензионерите, и опозицијата и дел од експертите изразуваат загриженост дека тоа негативно ќе се одрази и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Кога ќе го заборавиме линеарното зголемување, тогаш ќе ни се намалат грижите за состојбите во пензискиот фонд. Линеарното зголемување може да го доведе Фондот во состојба да побара линеарно намалување“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) даночниот експерт Славко Лазовски.

Законот за ново линеарно зголемување на пензиите беше изгласан во Собранието синоќа (24 јули) со 79 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“. Тој предвидува сите пензии да се покачат за 1.000 денари во септември и за уште 1.000 во март 2026-та. Претходно, во текот на изминатата година пензионерите добија линеарни покачувања во уште два наврати од по 2.500 денари.

Со линеарното зголемување се заобиколува процентуалното усогласување на пензиите кое, според закон, се прави два пати години врз основа на растот на просечната нето плато и на трошоците за живот. И токму тоа е причина за критиките што се слушаат како од опозицијата така и од дел од експертите бидејќи, според нивните пресметки, за голем дел од пензионерите тоа е неповолно односно, тие би добиле поголеми покачувања доколку има регуларно усогласување.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, пак, смета дека „90 проценти од пензионерите ќе бидат премногу среќни“. Во собраниската дебата, сметајќи ги преетходните две линеарни покачувања од по 2.500 денари и двете од по 1.000 што претстојат (во септември и март), Велковски посочи дека тоа е вкупно зголемување од 7.000 денари.

„Политика на солидарност, а не политика на статистика“, беа дел од аргументите што ги користеа и пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа е исправање на неправда што децении ги следи нашите пензионери. Ете некој ќе праша зошто линеарно, а не по некоја формула? Одговорот е едноставен и чесен, затоа што правдата понекогаш бара да ги третираме еднакво оние коишто најмалку имале. Ова е политика на еднаквост, а не математичка рамнодушност“, рече пратеничката Емилија Ангелова.

Кој добива, а кој губи?

Сепак, новото покачување од по 1.000 денари, не го радува раководството на Сојузот на здруженија на пензионери, кое направило пресметки колку би биле покачувањата доколку се оди според системски предвиденото усогласување.

„Се кажува дека Владата е дарежлива и дава 1.000 денари, не е така. На пензионерите им следува системско усогласување кое на најниската пензија од 18.852 денари – која треба да се земе како репер бидејќи ја користат 53.000 пензионери, изнесува 716 денари. Значи, со линеарното се додаваат само 284 денари повеќе од тоа што би следувало со системското усогласување. За толку малку да ремети пензиски систем не е добро“, вели за РСЕ Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

Линеарното е неповолно, посочува и даночниот експерт Славко Лазовски затоа што според неговите пресметки пензионерите би добиле повисоки покачувања ако се користи предвидената формула со растот на просечната плата и на трошоците за живот.

„Од процентот на пораст на просечната нето-плата 10,6% треба да се земе 50% – тоа е 5,3%. На овој процент од 5,3% се додава 50% од стапката на трошоците на животот којашто изнесува 4,6%. Тоа значи се додава 2,3%, па така добиваме стапката за усогласува од 7,6% (5,3% + 2,3%). Така, за секоја пензија над 13.158 денари линеарното зголемување е неповолно затоа што со процентуалното зголемување се добива зголемување поголемо од 1.000 денари“, објаснува Лазовски за РСЕ.

Ако, пак, процентот на усогласување не е 7,6% туку е 5% како што излегоа некои пресметки во јавноста, даночниот експерт потенцира дека тогаш зголемувањето од 1.000 денари би било неповолно за сите пензионери што земаат пензија над 20.000 денари.

Дека 5% би било зголемувањето доколку се оди според постоечката формула пресмета и опозицискиот СДСМ кој вчера (24 јули) обвини дека „историска измама“.

„Според нашите точни пресметки, огромни 92,5% од пензионерите, односно над 318.000 луѓе, се оштетени со ова линеарно зголемување и ќе земаат помалку од тоа што им следува по закон“, изјави пратеничката Јована Тренчевска, која е поранешна министерка за труд и социјална политика.

Солидарна политика кон пензионерите, според нашите соговорници, може да се постигне и на друг начин наместо со линеарно зголемување. Како што нагласува Лазовски, тука е институтот за најнизок износ на пензии.

Трајкова потенцира дека подобро би било да се даде системски предвиденото процентуално покачување, а на пензионерите со најнизок износ на пензија да им се даде дополнително покачување и така да се покаже солидарност. Стандардот, посочува таа, на пензионерите може да им се подигне и со други мерки, како што е на пример покачување на прагот за бесплатна болничката партиципација – односно таа да важи за тие со пензии до 25.000 денари, наместо како досега за оние што земаат до 18.000 денари.

Може ли да преживее пензискиот фонд?

Додека од една страна се дискутира прашањето дали пензионерите добиваат или губат со линеарното зголемување, од друга е стравот како ваквите чекори ќе се одразат на одржливоста на пензискиот фонд.

Економисти од поодамна укажуваат дека пензискиот фонд е на „стаклени нозе“ и се одржува со трансферите од државниот буџет. Годинава, на пример, Владата на ПИОМ ќе му префрли над 50 милијарди денари. Тоа се околу 10 милијарди денари повеќе во споредба со трансферот што ПИОМ го доби од Владата во 2024 година.

Економистот и претседател на Здружението на даночни советници, Павле Гацов, претходно во разговор со РСЕ посочи дека линеарното зголемување на пензиите, вклучувајќи ги и останатите неповолни демографско економски параметри ја нарушуваат долгорочната финансиска стабилност на пензискиот систем, односно го нарушуваат концептот на економска поврзаност на уплатените придонеси и пензијата што се прима од страна на корисниците на пензијата.

„Линеарното зголемување на пензиите би подразбирало и линеарни плаќање на пензискиот придонес, а не плаќање во пропишан процент (актуелниот е 18,8%). Имено, со ваков начин на зголемување на пензиите, се дестимулира плаќањето на пензиски придонес на вкупната плата како основица за пресметување на овој придонес“, изјави Гацов.

Од повеќе реперкусии за пензискиот фонд од линеарното зголемување стравува и претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери.

„Прво, што е многу лошо за системот, ќе има евазија од неплаќање на придонес. Второ, во приватниот сектор ќе почнат да плаќаат сите на најниска основица. Дали тоа треба да биде интенција за одржување на пензискиот систем?“, вели Трајкова.

Според податоците од Фондот за пензиско и инвалидиско осигурување (ПИОМ), во државата во мај имало вкупно 344.796 пензионери. Просечната пензија истиот месец била 26.157 денари. Највисоката исплатена пензија е 88.013 денари и ја зеле само 18 пензионери во државата.

Од Фискалниот совет (независно државно тело формирано од Собранието што изработува анализи за фискалните претпоставки и фискалната стратегија) анализираа дека секоја година бројот на пензионери се зголемува за 1.500 до 1.700 нови, додека растечката емиграција на младите ја намалува основата за собирање придонеси во пензискиот фонд.

Затоа, пред крајот на 2024 година, Фискалниот совет до Собранието достави Мислење со кое бара во 2026 година старосната граница за остварување на право за пензија на мажи и жени да се помести на 67 години, што Собранието не го усвои.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG