Достапни линкови

Купуваме ли небезбедни производи од странски платформи?


Илустрација.
Илустрација.

Речиси 250 тони тежеле пратките што во еден месец македонските граѓани ги нарачале само од една странска онлајн платформа за трговија. Меѓутоа, за неквалитет и небезбедност нема институција каде може да се пожалат затоа што тоа се производи на странски фирми. Македонските институции прават анализа за евентуални нови мерки за царини и давачки. Во ЕУ веќе се води истрага и за безбедноста на некои производи.

Девет од 11 пара чевли купени од онлајн платформи содржат супстанции кои се нелегални во ЕУ. Повеќето водоотпорни јакни содржат штетни хемикалии. Кај накитот едно од три парчиња се нелегални и во шест од вкупно 16 парчиња има штетни тешки метали.

Ова се дел од последните објави на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) со кои ги информираат граѓаните за, како што велат, да бидат внимателни и „на некој начин сами да се заштитат“.

Станува збор за резултати што Организацијата ги пренесува од тестирања што ги спровел данскиот Совет на потрошувачи за производи што се продаваат преку странски онлајн платформи за купување, како што се Тему, Шеин, Али Експрес…

Производите се евтини, а испораката е релативно брза, што ги прави платформите популарни меѓу граѓаните. Според податоците што македонската Царинска управа ги сподели со РСЕ, само од една од најпопуларните платформи во моментов во земјава – Тему, во јуни е евидентиран увоз на пратки во вкупна количина од 248.000 килограми (248 тони).

„Знаеме дека има масовно нарачување од сите тие платформи и кај нас. Меѓутоа, нашите законски регулативи и прописи не се однесуваат на тие надворешни платформи бидејќи тоа не се правни субјекти регистрирани во Македонија. Генерално останува на граѓаните сами да размислат дали одреден производ ќе го купат или не и дали ќе го користат“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ), Татјана Тасевска, правна советничка во Организацијата на потрошувачи.

Со оглед дека не се фирми регистрирани во земјава, како што посочува таа, граѓаните нема и каде да пријават. Она што може државата го направи е да ги усогласи регулативите со европските закони за дигитални платформи и онлајн купување, додава Тасевска.

Искуствата на граѓаните, пак, се различни.

„Неколку пати имам нарачано од вакви платформи и сум задоволна. Единствено бев скептична само за детска облека што нарачав. Имам купувано полиестер од продавници тука, но маиците што ги добив од онлајн нарачката како да беа од полиестер од најниска класа, личеа како чиста пластика, немаше етикета за составот на материјалот и никогаш не ги облековме“, вели Валентина Ј.

„Досега не сум имала никаков проблем, презадоволна сум“, вели Даниела од Скопје.

Инспекторатот нема поплаки, но и не контролира производи од онлајн платформи

На ниво на Европската Унија во октомври 2024 беше покрената истрага во однос на безбедноста на производите од, во моментов, најпопуларниот сајт за онлајн трговија Тему. Нејзините прелиминарни резултати покажаа дека ги прекршил обврските од Законот за дигитални услуги односно дека „има голема веројатност“ европските потрошувачи преку оваа платформа да најдат несоодветни производи како што се играчки за бебиња и мали електронски уреди, објави Европската комисија на 28 јули.

Во Северна Македонија, пак, инспекциски надзор над безбедноста на детските играчки, но и на козметички средства и предмети за општа употреба со цел заштита на здравјето на луѓето прави Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во состав на Министерството за здравство. Меѓутоа, како што посочија и од Организацијата на потрошувачи, така и од Министерството наведуваат дека овој орган не може да испитува квалитет при увоз на производи од онлајн платформи.

„Според законската регулатива инспекциските надзори врз производите ДСЗИ ги врши при увоз производство и трговија на мало и големо кај регистрирани субјекти, односно надзор над онлајн продажба не врши“, велат од Министерството за здравство за РСЕ.

А, кога се во прашање поплаки директно од граѓаните за безбедноста на некој производ, како што велат од ДСЗИ, во текот на 2025 немало ниту една пријава.

Институциите прават анализа за царините за увоз на пратки

Покрај аспектот на квалитет и безбедност на производите, уште едно прашање кое се покренува околу нарачките од онлајн платформите е дали државата профитира од нив и колку.

Според регулативата во Северна Македонија, пратки од фирми од странство кои се во вредност до 22 евра се ослободени од плаќање увозни давачки и данок на додадена вредност (ДДВ). Тие што се во вредност од 22 до 90 евра, пак, се ослободени само од царина, но подлежат на ДДВ, додека за пратките што го надминуваат прагот од 90 евра се плаќаат и двете ставки.

Така, од речиси 248-те тони пратки само од Тему во јуни што ги евидентирала Царинската управа, 95 тони биле пратки со помала вредност од 22 евра и за нив не е наплатено ништо. За останатите околу 153 тони, пак, биле се наплатени давачки од 41,7 милиони денари, посочуваат од Царинската управа.

Меѓутоа, ваквите регулативи можно е да се променат. Надлежните веќе прават анализи и ќе предложат мерки за евентуални нови правила.

„Во рамки на Министерството за финансии, а во координација со останатите релевантни институции се прави детална анализа и ќе се разгледа потребата од преземање на определени мерки и активности и истите ќе бидат предложени до Владата на понатамошно разгледување и одлучување“, гласи одговорот што РСЕ го доби и од Министерството за финансии и од Царинската управа.

Во ЕУ, пак, прагот за ослободување од давачки е повисок и тој е поставен на пратки до 150 евра. Но, негово укинување изминатиот период се споменува како една од мерките што би можеле да се преземат. На тој начин, како што пишуваа медиумите во Европа, од една страна би се одвратиле потрошувачите од купување производи со ниска вредност, а од друга би се делувало и во овозможување на фер услови за домашните односно европските бизниси кои имаат трошоци за да ги задоволат стандардите за квалитет.

„Не станува збор само за заштита на потрошувачите, туку тука постои и многу сериозно прашање на еднакви услови за европските бизниси, бидејќи од нив се очекува да се натпреваруваат со продавачите кои не ги почитуваат нашите правила“, изјави за Гардијан, комесарот за правда и потрошувачи на ЕУ, Мајкл Мекграт.

Што може да се очекува од истрагата во ЕУ?

Истрагата што од октомври ја покренаа европските тела беше спроведена со тајно купување. По првичните прелиминарни резултати дека е „многу веројатно потрошувачите да најдат несоодветни производи меѓу понудата“, од Европската комисија соопштија дека во следната фаза Тему ќе има можност да даде одбрана и писмено да одговори на наодите од досегашната истрага. Паралелно, ќе има и консултации со Европскиот одбор за дигитални услуги.

„Ние купуваме онлајн затоа што веруваме дека производите што се продаваат на нашиот единствен пазар се безбедни и се во согласност со нашите правила. Според наше прелиминарно мислење, Тему е далеку од проценка на ризици за своите корисници според стандардите што ги бара Законот за дигитални услуги“, изјави на 28 јули извршната потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија на Европската комисија Хена Виркунен.

Ако прелиминарните резултати од истрагата се потврдат, платформата може да добие казна до 6% од вкупниот годишен промет, како и засилен надзор за да се следи имплементацијата на препораките за исполнување на стандардите.

Портпаролот на Тему, пак, изјави дека компанијата ќе продолжи „целосно да соработува со Европската комисија.

Покрај за оваа, Комисијата изминатиот период отвораше истраги и за други платформи. Во март 2024, на пример, се отвори истрага и за Али Експрес.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG