Достапни линкови

Нова средба на европски, украински и американски претставници во Париз


Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф (втор лево) присуствува на состанок во Елисејската претседателска палата во Париз, 17 април 2025 година
Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф (втор лево) присуствува на состанок во Елисејската претседателска палата во Париз, 17 април 2025 година

Неколку дена по директните разговори меѓу Вашингтон и Москва, кои имаат за цел да ја прекинат војната меѓу Русија и Украина, високи претставници од клучните европски земји, САД и Украина денеска (17 април) одржуваат нови разговори во француската метропола, Париз.

Разговорите претставуваат прва шанса за средба лице в лице меѓу високите европски и украински лидери и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, по неговата последна средба со рускиот претседател Владимир Путин минатата недела.

Москва не успеа да го потпише широкиот договор за прекин на огнот, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, кој Украина веќе го прифати.

Русија изјави дека секој договор е условен од тоа Киев да ги запре своите напори за мобилизација, како и од прекин на протокот на западно оружје во Украина. Овие барања беа одбиени од официјален Киев.

Сепак, неодамна Виткоф за Фокс њуз изјави дека верува оти „се појавува мировен договор“.

Тој рече дека слушнал „какво е барањето на Путин да има траен мир тука“, додавајќи дека станува збор „за овие таканаречени пет територии“. Ова се однесува на делови од Украина кои се барем делумно окупирани од Русија, како што тврди Москва.

Во меѓувреме, во последните денови немаше намалување на смртоносните руски ракетни напади врз украинските градови.

Освен Виткоф, во разговорите треба да учествуваат и американскиот државен секретар Марко Рубио, францускиот претседател Емануел Макрон и претставникот на украинскиот претседател Андриј Јермак. Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, исто така, треба да биде во Париз, како и висок советник на германскиот канцелар Олаф Шолц.

Пред разговорите во Париз, политичкиот аналитичар Антон Пенковски за Current Time изјави дека не очекува да се донесат големи одлуки.

„Мислам дека можеме да очекуваме некои технички прашања, некои одлуки за веќе објавените 30-дневни прекини на огнот поврзани со Црното Море и енергетската инфраструктура, кои не се почитувани. Мислам дека би можеле да видиме некои вести за нивно продолжување“, вели Пенковски.

Пред пристигнувањето на Рубио на 17 април, американскиот Стејт департмент изјави дека разговорите ќе имаат за цел „да ја унапредат целта на претседателот Трамп да стави крај на војната меѓу Русија и Украина и да го запре крвопролевањето“.

Јермак по слетувањето во Париз напиша: „работиме на важни прашања за безбедноста на Украина и цела Европа“.

Тој вели дека агендата ќе вклучува и билатерални и мултилатерални разговори.

Додека Вашингтон се обидува да ги поттикне разговорите за прекин на огнот со Киев и Москва, европските земји се фокусираа на поддршка на Украина и планирање на евентуална воена мисија за да се зајакне каков било договор за прекин на огнот.

Европските напори да се добие обврска од САД за обезбедување поддршка за ваквите напори наидоа на ладен одговор од Вашингтон.

„Во моментов, Соединетите Држави сакаат да го намалат поголемиот дел, ако не и цела надворешна политика кон Европа и да се фокусираат исклучиво на своите домашни прашања“, рече Пенковски.

Во првите месеци од неговиот втор мандат, претседателот Трамп го постави како приоритет постигнувањето договор за прекин на огнот по тригодишната војна во Украина.

XS
SM
MD
LG