Достапни линкови

Преплатени книги и учебници останаа во магацини


Магацински простор за чување на книгите во Гостивар - фотографија од Извештајот на Државниот завод за ревизија за Министерството за образование и наука, за 2023 година.
Магацински простор за чување на книгите во Гостивар - фотографија од Извештајот на Државниот завод за ревизија за Министерството за образование и наука, за 2023 година.

Преведените 500 стручни книги, за кои се потрошени 13 милиони евра, се чуваат во несоодветни услови поради што дел од книгите се оштетени. Во магацин во Средното училиште за деца со посебни потреби „Св. Наум Охридски“ има учебници кои по воведувањето на Кембриџ-програмата станале неупотребливи, утврдија ревизорите во извештајот за Министерството за образование за 2023 година.

Министерството за образование и наука (МОН) потрошило милионски суми за учебници за основно и средно образование, за превод на учебници од
македонски на албански, турски, српски и босански јазик и нивно графичко уредување и за проектот „Превод на 500 стручни и научни книги“, но учебниците и книгите со години стојат во магацини, во несоодветни услови и стануваат неупотребливи, констатира Државниот завод за ревизија во ревизорски извештај за Министерството за образование и наука (МОН)објавен денеска, а се однесува на 2023 година.

Тогаш министер за образование беше Јетон Шаќири од ДУИ.

„Утврдени се слабости во управувањето со капитални инвестиции, недовршени објекти и неизвршен технички прием, несоодветно користење средства за учебници за основно образование како и ненаплатени побарувања за студентски кредити стари повеќе од една деценија“, пишува во ревизорскиот извештај.

Забелешките на ревизорите, меѓу другите, се однесуваат на начинот на кој МОН ги користело јавните пари и при изградбата и реконструкцијата на основни и средни училишта во 2023 година, изградбата на Државниот студентски дом во Тетово, изградбата на Факултетите за физичко образование и за информатички науки во кампусот на Универзитетот „Кирил и Методиј“ (УКИМ), исплата на стипендии за студенти кои студираат на странски универзитети и распределбата на блок-дотации во училиштата.

Преведените 500 стручни книги - во влага во магацин во Гостивар

За проектот „Превод на 500 стручни, научни книги и учебници“ од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД, Англија, Франција и Германија, од 2010 година МОН за девет години (2012-2021)исплатило околу 13 милиони евра.

Книгите требало да бидат дистрибуирани во 39 државни органи, институции и установи. Наместо тоа, тие скапуваат во магацин во Гостивар.

„Напоменуваме дека со извршениот теренски увид во магацинот од
страна на ревизијата утврдивме дека книгите се чуваат во несоодветни
услови поради што дел од книгите и се оштетени од временските
прилики, влага, ниски температури и слично“, констатира ревизорот.

МОН склучило договори со органи на државна управа, институции и установи, да користат книги и учебници трајно и без надомест. Поголем дел од договорите биле склучени во текот на 2021 и 2022 година.

„Иако последните испораки на книги се вршени во 2021 година и нови
примероци не се печатат, МОН нема изработено план за дистрибуција и
распределба на веќе отпечатените и не дистрибуирани примероци,
односно за нивна достапност до јавноста. Со реализацијата на капиталните проекти за печатење на книги, постапено е спротивно на буџетското начело на економично и наменско користење на средствата од причина што книгите се уште се наоѓаат во магацин и истите не се дистрибуирани до крајните корисници или пошироката јавност за да ја постигнат целта за која се печатени“, вели ревизорот.

Неупотребливи учебници поради реформите во образованието

Во магацин, пак, во Средното училиште за деца со посебни потреби Св.
Наум Охридски -Скопје со кој раководи Педагошката служба се наоѓаат
учебници наменети за основните и средните училишта, кои по воведувањето на Кембриџ-програмата станале неупотребливи.

Со воведувањето на англискиот јазик како прв странски јазик, учебниците
за англиски јазик како втор странски јазик станале исто така не можат да се употребат.

Со реформите во средното стручно образование учебниците од 1 до 4 година веќе не се во употреба, како и повеќе учебници за кои е донесен нов наставен план и програма.

„Напоменуваме дека книгите не се евидентирани во сметководствената
евиденцијата на МОН, поради што потребно е да се изнајде решение за
постапување со книгите кои повеќе не се во употреба“, пишува во ревизорскиот извештај.

Плаќано по четири пати за техничко уредување на учебник

МОН платило околу 10,8 милиони евра за превод на учебници од македонски на албански, турски, српски и босански јазик, нивна лектура, стручна редакција, графичко и техничко уредување, во неколку различни постапки за учебните 2022, 2023, 2024 и 2025 година.

Но, ревизорите утврдиле дека покрај тоа што учебникот по предметната настава на македонски јазик еднаш бил графички и технички уреден, по преводот, повторно бил уредуван, но овојпат - поскапо.

„Од увидот во начинот на реализација утврдивме дека за учебникот кој на
македонски јазик бил графички и технички уреден по цена од 1.000
денари од страница ќе се плати уште четири пати за истата услуга при превод на секој од четирите јазици, без оглед на обемот на реално извршени услуги и потребата од истото“, пишува во ревизорскиот извештај.

За учебниците дадени на превод, само за графичко и техничко уредување во 2023 година исплатени се 15.433 илјади денари, додека пак по постапката за учебната 2022/2023 година, во 2023 година исплатени се вкупно 27.073 илјади денари за превод, стручна редакција, графичко и техничко уредување на учебниците.

„Овој начин на спроведување и реализација на набавките влијае врз рационално, економично и ефикасно користење на буџетските средства“, утврдил ревизорот.

Студентскиот дом во Тетово е без технички прием

Државниот студентски дом „Тетово” во Тетово, основан со владина одлука има капацитет да смести 300 студенти и леглата целосно се пополнуваат. Но, ревизорите ја доведуваат во прашање безбедноста на објектот.

Кога изградбата завршила во септември 2021 година, претставници на изведувачот, инвеститорот и надзорот потврдиле дека градежните работи се завршени согласно проектот, одобрението за градење и техничката
документација.

„Студентскиот дом е пуштен во употреба без извршен технички преглед на градбата и без одобрение за употреба на објектот поради што се уште не e извршено примопредавање на градежниот објект помеѓу изведувачот и инвеститорот. Користењето на објектот за кој не е извршено примопредавање, не е извршен технички преглед и не е издадено одобрение за употреба на објектот влијае врз безбедноста и функционалноста на објектот што може да доведе до непредвидени ризици по градбата и лицата кои ја користат истата“, констатира ревизорот.

Во студентскиот дом има кујна опремена со професионални машини,
ладилници, машини за перење, прибори за јадење и друга опрема, нема вентилација и кујната не се користи. Наместо да ја стави во употреба, домот преку тендер набавува готови оброци за студентите.

Уште 22 милиони евра за да се завршат двата факултети кај УКИМ

Уште пред десет години, во 2015, во Кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" Скопје почнаа да се градат нови згради на Факултетот за физичко образование и за информатички науки.

Договорите за изградба, подземни гаражи и партерно уредување вредеа околу 20 милиони евра за двата факултети. Поради ненавремено реализирање на градежните работи од страна на изведувачот, а по повеќе писмени опомени за непочитување на рокот за изградба, во јули 2019 година се активирани и наплатени банкарските гаранции доставени врз основа на договорите за изградба на објектите.

Инвеститорот има десет години рок за градење, но извесно е дека факултетите нема да бидат завршени.

„Со оглед на фактот дека рокот за изградба согласно одобренијата за градење истекува во декември 2025 година и имајќи во предвид дека градбите се изложени на долготрајни атмосферски влијанија и оштетувања, потребно е МОН да преземе активности за надминување на состојбата“, констатира ревизорот.

Според ревизорите, за доградба на двата факултети ќе бидат потребни уште три години и уште речиси 22 милиони евра за градежни работи.

Оваа учебна година во училиштата се запишани вкупно 245.000 ученици,177.800 во основно и 67.200 во средно образование. Владата најави дека новини се тоа што ќе има учебник за секој ученик што не беше случај неколку години наназад, дека ќе се воведе вештачка интелигенција во наставата и дека ќе има образовни асистенти и за учениците во средните училишта.


XS
SM
MD
LG