Достапни линкови

Жедни во сопствените домови - Скопје пресушува


Илустрација
Илустрација

Скопје од крајот на јуни се соочува со сè почести прекини и слаб притисок на вода. Причините – прекумерна потрошувачка, слаба мрежа, диви приклучоци и урбанистичкиот хаос. ЈП Водовод најавува решенија следната недела, а Владата вели дека не е надлежна за проблемот. Експерти предупредуваат дека градот се планира како да имаме бескрајно вода, а ја немаме.

Летото носи високи температури, а со тоа и зголемена потрошувачка на вода – што е вообичаено за овој период од годината. Но, граѓаните деновиве забележуваат нешто поразлично од претходните лета.

Некои велат дека остануваат без вода со часови, па и цели денови, а други имаат слаб притисок дури и во доцните ноќни часови. Вода со часови немаат цели институции и болници, како Македонската радио телевизија МРТВ и болницата за белодробни заболувања во Козле. Без вода или со намален притисок остана и резиденцијата на претседателката на државата и вилата Водно.

Томе Стојановски е жител на скопската населба Водно кој вели дека веќе една недела секојдневно нема вода во различни периоди од денот.

Урбанизам без вода

Понекогаш од осум наутро до пет попладне, па повторно навечер од осум часот, а некогаш нема вода цел ден, вели тој за РСЕ. Иако редовно ја плаќа сметката, која месечно му изнесува околу 3.000 денари, Стојановски вели дека не може ни раце да измие кога ќе посака:

„Се јавувам во Водовод, им велам дека плаќам редовно, а тие ми велат дека нема вода поради зголемена потрошувачка“.

Тој се сомнева дека недостигот на вода не е случаен, туку поврзан со сè поголемиот број згради кои никнуваат во неговата околина, но и со нерационалното трошење вода во соседството:

„Гледам луѓе полнат базени во дворовите, некои наводнуваат тревници сред бел ден. А ние немаме капка за основни потреби.“

Податоците кои деновиве доаѓаат од ЈП „Водовод и Канализација“, но и Град Скопје е дека се трошат енормни количини вода кои според вкупните потрошени количини излегува дека секој жител троши по 700 литри дневно. Проблемот спред нив е повеќеслоен, од диви приклучоци, до полнење на базени и наводнување дворови со чиста вода за пиење.

Има ли решенија?

Најголем проблем е урбанистичкото планирање на Скопје – се гради како да имаме неограничени количини вода, а реалноста е поинаква, вели за РСЕ Владимир Гроздев - градежен инженер, експерт за хидро и санитарно инженерство.

„Треба уште при планирање на згради и цели региони во градот да се утврди дали системот може да ги опслужи. Градот и општините мора да соработуваат со Водовод при изработка на плановите (ДУП и ГУП). Паралелно, треба да се воведе техничка вода за улици и зеленила, бидејќи немаме многу подземни извори“, вели тој.

Скопскиот регион има неверојатни загуби на вода од над 60 отсто, според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси од 2024 година.

Гроздев вели дека голем дел од водата исчезнува во технички загуби, како диви приклучоци и застарената мрежа, поради што загубите изнесуваат дури 40–50 проценти, а уште околу 20-30 отсто со поради финансиски загуби, водата којашто не се наплаќа, а се користи за јавни фонтани и чешми и сл.

Слаб притисок во зградите

Жителите во некои скопските населби како Аеродром, каде што се живее во станбени блокови, се жалат дека притисокот на водата се намалува, како што ни раскажа Крсте Б.

„Без правила, и по полноќ, и многу рано наутро, водата од чешмите тече со помал млаз од вообичаено. Живеам на четврти кат и ова првпат се случува. Што да кажат соседите од погорните катови? Искрено, се плашам дека наскоро ќе се соочиме со рестрикции“, вели Крсте.

Во скопската населба Илинден, пак, жителите се жалат дека вода нема дури ни на приземје, а домашното функционирање е речиси парализирано.

Стојанка С. живее во оваа населба во куќа и вели дека во летово во Илинден интензивно се гради и со тоа дека немаат притисок ниту на долниот кат, а за горниот воопшто не станува збор.

„Машините за алишта и садови не можат да исперат, се тушираме во 4 наутро. Секојдневното функционирање е максимално загрозено. И нема некои правила – треба постојано да проверуваш чешма за да завршиш што било што бара вода.“

Водовод ветува решнија следната недела

Дека постои проблем со недостиг на вода и невообичаено голема потрошува за разлика од минатите години, ни потврди претседателот на Управниот одбор на ЈП „Водовод и Канализација„ Идриз Орана.

Тој вели дека следната недела ќе разговараат во Управен одбор, вклучително за да се обезбедат и алтернативни извори на вода, а посочи дека во решавање на проблемот треба да се вклучи и државата.

Но, Министерот за локална самоуправа Златко Перински на 17 јули изјави дека Владата нема ингеренции да интервенира во решавањето на водоснабдувањето на Град Скопје.

Проблемите не се само во потрошувачката

Претходно деновиве, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска рече дека изворот од каде се снабдува градот – Рашче, како и дополнителните бунарски системи во Нерези и Лепенец, нема доволно капацитет да извира питка вода колку што граѓаните трошат.

„Рашче сред суша со високи температури има намален капацитет, а потрошувачката во изминатиот месец на дневно ниво е рекордни 356.000 метри кубни, што би значело 700 литри вода по глава на жител“, вели Арсовска.

Таа додаде дека фаќаат по 30 диви приклучоци од кои се наводнуваат ниви, приклучоци на дивоградби, полнење базени, обвинувајќи дека Министерството за внатрешни работи (МВР) за тоа не постапува.

„Сите скопјани трпат од таквите, среде најголемите горештини нема вода“, вели Арсовска.

Европски решенија што недостасуваат

Во многу европски градови, дефицитот на вода се решава со одржливи и ефикасни системи. Во Берлин, Шангај, Њујорк, Кардиф, техничка вода се користи за миење улици и наводнување на зелени површини, а тоа се прави преку реупотреба на отпадна вода.

Копенхаген има интегрирани системи за собирање дождовница која потоа се филтрира и користи за слични намени, со што се намалува притисокот врз водоснабдителниот систем.

Овие градови воведуваат и таканаречени „сунѓер-град“ концепти (sponge cities), кои преку зелени кровови, поплочувања што пропуштаат вода и вештачки езерца ја задржуваат и реупотребуваат дождовната вода.

Така освен што се заштедуваат вода, ги намалуваат и ризиците од поплави и загревање на урбаните подрачја при високи температури

Одржливото управување со водата е потребно и во услови на климатска криза кога водата станува сè поскапоцен ресурс, бидјеќи зголемените температури, продолжените суши и нерамномерните врнежи го намалуваат природното снабдување со и ја зголемуваат потрошувачката.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG