Достапни линкови

Зошто Таравари кокетира со ДУИ?


Арбен Таравари - Министер за здравство
Арбен Таравари - Министер за здравство

Не е задоволен од функционирањето на коалицијата ВРЕДИ, која е дел од власта, сака да избори подобри преговарачки позиции пред локалните избори или пак има некакви „долгови“ кон ДУИ? Њузлетер 25.04.2025

Коалицијата ВРЕДИ, која е дел од владата, предводена од ВМРО – ДПМНЕ, го доживеа првиот удар, од нивниот партнер Арбен Таравари, откако беше обелоденето дека тој телефонски разговарал со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Целата содржина на разговорот не е позната, освен дека станало збор за настапот на претстојните локални избори.

Тоа не му го простија во ВРЕДИ и го „исфрлија“ од партиската коалиција, а бараат да биде исфрлен и од Владата. Но, за тоа ќе одлучи премерот Христијан Мицкоски, откако ќе разговара со Таравари, како што е најавено, по први мај. Таравари е актуелен министер за здравство.

Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците го повика Таравари да се врати во партијата и да му се приклучи на Европскиот фронт, предводен од ДУИ. Но, Села и Таравари сеуште водат судски спор за тоа кој е лидер на Алијанса за Албанците.

Во меѓувреме, коалицијата ВРЕДИ ќе се трансформира во партија. Подготовките се веќе почнати. Тврдат дека владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ е стабилна и ќе остане стабилна и без Таравари во неа.
Пратеничката група на ВРЕДИ сè уште не одлучила како ќе продолжи нивниот настап во Собранието, сега кога Таравари се раздели од коалицијата.


Парламентарната група на коалицијата ВРЕДИ моментно ја сочинуваат 14 пратеници. Пет пратеници се од Алијансата за Албанците, тројца од Демократското движење и Алтернатива, двајца од Движењето БЕСА и еден независен пратеник.
Дури и сите пратеници од Алијанса да тргнат по патот на Таравари, односно, да преминат во опозиција, парламентарното мнозинство е стабилно, а со тоа и владата.

Што е целта на Таравари и што сака да постигне?

Првиот логичен одговор што се наметнува е - подобри преговарачки позиции за претстојните локални избори околу поделбата на градоначалничките места и советничките листи и можната поддршка и соработка со други партии.
Но, не може да се седи на две столици. Лидерот на Демократското движење од коалицијата Вреди и вицепремиер Изет Меџити деновиве изјави:
„Да се соработува со ДУИ и да се биде дел од Владата мислам дека не штима.“ Тој го повика лидерот на Алијанса за Албанците јавно да се изјасни дали преминал во таборот на ДУИ, додавајќи дека за владината коалиција соработка со ДУИ не е можна.

Целта на ВРЕДИ на наредните локални избори, меѓу другото, е ДУИ да доживее пораз и да се потврди, она што го тврдат – дека ВРЕДИ е легитимен претставник на Албанците во Македонија. Со тоа, ќе ги исфрлат сите адути на ДУИ и нивниот лидер Али Ахмети за можна политичка криза.

Но, евентуалното приклучување на Таравари кон таборот на ДУИ може да ги ослабне позициите на ВРЕДИ, а со тоа и на владејачката коалиција, но не и доволно за да биде соборена владата. Единствено ќе биде засилен притисокот за предвремени парламентарни избори.

Можните „обврски“ на Таравари кон ДУИ?

Арбен Таравари, невролог, доктор на науки, предавач на Медицинскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, на локалните избори во 2017 година стана градоначалник на Општина Гостивар, победувајќи го својот противкандидат од редовите на ДУИ, Невзат Бејта. Во 2021 година, како кандидат на Алијанса на Албанците и Алтернатива, повторно е реизбран за градоначалник на Гостивар.

Беше министер за здравство во владата на Зоран Заев, во која беше и ДУИ, а моментално е министер за здравство во владата на Христијан Мицкоски.

Но, она што го поврзува со ДУИ, меѓу другото, е куќата во скопската населба Тафталиџе, која ја купи од тогашниот сопственик на Пуцко Петрол, Исмаил Јахоски, пратеник на ДУИ и му стана сосед. Радио Слободна Европа пишуваше за оваа зделка.


Имено, Таравари, беше „под лупа“ на Државната комисија за спречување на корупцијата за начинот на кој ја купил куќата од Исмаил Јахоски и Љупка Еда Јахоска, за сума од 150.000 евра, цена значително пониска од пазарната вредност.

Сега, синот на Јахоски, Асмир, актуелен сопственик на Пуцко Петрол, е осомничен за малверзации со набавка на мазут од 2021 до 2023 година, во вкупна вредност од 167 милиони евра, заедно со Ратко Капушевски.

Таравари нема никаква врска со набавката на мазутот, но, од ВРЕДИ, преку партиско соопштение деновиве оценија:
„За Али Ахмети не е важно што негови луѓе набавувале токсичен мазут во износ од над 160 милиони евра и труеле цела нација. Преку послушникот на кичевскиот клан, Ислам Абази, (прв човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција), прави сѐ што може да го спаси од притвор лицето А.Ј. со кауција од 2 милиони евра.
Уште еднаш предупредуваме дека определбата на Ахмети е да предизвика политичка криза која би резултирала со предвремени парламентарни, заедно со локалните избори. Нему очајно му треба „Пржинска Влада” во која преку МВР, со кое би раководела опозицијата, би се направило сѐ за да се уништат доказите против поранешните корумпирани кадри на ДУИ“, се вели во соопштението на ВРЕДИ.

Како и да е, сега на потег е премиерот Христијан Мицкоски, кој сега е ставен во ситуација или да ги изменаџира односите меѓу Таравари и ВРЕДИ, или да прави реконструкција на владата, без министрите од Алијанса. Втората опција, ќе му оди во прилог на ДУИ, со можност за враќање на голема врата.
---------------------------

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG