Чаирскиот базен – меѓу политичките ветувања и реалноста без капка вода

Базен во скопската населба Чаир изграден пред половина век, служи како магацин

Во последните 12 години, речиси секој чаирски градоначалник во предизборната програма ветува базен за Чаирчани, ама никој до сега не запливал во него. Од трите базени ветени во последнава деценија, само еден е до половина готов. Од општината тврдат, виновна е претходната централна власт.

Инвестиција од милион евра, за изградба на модерен базен во близина на основното училиште „Адем Јашари“ во населбата Серава во скопската општина Чаир, најави вицепремиерот Изет Меџити кој, набрзо потоа објави дека планира министерската фотелја да ја замени со градоначалничката.

„Чаир е повикот што не можам да го одбијам!“, напиша на социјалната мрежа Фејсбук на 1 август и продолжи со секојдневни посети на Чаир како вицепремиер и министер за животна средина во придружба на сопартиецот и актуелен градоначалник Висар Ганиу.

Вицепремиерот Изет Меџити разгледува детален урбанистички план на Чаир

Покрај многуте милионски најави за проекти од државната каса наменети за Чаир, Меџити во своите објави на Фејсбук вети изградба на еден нов училишен базен и привршување на изградбата еден веќе започнат од неговиот сопартиец Ганиу, за кој според податоците од Бирото за јавни набавки, роковите на два пати се продлонгирани.

Ганиу вети не еден, туку три нови базени

Изградбата на базените се ветувања кои Ганиу ги наведе во своите две изборни програми. Првото ветување за изградбата на базенот во Чаир го даде Висар Ганиу на локалните избори во 2017 година. Но, во првиот мандат нов базен не беше изграден, ниту пак, беше реконструиран веќе постоечкиот објект кој засега се користи како магацин од приватни компании.

Во изборната прогама за вториот мандат Ганиу, повторно вети изградба на базени, но, овој пат ветувањето е три нови базени.

„Првиот голем базен ќе се изгради на поранешниот базен во Општина Чаир, кој ќе биде покриен со средства во рамките на стратешката инвестиција со компанијата Мабетекс“, е наведено во програмата на Ганиу за локалните избори во 2021 година.

Мабетекс е компанија која е основана од косовскиот бизнисмен и поранешен косовски претседател Беџет Пацоли. Неговата компанија во 90-тите го реновираше Кремљ, за што имаше сомнежи за корупција.

Видете и ова: Од реновирање на Кремљ до катни гаражи во Чаир

Од ветените три, еден е во изградба. Станува збор за базенот во училиштето во Топанско Поле „Исмаил Керими“ порано познато како „Рајко Жинзифов“. За него тендерскиот договор за изградба бил склучен во ноември 2023 година со компанијата „Еуровиа“.

Градоначалникот Висар Ганиу на Камен темелник за изградба на базен во училиште во Чаир,

Ганиу најави дека изградбата на објект од 600 метри квадратни во кој ќе има плиток базен ( од 80 до 130 сантиметри длабочина) ќе чини околу 600 илјади евра. Но, според податоците од Бирото за јавни набавки договорот склучен со „Еуровиа“ од Желино изнесува речиси 900 илјади евра.

За споредба оваа компанија во Тетово изградила училишен базен за 700 илјади евра, покажува истражувањето на 360 степени.

Роковите пробиени со помош на анекс договори

Првиот рок за негова изградба бил 14 месеци, односно требало да биде готов до јануари 2025 година. Но, со анекс договор рокот првиот пат бил поместен за мај 2025 година.

„Поради неповолните климатски услови во ноември и декември 2024 година, како што се високата влажност, честите дождови и ниските температури, условите за изведуваье на градежните активности беа значително отежнати или целосно оневозможени, поради тоа ќе се продолжи рокот за важноста на договорот до 31.05.2025“, се вели во првиот анекс договор.

Слично образложение е наведено и во вториот анекс договор со кој рокот од 14 месеци е зголемен на 22 месеца.

„Поради отежната набавка на потребни материјали од увоз од странство и неповолни временски услови што не се предвидени со проектната документација“, е наведено во вториот анекс договор.

Сопственикот на Еуровиа, Елмедин Адеми во 2019 година ѝ донирал на ДУИ скоро 40 илјади евра, 2,5 пати повеќе од законски дозволеното. Законот забранува фирма донатор на политички партии да добива државни тендери. Албанската тогашна опозиција, обвинуваше дека тендерите за Еуровиа завршуваат во џебовите на ДУИ.

Видете и ова: Плодни корупциски афери, јалови институционални исходи

Пред истекот на мандатот во март годинава, Ганиу потпишал и тендер за проект за изградба на затворен училишен пливачки базен во основното училиште „7 Марси“.

Причина за неисполнетите преизборни ветувања за три базени во Чаир, според општинските власти, лежат во „ограничениот општински буџет“.

„Жителите на Чаир, добро знаат со какви блокади и административни пречки се соочуваше Општината од страна на централната власт во изминатиот период, при што поддршката за клучни капитални проекти беше сведена на минимум,“ се вели во одговорот од Општината Чаир.

Оттаму велат дека општинскиот буџет е ограничен, а реализацијата на проекти од ваков обем е речиси невозможна без, како што велат, сериозна финансиска и институционална поддршка од државата.

Најавата на Меџити за нов базен во населбата Серава вреден милион евра се однесува на изградба во основното училиште „Адем Јашари“.

Изграден пред повеќе од 40 години, недоправен и заборавен од државата

Во меѓувреме во близина на границата меѓу општините Бутел и Чаир, постои објект кој за многумина жители е повеќе симбол отколку инфраструктура – базенот кој никогаш не заживеа.

Тој е изграден пред речиси 40 години, но овој комплекс никогаш не бил пуштен во функција за она за што бил наменет. Наместо неговите корита да бидат исполнети со вода, тој служи како магацин и деловен објект на две приватни компании.

Видете и ова: Предизборна општинска „дарежливост“, меѓу јавниот интерес и изборниот профит

Правни пречки – закупи до средината на 21 век

Клучна пречка за било каква реконструкција на овој објект денес се активните договори за закуп на објектот. Во моментот, базенот е под закуп на две приватни фирми, со договори склучени на 30 години од сега веќе поранешното Јавно претпријатие за стопанисување со спортски објекти под услови кои државните ревизори ги сметаат за неповолни за јавниот интерес.

Претходно таму фукнционирала фирма за изработка на ПВЦ врати и прозорци, а од неодамна се користи како магацин.

Првиот закупен договор кој е скучен во 2005-тата година истекува дури во 2035 година, а вториот склучен во 2019 година има правна важност до 2049 година.

„И покрај тоа што на 1 мај 2017 година престанува да постои законскиот основ за работа на Јавното претпријатие за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија, истото продолжува да работи во континуитет“, се вели во ревизорскиот извештај.

Двете фирми плаќаат симболична кирија по 250 и 350 евра за магацински простор од над илјада метри квадратни.

Со оглед на нискиот износ, Општината немала ниту финансиска ниту правна основа за раскинување на договорите без обештетување, што дополнително ја отежнува можноста за интервенција.

„Објектите се даваат под закуп на долг период 20-30 години, закупнините се мали во однос на големината на просторот што се дава и закупецот може истите да ги дава во подзакуп, дополнително не постои документација за промените запишани во имотните листи во однос на сопственост од легализација, приватизација или по друг основ“, се вели во ревизорскиот извештај за стопанисување со сопртските јавни објекти во 2024 година.

Тоа може да се види и од договорите во кои имаше увид Радио Слободна Европа.

„Закуподавачот договорно му дава право на закупувачот да го издава предметниот простор под закуп. Овој договор воедно претставува и дадена согласност за издавање во подзакуп на трети лица“, е наведено во еден од договорите.

Од друга страна за споредба, месечна кирија за изнајмување на еден магацински простор од 200 метри квадратни во скопската општина Шуто Оризари изнесува 300 евра.

Владината одлука и надлежноста на Општина Чаир

Во 2021 година, Владата донела одлука да му го пренесе во владение базенот на Општина Чаир, со цел да се олесни реконструкцијата и стави објектот во функција. Меѓутоа, со активните закупи, општината фактички не може да располагa со просторот.

По две години, во април 2023 година Општината побарала од Владата да го добие објектот без активните договори за закуп.

„Овие договори се склучени од страна на Агенцијата за стопанисување со спортски објекти. Поради тоа, Општината го одби преземањето на управувањето се додека не се расчисти целосно имотно правната состојба“, велат од општина Чаир.

Видете и ова: Пред избори тенка е линијата меѓу државната функција и партиската активност

Политички ветувања низ годините

Од 2017 до 2024 година, базените во Чаир беа неколкупати споменувани во јавноста како еден од проектите со кои ќе им се овоможи на подобро физичко образование на учениците во Чаир.

„Намената на овие базени е првично да се спроведе спортскиот план во основните училишта во рамките на физичкото образование, во кој случај учениците ќе имаат можност да учат пливање и да се рекреираат во текот на училишната година но и надвор од неа,“ се вели во предизборната програма на Ганиу во 2021 година.

Градоначалници и премиери најавуваа нов спортски комплекс, паркинзи, и комбинирани паркови со рекреативни зони. Дел од тие неисполнети ветувања се повторно актуелни на само два месеци пред одржувањето на локалните избори.