Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека ќе биде лесно да се постигне договор за прекин на борбите меѓу Израел и Иран, но во меѓувреме заколнатите непријатели разменија нови меѓусебни напади, а јеменските Хути соопштија дека испукале ракети кон Израел во координација со Иран.
Во објава на неговата платформа Truth Social на 15 јуни, Трамп исто така тврди и оти САД не се вклучени во последните израелски напади врз Иран и го предупреди Техеран дека секој напад насочен кон САД ќе биде пресретнат со жестока одмазда.
Пораките од Трамп доаѓаат откако меѓусебните напади меѓу Израел и Иран во текот на ноќта, во кои беа погодели поголемите градови, ги натераа цивилите во двете држави да бараат засолниште. И покрај меѓународните повици за мир, двете непријателски земји не даваат знаци на смирување.
Во текот на утринските часови експлозии се слушаа и во Тел Авив и во Ерусалим, а израелската војска ги повика граѓаните да се засолнат во скривниците откако Иран нападна со беспилотни летала и ракети – напади во кои загинаа најмалку седум лица, а околу 200 се повредени од 13 јуни досега.
Спасувачките екипи на 15 јуни соопштија дека најмалку 14-мина се повредени откако иранска ракета погодила куќа во северен Израел. Од службата за итни случаи подоцна соопштија и дека починала жена во нејзините 20-ти години.
Во друг напад во регионот Шефела во централен Израел загинаа 10-годишно момче, 80-годишна жена и 69-годишник, а околу 100 други беа повредени, соопштија официјални лица.
Државната иранска новинска агенција Тасним на 15 јуни потврди дека Техеран лансирал нов бран дронови и ракети кон Израел.
Видете и ова: Иран возвраќа со напади врз Израел, Нетанјаху најавува новиВо меѓувреме, во Иран, новинар за германската новинска агенција ДПА објави дека видел граѓани кои во главниот град Техеран чекаат во километарска колона за да ги наполнат возилата со гориво и да го напуштат градот поради нападите што доаѓаат од израелска страна.
Официјални лица и од Израел и од Иран потврдија дека израелските сили го нападнале седиштето на иранското Министерство за одбрана во Техеран рано наутро на 15 јуни. Детали за евентуална штета или жртви не беа објавени.
„Меѓу целите беа седиштето на иранското Министерство за одбрана, седиштето на нуклеарниот проект SPND (Организација за одбранбени иновации и истражувања) и дополнителни цели“, соопшти израелската војска.
„Техеран гори“, напиша израелскиот министер за одбрана Израел Кац на социјалните медиуми.
Во првичните напади се чинеше дека Израел избегнува да ја нападне енергетската инфраструктура на Иран поради растечките цени на горивата на светско ниво, но иранското Министерство за нафта рано на 15 јуни соопшти дека израелските напади погодиле две складишта за гориво во Техеран.
Претходно, иранските државни медиуми објавија дека за време на израелски напад избувнал пожар на гасното поле Јужен Парс во јужната покраина Бушер.
Во видеообраќање, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече: „Во блиска иднина ќе видите авиони на израелските воздухопловни сили над Техеран. Ќе ја нападнеме секоја локација и секоја цел на режимот на ајатолахот“.
Последните напади доаѓаат откако беа откажани нуклеарните преговори меѓу Иран и САД, планирани за 15 јуни во Мускат, објави оманскиот министер за надворешни работи Бадр Албусаиди. Сепак, тој додаде дека „дипломатијата и дијалогот остануваат единствениот пат кон траен мир“.
Претходно, Иран ги опиша разговорите како „бесмислени“ поради израелските воздушни напади во текот на изминатите два дена.
Видете и ова: Иран или САД - кој прв ќе се повлече од нуклеарните црвени линии?По започнувањето на израелските напади, министерот за надворешни работи Абас Аракчи за државните медиуми изјави дека продолжувањето на разговорите би било неоправдано.
Исто така, на 15 јуни, иранскиот генерал Есмаил Косари рече дека Техеран размислува дали да го затвори Ормутскиот теснец, кој го контролира пристапот на танкерите за нафта до Персискиот Залив.
Напади на двете страни
Нападите помеѓу Израел и Иран започнаа со изненадувачки воздушен напад од израелска страна врз иранските нуклеарни и ракетни постројки на 13 јуни, како и со напади врз генерали и неколку нуклеарни научници.
Меѓу погодените локации во Иран беше и командниот штаб на ИРГК во Техеран, според иранската државна телевизија. Во нападот, меѓу останатите, беше убиен командантот на корпусот, генерал-мајор Хосеин Салами, соопштија ирански претставници.
Државното радио на 14 јуни објави дека се убиени уште двајца генерали: Голамреса Мехраби и Мехди Рабани, кои се високи членови на Генералштабот на вооружените сили, со што бројот на високи воени претставници за кои се тврди дека се убиени се зголеми на осум.
Израелската војска, исто така, тврди дека во нејзините напади се убиени „девет високи научници и експерти“ вклучени во нуклеарните програми на Иран.
Нападите меѓу Израел и Иран го турнаа целиот Блиски Исток во сериозна состојба – на работат на целосна војна, со оглед дека веќе 20 месеци во тек е војната на Израел со Хамас во Газа.
Најсилниот сојузник на Израел – САД, го повика Иран да постигне договор за ограничување на своите нуклеарни амбиции. Иран збогатува ураниум до ниво близу на оружје, според мониторингот на Обединетите нации, а израелските шпионски претставници постојано го обвинуваат Техеран дека брза кон изградба на сопствено атомско оружје.
По првичните израелски напади, американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Техеран да постигне договор „пред да биде предоцна“.
На 14 јуни, Трамп на својата платформа за социјални медиуми напиша дека имал телефонски повик со рускиот претседател Владимир Путин за да разговараат за ситуацијата на Блискиот Исток, како и за војната на Кремљ против Украина.
„Разговаравме долго [за Иран]. Многу помалку време разговаравме за Русија/Украина, но тоа ќе остане за следната недела. Повикот траеше приближно 1 час. Тој смета, исто како и јас, дека оваа војна меѓу Израел и Иран треба да заврши, на што реков дека и неговата војна треба да заврши“, напиша Трамп.
Видете и ова: Нападите Израел - Иран се тест за Путин како можен посредник на Блискиот ИстокБританскиот премиер Кир Стармер повика на деескалација на конфликтот, но исто така рече дека дополнителни авиони на RAF се испраќаат на Блискиот Исток откако Техеран се закани дека ќе ги таргетира британските, француските и американските бази доколку тие земји му помогнат на Израел да ги спречи иранските напади врз Израел.
Кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пак, соопшти дека тој разговарал со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на 14 јуни за да ги осуди израелските напади врз Иран.
„Нашиот претседател изјави дека нападите на Израел сејасно кршење на меѓународното право, со цел да се вовлече целиот регион во оган и дека Нетанјаху се обидува да го саботира процесот на нуклеарни преговори со нападите“, се вели во соопштението од кабинетот на Ердоган.
„Турција внимателно ги следи случувањата во врска со можноста за истекување на нуклеарно оружје во објектот во Натанц. Единственото решение за нуклеарниот спор се дипломатските преговори“, се додава во соопштението.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата борба не е со иранските граѓани и ги повика да ја отстранат „бруталната диктатура што ги угнетува 46 години“.
Десетици смртни случаи и повредени
Од досегашните напади, во Израел се пријавени најмалку три убиени лица, а десетици други повредени, соопштија официјални лица.
Ирански дипломат, пред Обединетите нации соопшти дека се убиени 78 лица, а повеќе од 320 се повредени во првичните израелски напади. Државната телевизија на 14 јуни објави дека околу 60 лица, вклучувајќи 20 деца, се убиени во напад врз станбен комплекс во Техеран.
Пезешкијан подоцна му рече на пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф дека Иран ќе одговори „построго и помоќно“ доколку Израел продолжи со нападите.
Во меѓувреме, израелската војска објави дека извршила нов бран воздушни напади во Иран, посочувајќи дека целта биле десетици ракетни лансери и воздушната одбрана во регионот на Техеран.
Министерот за одбрана на Израел издаде остро предупредување до врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.
„Ако Хамнеи продолжи да испукува ракети кон израелскиот домашен фронт, Техеран ќе изгори“, рече Израел Кац, по состанокот со началникот на Генералштабот на армијата.
Видете и ова: Израелскиот напад врз Иран - тест за Трамп да ги држи САД подалеку од војнаТрамп, кој притискаше за преговори, претходно на социјалните мрежи напиша: „Сè уште има време да се стави крај на ова колење … на тоа“.
„Иран мора да склучи договор, пред да остане ништо од него и да го спаси она што некогаш беше познато како Иранска империја“, напиша тој, порачувајќи: „САМО НАПРАВЕТЕ ГО ТОА, ПРЕД ДА БИДЕ ПРЕДОЦНА“.
Николај Младенов, поранешен специјален координатор на ОН за мировниот процес на Блискиот Исток, тврди дека согласност од Иран да „ја прекине својата нуклеарна програма“ и да се врати на преговорите е „единственото дипломатско решение“ за конфликтот.
„Без тоа, она што веројатно ќе се случи е дека Израел ќе ескалира, Иран ќе ескалира, а може да има и последици во регионот и пошироко“, рече тој во интервју за Радио Слободна Европа во Прага.
Ако крајната цел на Израел е да ја собори иранската влада, тој предупреди дека нема гаранција дали тоа ќе успее.
„Промената на режимот е многу тежок и ризичен процес … Во голем број надворешни интервенции, стапката на успех не е толку голема, благо кажано“, рече Младенов.