Колку е реално сценариото за владини повереници наместо градоначалници?

Северна Македонија -гласање на локални избори, октомври 2021 година

По олеснетиот пристап за независни кандидати со два потписа и можни предолги гласачки ливчиња премиерот Мицкоски најави можност владата да именува повереници ако не успеат изборите во некои општини. Политички аналитичари велат дека неисполнет цензус е можен во помали општини погодени од иселувањето. Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК, предупредува на „злоупотреби од недобронамерници“.

Ако и по вториот круг на локалните избори не се избере градоначалник на општината, изборната Комисија ја известува Владата. Владата во рок од 15 дена именува повереник кој ги има надлежностите што ги има и градоначалникот. Владата го известува Собранието, па тоа во рок од 60 дена распишува нови избори во таа општина.

Вака регулира членот 134 од Изборниот законик, кој одговара на прашањето – што доколку не се избере градоначалник и по вториот изборен круг, што како дилема го постави премиерот Христијан Мицкоски.

Нема посебни критериуми околу назначувањето повереник - праксата е да биде од општината во која живее. Исто така, мандатот на повереникот е ограничен, бидејќи Собранието во рок од 60 дена мора повторно да распише избори.

Видете и ова: Мицкоски: Владата има право да именува повереници во општините, ако изборите се неуспешни

Мицкоски најави можност владата да именува повереници ако не успеат изборите во некои општини, по Упатството на Државната изборна комисија (ДИК) да им го олесни пристапот на листите на независните кандидати и со само два потписа да можат да учествуваат на локалните избори на 19 октомври.

Тоа ги наметна стравувањата дека може да се зголеми бројот на кандидати и да го направи гласачкото ливче долго и збунувачко.

„Се е можно, можно е гласачкото ливче да биде 7-8 метри, да ги обесхрабри граѓаните да излезат, да се намали цензусот, но тука сакам да предупредам дека согласно Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа која именува владини повереници“, изјави Мицкоски.

Видете и ова: Иницијативата „Шанса за Центар“ продолжува со собирањето потписи за формирање партија во пресрет на изборите

Цензусот за избор на градоначалник во првиот круг е излезност на минимум една третина од вкупниот број запишани избирачи во општината или градот Скопје. Ако никој не го добие потребното мнозинство, во втор круг се гласа за двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови во првиот круг. Во вториот е избран кандидатот кој добил поголем број гласови. Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, ДИК во рок од 15 дена од завршувањето на изборите е должна да ја извести Владата.

За избор на советници нема цензус. Бројот на советнички места се распределува по т.н. Донтова формула од бројот на гласовите што ги добиле листите на кандидати за членови на Советот одделно, регулира Изборниот законик.

Сценарио за неуспешни избори можно во помали општини

Аналитичари велат дека опасност од неуспешни избори на градоначалници има во помали општини кои се значително погодени од иселувањето.

„Не очекувам во голем број општини да нема цензус. Тоа може да се случи во некои помали општини, каде нема заинтересираност за гласање, да има апстиненција. Тоа се обично подрачја од државата кои имаат мал број население согласно пописот. Не очекувам изборите во Скопје да не успеат, или во големите градови“, изјави Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК, за Радио Слободна Европа(РСЕ).

Тој предупредува на можност да се појават многу кандидати и „злоупотреби од недобронамерници“.

„Се надеваме дека тоа нема да се случи. Но, ако се случи, можно е да дојде до компликација во делот на обработка на податоци, финансиски реперкусии, големи гласачки ливчиња. Сметајте дека зад параванот ќе има проблем со тајноста на гласањето, со сумирање на резултати, со голем број приговори. Од искуство кажувам дека може да се случат злоупотреби - може да го прави тоа некоја партија која мисли дека нема да победи во таа општина, па да им рече на своите поддржувачи да се пријават. Ако се пријават 1.000 кандидати, како ќе ги ставите на гласачко ливче?“, вели Новаковски.

Видете и ова: Пред избори тенка е линијата меѓу државната функција и партиската активност

Политичкиот аналитичар Сефер Селими вели дека најавата на премиерот повеќе личи на обид за обесхрабрување на независните кандидати, бидејќи традиционалните партии секогаш креирале дополнителни пречки за нив.

„Мали се шансите да дојде до назначување повереници. И да се случи тоа, сепак ќе мора да има вонредни избори за граѓаните, а не премиерот да одлучи кој ќе ги претставува“, изјави Селими.

Критериумите за учество на изборите за независни кандидати требаше да бидат утврдени со измени во Изборниот законик. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на 16 август свика итна седница за измените, но предлогот не помина поради недостиг на Бадентерово мнозинство откако против гласаа пратениците на ДУИ.

Собранието ќе одржи уште две седници пред почетокот на кампањата за локалните избори, на 2 и на 12 септември, но нема најави за уште еден обид за менување на Изборниот законик.

Кондарко: Имаме механизми непречено да се спроведат изборите

И покрај можната „инфлација“ на независни кандидати со само два потписа, претседателот на ДИК, Борис Кондарко, во интервју за РСЕ рече дека има механизми да се обезбеди непречено спроведување на изборите.

Евентуално поголем број кандидати може да ги поскапи изборите, кажа тој.

„Ќе видиме откако ќе помине рокот за поднесување листи, 13 септември, колку ќе бидат пријавени, колку ќе ги исполнат условите, колку ќе бидат потврдени. Ние со одлука го уредуваме изгледот и формата и содржината на гласачкото ливче, ќе прилагодиме онака како што мораме со цел да го обезбедиме правото на сите“, рече Кондарко во интервјуто за РСЕ.

Видете и ова: Инфлацијата на кандидати може да ги поскапи изборите

Владини повереници наместо градоначалници имаше по локалните избори во 2021, во општините Маврово-Ростуше и Центар Жупа каде градоначалници беа избрани од трет пат. На првите избори немаше цензус затоа што излегоа околу 25 отсто гласачи. Вториот пат во Маврово – Ростуше единствениот кандидат се откажа од трката, а во Центар Жупа повторно немаше цензус.

На 9 август, претседателот на Собранието ги распиша локалните избори. Според роковникот на ДИК, до 11 септември ќе трае јавниот увид во избирачкиот список. Листите на кандидати за градоначалници и советници треба да бидат доставени најдоцна до 13 септември. Кампањата почнува 20 дена пред денот на изборите, односно на 29 септември.

На локалните избори пред четири години, во прв круг беа избрани градоначалници во 34 општини, а во 46 општини и во Град Скопје имаше втор круг. На изборите гласаа 911.314 од вкупно за 1.8о1.965 регистрирани гласачи.