Достапни линкови

Вести

Рекламирањето за локалните избори ќе чини 6,5 милиони евра - во ДИК регистрирани 329 медиуми

Избори, архивска фотографија
Избори, архивска фотографија

Кандидатите на претстојните локални избори ќе можат да се рекламираат на 329 медиуми во државата.

Од пристигнатите 352 барања за упис во регистерот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми, интернет портали за изборите за Локалните избори за 2025, Државната изборна комисија (ДИК) позитивно одговори на 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали.

„Пристигнаа 352 барања за упис во регистерот, исто така до ДИК се доставени вкупно 399 ценовници за платено политичко рекламирање“, изјави Светлана Карапетрова, член на ДИК.

Таа информираше дека врз основа на целата обработена документација се запишани 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатни медиуми и 246 интенет портали.

Барањата на 22 правни лица, две телевизии, пет радиостаници, еден печатен медиум и 15 интернет портали се отфрлени како неуредни, односно ненавремено доставени – посочи Карапетрова.

Дополнително, рече таа, доставени се два ценовници за упис во регистерот, но на истите правни субјекти „нема доставено барање со што се отфрлаат како неуредни“.

Вкупниот буџет за одржување на Локалните избори 2025, изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини, или 6,5 милиони евра се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.

Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември. Ќе се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.

види ги сите денешни вести

Додик предложи мандатар на Владата на РС без законско овластување

Милорад Додик/Архива
Милорад Додик/Архива

Милорад Додик го предложи Саво Миниќ за мандатар на новата Влада на Република Српска. Миниќ досега беше министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Додик го направи ова иако нема законска надлежност, откако Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот од позицијата претседател на Република Српска.

Централната изборна комисија (ЦИК) го одзеде мандатот бидејќи Судот на Босна и Херцеговина на почетокот на август изрече правосилна пресуда со која Додик е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција. Затворската казна потоа, беше отплатена.

Во меѓувреме, Радован Вишковиќ, досегашниот претседател на Владата на РС, на почетокот на неделата поднесе оставка, така што ентитетот Република Српска остана без претседател и без премиер.

Оставката на Вишковиќ беше потврдена на 22. август од Собранието на Република Српска. Според законот, новиот мандатар го предлага претседателот на РС.

Во заклучоците на Собранието на РС од 22 август, се повикува Додик да продолжи да ја врши функцијата претседател на РС, се отфрлаат предвремени избори, а на институциите на ентитетот им се налага да не соработуваат со ЦИК. Опозицијата предупреди дека со тоа се влегува во зоната на кривични дела и повреда на уставниот поредок на БиХ.

Британскиот амбасадор Рејли: Референдумот за пресудата на Додик е закана за уставниот поредок на БиХ

Британскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Џулијан Рејли/ 2024 година
Британскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Џулијан Рејли/ 2024 година

Откако Народното собрание на Република Српска вчеравечер донесе одлука за одржување референдум по повод пресудата на Судот на Босна и Херцеговина за одземање на мандатот на Милорад Додик како претседател на Република Срска (РС), реагираше британскиот амбасадор во БиХ, Џулијан Рејли.

„Судот на БиХ, независна институција, го осуди поранешниот претседател на Република Српска, г. Додик, и таа пресуда мора да се почитува. Спроведувањето референдум за која било судска пресуда или непочитувањето на истата би било противзаконски и би го поткопало владеењето на правото и уставниот поредок на БиХ", изјави британскиот амбасадор во БиХ.

Народното собрание на Република Српска донесе одлука во доцните вечерни часови на 22-ри август за одржување на референдум на кој граѓаните на таа единица ќе се изјаснуваат за пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против Милорад Додик и одлуката на Централната изборна комисија на БиХ со која му е одземен мандатот како претседател на РС.

Референдумот е закажан за 25. октомври.

Референдумското прашање гласи: „Дали ги прифаќате одлуките на неизбраниот странец Кристијан Шмит и неуставните пресуди на Судот на БиХ против претседателот на РС, како и одлуката на ЦИК за одземање на мандатот на претседателот на РС, Милорад Додик?“

Одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина, кој не предвидува можност субјектите самостојно да распишуваат референдуми за одлуки на државните институции.

Исто така, усвоени се и измените на Законот за референдум и граѓанска иницијатива по итна постапка, кои овозможуваат формирање посебни комисии за спроведување референдум.

На почетокот на август, Судот на БиХ донесе конечна пресуда со која го осуди Милорад Додик на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција. Затворската казна беше отплатена, додека Централната изборна комисија на БиХ, постапувајќи по пресудата, му го одзеде мандатот на Додик како претседател на РС.

Од 18 август, Додик официјално не е претседател на РС, а Централната изборна комисија на БиХ е должна да распише предвремени избори за претседател на ентитетот во рок од 90 дена.

По одземањето на мандатот на Додик, ентитетот остана без претседател и без премиер, со оглед на тоа дека Радован Вишковиќ поднесе оставка.

Во заклучоците се наведува дека Народното собрание се спротивставува на одржувањето предвремени избори, дека „Додик е повикан да продолжи да ја извршува функцијата претседател на РС“ и дека од сите институции во ентитетот се бара да не преземаат активности поврзани со распишувањето избори.

Опозицијата предупреди дека со тоа се влегува во зоната на кривични дела и кршење на уставниот поредок на БиХ.

Мицкоски: Реконструкција на Владата, веднаш по изборите

Седница на Владата/Архивска фотографија
Седница на Владата/Архивска фотографија

Ниту една функција не е загарантирана ниту вечна – порача денеска (23 август) претседателот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој информираше дека веднаш по локалните избори ќе има промени во партијата, како и реконструкција и, како што рече, подобрување на капацитетите на Владата.

„Тоа не значи дека луѓето кои ќе се заменат биле лоши или немарни, но на владата секогаш ѝ треба зголемен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме“ истакна Мицкоски во своето обраќање на денешниот Саем за отчет на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ „4 години работа за тебе“.

Според Мицкоски, овие избори нема да бидат „вратата на ДУИ за во Владата“.

„Еден човек ми вели го готвите ДУИ да ви биде партнер во владата. Мојот директен одговор е ДУИ уште долго ќе биде во опозиција, затоа што досега не научи ниту една лекција. Не ги ставивме во опозиција за да без ниту една научена лекција се вратат на власт. Тие таму припаѓаат со нивниот коалициски пајташ во криминалот и ударите по Македонија, СДСМ“, рече Мицкоски.

Тој обвини дека „ДУИ и СДСМ имаат таен план против народот“.

„Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот, да ја изиграат демократијата и да ја заматат чистата слика на нивниот историски пораз што доаѓа“, додаде Мицкоски.

Реакција од ДУИ

На неговите изјави, Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагираше преку писмено соопштение, оценувајќи дека тие се „чисти клевети“.

Наместо да измислува имагинарни непријатели, премиерот треба да објасни зошто неговата влада го крши Уставот, зошто ги дискриминира Албанците, зошто спротивно на Уставот и законот го намали бројот на советници, зошто ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции во служба на неговите партиски и моноетнички планови и зошто со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година – наведуваат од ДУИ во денешното соопштение.

-ДУИ не може да остане рамнодушна кога се гази Охридскиот рамковен договор, кој е клучен за стабилноста на земјата и нејзината прогресивна иднина – се додава во писмената реакција.

СДСМ: Наместо развој, разочарувања за граѓаните

Во меѓувреме, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска и и кандидатите за градоначалник на Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Свети Николе, Неготино и Куманово одржаа серија прес конференции во партиското седиште.

„Четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ се четири години разочарувања за граѓаните. Четири години кои наместо развој и проекти за граѓаните, донесоа само разочарувања, нечисти општини, урбанистички хаос, поскапи цени за граѓаните и бројни скандали со тендери“, истакна Кузеска на денешната прес конференција.

Таа обвини дека „општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ, се претвориле во епицентар на тендерски шеми и партиски злоупотреби на народните пари“.

„Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ воведе поскапи сметки за вода, канализација, смет и го зголеми данокот на промет. Прилеп, Штип, Охрид, Битола, Ѓорче Петров, Бутел, Неготино, Гевгелија, Велес, речиси и да нема општина водена од ВМРО-ДПМНЕ каде не се покачени сметките за граѓаните“, додаде Кузеска.

Според неа, „изборните програми останале само на хартија, а граѓаните добиле четири години изгубено време“.

-А сликата на општините под капата на ВМРО-ДПМНЕ е срамна: улици полни со ѓубре, сообраќаен хаос, никакви инфраструктурни решенија, ниту еден сериозен проект за подобар живот. Наместо развој, видовме само застој и назадување – истакна Кузеска.

Таа се осврна и на состојбата во главниот град, каде како што рече, има хаос во јавниот превоз, но и нечисти улици.

„Наместо локалната самоуправа да биде сервис на народот, тие ја претворија во сервис за сопствени интереси и партиски привилегии“, посочи портпаролката на СДСМ, порачувајќи дека локалните избори се шанса за клучни промени на локално ниво.

Над шест милиони евра како донации се слеале во македонското јавно здравство за една година

Клиника за неврохирурфија, архивска фотографија
Клиника за неврохирурфија, архивска фотографија

Вкупно 85 здравствени институции во Северна Македонија во последната година добиле донации од меѓународни институции и организации, држави и хуманитарни фондации.

Донациите вредни 6,654,970 евра се во вид на медицинска опрема и материјали, добиени од 338 донатори – покажуваат податоците на новиот електронски модул за донации, кој го воведе Министерството за здравство.

Министерството денеска (23 август) соопшти дека целта е транспарентен преглед на сите примени донации.

Модулот е достапен на веб страницата: donacii.zdravstvo.gov.mk и овозможува детален преглед на секоја донација, со наведени податоци за донаторот, вредност на донацијата, како и информации за предметот на донацијата, односно дали се донирани медицински материјали, апарати, и сл.

Статистичките податоци покажуваат дека 85% од дадените донации досега се состојат од медицински материјали, вклучувајќи лекови, вакцини, апарати за некои јавни здравствени установи и други материјали – велат од ресорното министерство.

Оттаму додаваат дека досега во модулот се евидентирани над 400 донации.

Сепак, процесот на регистрирање сѐ уште е во тек и оваа бројка ќе биде уште поголема – велат надлежните.

Во нивното денешно соопштение, се наведува дека целта е да се обезбеди координација и одобрување на донациите.

-Воедно да се избегнат и ситуации кога пристигнува апаратура со различни оперативни системи или опрема за која нема достапни резервни делови и сервис во нашата земја – посочуваат од Министерството за здравство.

Почнува јавниот увид во Избирачкиот список за локалните избори

Изборен процес / Архивска фотографија
Изборен процес / Архивска фотографија

Во пресрет на локалните избори закажани за 19 октомври, денеска (23 август) почнува јавниот увид во Избирачкиот список кој трае 20 дена.

Државната изборна комисија (ДИК) го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна на 3 октомври.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко на вчерашната седница ги повика граѓаните од денеска до 11 септември на полноќ да извршат увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК. Нивните адреси се објавени на веб страната на Комисијата, а ќе бидат отворени од 8 до 20 часот непрекинато и за викенд и за празници.

Последниот ден од увидот на 11 септември подрачните одделенија на ДИК ќе бидат отворени до полноќ.

„Сукцесивно секој ден, по завршувањето на работното време подрачните одделенија ќе ни доставуваат податоци за дневна евиденција и истите податоци ние наредниот ден ќе ги објавуваме колку граѓани го искористиле ова право по општини и по подрачни ооделенија“, рече Кондарко.

Граѓаните, барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список што е ставен на јавен увид ги поднесуваат писмено до подрачното одделение на ДИК или месната канцеларија на подрачјето на живеење, или по електронска пошта до ДИК. Со барањето се приложуваат и потребните докази.

Барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список се поднесуваат во периодот од 23 август до 11 септември.

Увид во Избирачкиот список им се овозможува и на затворениците. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот список за време на јавниот увид, лицата во притвор или во затвор го поднесуваат преку органот надлежен за извршување на санкциите до ДИК, од 23 август до 11 септември.

ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето.

Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд решава во рок од 24 часа и одлуката веднаш му ja доставува на тужителот по електронски пат. Правосилното решение на Управниот суд донесено по тужбата за запишување, промена и бришење е составен дел на потпишаниот Избирачки список од страна на ДИК.

Барања од политичките партии по електронски пат

Барањето за доставување на Избирачкиот список политичките партии го доставуваат до ДИК по електронски пат, најдоцна на 11 септември.

ДИК во рок од три дена (најдоцна на 14 септември) од денот на завршување на јавниот увид, избирачкиот список го доставува до политичките партии кои доставиле барање до денот на завршување на јавниот увид.

Политичките партии во рок од пет дена од денот на приемот на избирачкиот список до ДИК (најдоцна на 19 септември) доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци.

ДИК по поднесеното барање одлучува со решение во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето, согласно Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список.

Против решението на ДИК, политичката партија може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа од денот на приемот на тужбата.

Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од завршувањето на јавниот увид на 12 септември доставува, листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа по било кој основ од денот на распишување на изборите до денот на завршување на јавниот увид и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите.

ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.

Органот надлежен за извршување на санкциите, најдоцна 30 дена пред денот определен за избори доставува податоци за лицата кои се во притвор или се наоѓаат на издржување казна затвор врз основа на евиденцијата што ја води овој орган до ДИК. Податоците се доставуваат на магнетен медиум и задолжително го содржат единствениот матичен број на граѓанинот, најдоцна до 18 септември.

Министерството за социјална политика, демографија и млади најдоцна 30 дена пред денот определен за избори, врз основа на сопствена евиденција и врз основа на доставените податоци од одговорните лица во установите за вонсемејно згрижување, до ДИК доставуваат податоци за лицата кои се пријавиле за гласање во установи за вонсемејно згрижување.

Основните судови до ДИК доставуваат податоци за лицата на кои со правосилна судска одлука им е целосно одземена деловната способност или делумно одземена деловна способност при што судот утврдил дека лицето нема способност да изрази правно релевантна волја на избори и податоци за лицата на кои им е изречена мерката притвор.

Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, ДИК го заклучува најдоцна 15 дена по завршениот јавен увид, најдоцна на 26 септември.

ДИК го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна 15 дена пред денот на одржувањето на изборите односно најдоцна на 3 октомври.

Првиот круг од изборите е закажан за 19 октомври, а вториот за 2 ноември.

update

Собранието на РС донесе неуставна одлука за референдумот, пресудата и одземањето на мандатот на Додик

Седница на Собранието на Република Српска (РС) посветена на одлуката за референдум за конечната пресуда и одземање на мандатот на Милорад Додик, поранешен претседател на РС, 22 август 2025 година.
Седница на Собранието на Република Српска (РС) посветена на одлуката за референдум за конечната пресуда и одземање на мандатот на Милорад Додик, поранешен претседател на РС, 22 август 2025 година.

Народното собрание на Република Српска доцна вечерва (22 август) донесе неуставна одлука за одржување референдум на кој граѓаните на тој ентитет треба да го искажат своето мислење за пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против Милорад Додик и одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ со која му беше одземен мандатот како претседател на Република Срска (РС).

Референдумот ќе се одржи, како што е усвоено, на 25 октомври оваа година.

Одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина, кој не предвидува можност субјектите самостојно да распишуваат референдуми за одлуки на државните институции.

Референдумското прашање, кое на седницата го прочита шефот на Клубот на пратеници на СНСД, Срѓан Мазалица, гласи: „Дали ги прифаќате одлуките на неизбраниот странец Кристијан Шмит и неуставните пресуди на Судот на БиХ против претседателот на РС, како и одлуката на ЦИК за одземање на мандатот на претседателот на РС, Милорад Додик?“

Властите на РС не го признаваат високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, и го оспоруваат неговиот легитимитет, тврдејќи дека неговото назначување не е потврдено од Советот за безбедност на Обединетите нации.

Владејачката коалиција претходно предложи референдумот да се одржи на 18 или 25 октомври, но референдумското прашање беше прецизирано дури на самата седница.

Одлуката за референдум беше придружена со усвојување на итни измени на Законот за референдум и граѓанска иницијатива, што треба да му овозможи на Парламентот на РС да формира посебни комисии за референдум.

На почетокот на август, Судот на БиХ донесе конечна пресуда со која го осуди Милорад Додик на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција. Затворската казна беше отплатена, додека Централната изборна комисија на БиХ, постапувајќи по пресудата, му го одзеде мандатот на Додик како претседател на РС.

Од 18 август, Додик официјално не е претседател на РС, а Централната изборна комисија на БиХ е должна да распише предвремени избори за претседател на ентитетот во рок од 90 дена.

Усвоени и заклучоци со кои се „отфрла“ пресудата за Додик

Покрај одлуката за референдум, владејачката коалиција предводена од СНСД усвои и збир заклучоци со кои Собранието на РС ја „отфрла“ пресудата на Судот на БиХ и одлуката на ЦИК со која се прекина мандатот на Додик како претседател на РС.

Во заклучоците се наведува дека Народното собрание се спротивставува на одржувањето предвремени избори, дека „Додик е повикан да продолжи да ја извршува функцијата претседател на РС“ и дека од сите институции во ентитетот се бара да не преземаат активности поврзани со распишувањето избори.

Еден од заклучоците предупредува дека „можната соработка со ЦИК на БиХ по ова прашање би претставувала извршување на кривично дело непочитување на одлуките на институциите или телата на РС, како што е пропишано со Кривичниот законик на РС“.

Усвоен е и заклучок според кој Колегиумот на Собранието на РС треба да подготви нацрт-резолуција за самоопределување на српскиот народ и Република Српска, иако Уставот на БиХ не предвидува право на самоопределување на ентитетите.

Опозицијата предупредува на „противуставни“ дејствија и ризик од радикализација

За време на дебатата, пратениците од опозицијата нагласија дека ентитетскиот парламент нема овластување да коментира судски одлуки.

Загорка Граховац, пратеничка од партијата Правда и ред, рече дека парламентот „може да изрази политички став, но не и да одлучува за судски одлуки“.

„Ентитетскиот парламент не може да го суспендира извршувањето на пресудите. Тоа ѝ припаѓа на судската власт, која е одвоена од законодавната и извршната власт“, нагласи Граховац.

Таа предупреди дека евентуалното усвојување на заклучоци за неодржување предвремени избори би значело „влегување во ново кривично дело - спречување на одржување избори“.

Недељко Гламочак од Српската демократска партија (СДС) оцени дека под маската на одбрана на РС се води политика што ги загрозува и институциите и граѓаните.

„Времето ќе покаже дали сето ова е вовед во изборната кампања. Но, оваа стратегија е многу ризична за Република Српска. Не можеме да одиме против целиот свет“, рече Гламочак.

Тој рече дека СДС „нема да ја следи владејачката коалиција во нејзините авантури“ и повика на единство околу РС, а не околу поединци и нивните пресуди.

Рамиз Салкиќ, независен пратеник во Собранието на РС, истакна дека дебатата за пресудата на Додик влегува во нова фаза на кршење на Уставот на БиХ.

„Замислете секој локален парламент да одлучи дали да признае пресуда или не. Ова води кон спирала на кривични дела. Пресудата е конечна и се упатуваме кон предвремени избори“, рече Салкиќ.

Тој го повика Собранието да усвои заклучок со кој ќе се бара од ЦИК што е можно поскоро да одреди датум за избор на претседател на РС.

Оставката на Вишковиќ и технички мандат на Владата

На истата седница, пратениците ја прифатија оставката на Радован Вишковиќ од функцијата премиер на РС, со што ентитетската влада стана техничка.

Според пропишаните процедури, претседателот на РС е тој што треба да предложи кандидат за нов ентитетски премиер во следните десет дена.

Бидејќи мандатот на Додик беше одземен, а Уставот на БиХ, како и Уставот на РС, не дефинираат кој ја извршува функцијата претседател на РС во случај на негово отстранување, во моментов нема никој да предложи нов премиер.

Сепак, Додик продолжува да се претставува како претседател на РС, а за време на седницата во вторник, Ненад Стевандиќ, претседателот на ентитетскиот парламент, го претстави и како таков.

Ова му овозможи на Додик, на кого му беа одземени овластувањата, да им се обрати на пратениците во својство на претседател на ентитетот, иако, формално, тоа повеќе не е така.

Украинецот уапсен во Италија за нападот врз „Северен тек“ одбива екстрадиција

Истекување на гас по експлозија на гасоводот „Северен тек“ снимено од дански воен авион, 27 септември 2022 година.
Истекување на гас по експлозија на гасоводот „Северен тек“ снимено од дански воен авион, 27 септември 2022 година.

Украинец уапсен во Италија оваа недела за саботажа на подводниот гасовод „Северен тек“ од Русија до Европа во 2022 година, денеска (22 август) одби да биде екстрадиран во Германија, објавија италијанските медиуми.

49-годишниот маж - кого италијанските обвинители го идентификуваа како Серхиј К., а медиумите го објавија како Серхиј Кузнецов - беше приведен во четвртокот, обвинет дека бил дел од група Украинци кои поставиле експлозивни направи на гасоводот во септември 2022 година, јави Ројтерс.

„Северен тек“ долго време е контроверзен гасовод, бидејќи му овозможи на рускиот гас да ги заобиколи транзитните правци во Источна Европа и ја направи Германија зависна од евтина енергија од Русија.

Тој е првиот уапсен во случајот, кој е политички чувствителен со оглед на руската инвазија на Украина од февруари 2022 година и западната поддршка за Киев.

Преку украински преведувач, тој му рече на судот во Болоња дека го отфрла барањето за екстрадиција на Германија и дека бил во Украина во времето на експлозиите на „Северен тек“, објави италијанската новинска агенција Анса.

Агенцијата наведува дека неговото следно рочиште е закажано за 3 септември и дека дотогаш ќе остане во притвор.

Серхиј К. беше уапсен во раните утрински часови во четврток во бунгалов во италијанската покраина Римини врз основа на европска потерница.

Германските истраги идентификуваа украинска група од пет мажи и една жена како сторители на експлозиите на гасоводот.

Се верува дека групата изнајмила јахта за да го изврши нападот, објавија германскиот весник „Дер Шпигел“ и други медиуми.

Германските обвинители изјавија дека Серхиј К. користел фалсификувани документи за идентификација за да изнајми јахта, која испловила од германскиот град Росток пред нападот.

Кога се случи експлозијата на Северен тек, западните сили брзо го впери прстот кон Русија, која беше под санкции за нејзината инвазија на Украина.

Москва, пак, го впери прстот кон Украина.

Германските обвинители минатата година издадоа налог за апсење на друг Украинец, по име Володимир З., инструктор по нуркање чија последна позната адреса била во Полска.

Според германскиот јавен радиодифузен сервис АРД и други медиуми, тој е осомничен дека е еден од нуркачите кои поставиле експлозивни направи во операција во која учествувал и брачен пар кој водел школа за нуркање.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата влада не знаела ништо за планот за уништување на Северниот тек.

Шефот на Федералните резерви навести намалени каматни стапки и предупреди на ризици

Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, 30 јули 2025
Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, 30 јули 2025

Претседателот на американските Федерални резерви (ФЕД), Џером Пауел, денеска (22 август) сигнализираше за можно намалување на каматната стапка, но не даде временска рамка за овој потег, сугерирајќи дека централната банка ќе продолжи претпазливо додека продолжува да го проценува влијанието на царините и другите мерки врз економијата.

Во говорот кој беше внимателно следен од Белата куќа и на Волстрит, Пауел рече дека постојат ризици и од зголемената невработеност и од зголемената инфлација, јави АП.

„Промената во рамнотежата на ризиците може да бара прилагодување на нашиот став“, рече Пауел.

Сепак, изјавите на Пауел сугерираа дека Федералните резерви ќе продолжат претпазливо во наредните месеци и ќе ги базираат своите одлуки за каматните стапки врз инфлацијата и невработеноста во Соединетите Американски Држави (САД).

Во брза реакција на говорот на Пауел, индексите на американските берзи скокнаа за повеќе од 1 процент.

Трговците проценија речиси 90 проценти шанса за намалување на каматната стапка од четвртина процентна стапка следниот месец, во споредба со околу 75 проценти претходно, пренесе Ројтерс.

Говорот на Пауел беше под лупа на Белата куќа, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп повеќе пати го навредуваше шефот на ФЕД и го повикуваше да ги намали каматните стапки, тврдејќи дека „нема инфлација“ и дека намалувањето на каматните стапки ќе ја намали и каматата на долгот на владата од 37 трилиони долари.

Овој говор отвори можност за намалување на каматната стапка на состанокот на ФЕД на 16 и 17 септември, но исто така става голем товар врз извештаите за работни места и инфлација што ќе бидат објавени пред тоа. Следниот месечен извештај за работни места треба да биде објавен на 5 септември, а податоците за цените на потрошувачите и производителите една недела подоцна.

Пауел беше назначен за претседател на ФЕД од Трамп за време на неговиот прв мандат, но тој брзо почна да го критикува поради неговата неподготвеност да води лабава монетарна политика. Сегашната администрација на Трамп се обидува да го замени Пауел и врши притисок врз него и другите членови на Одборот на гувернери.

Претседателот на Федералните резерви не може да биде разрешен поради спорови околу одлуките за каматните стапки, а Пауел изјави дека има намера да го отслужи својот втор мандат, кој завршува во мај.

Федералните резерви ги одржуваат каматните стапки во опсег од 4,25 до 4,5 проценти од декември, додека нејзините претставници го проценуваат влијанието на мерките на администрацијата на Трамп врз инфлацијата, која останува над целта од 2 проценти и се очекува да расте како што новите царини влијаат врз потрошувачките цени.

Газа официјално гладува, вели глобален монитор за глад

Палестинско момче трча додека пакети со помош се испуштаат од авион, во Деир Ал-Балах, централen дел од Појасот Газа, 12 август 2025
Палестинско момче трча додека пакети со помош се испуштаат од авион, во Деир Ал-Балах, централen дел од Појасот Газа, 12 август 2025

Газа и околните области официјално страдаат од глад и ова веројатно ќе се прошири, утврди денеска (22 август) глобален мониторинг за глад - проценка што ќе го ескалира притисокот врз Израел да дозволи повеќе помош на палестинската територија, пренесе Ројтерс.

Интегрираната класификација на фази на безбедност на храната (IPC) - глобална иницијатива на агенциите на Обединетите нации што работи на идентификување на состојбите со глад соопшти дека 514.000 луѓе, или близу една четвртина од Палестинците во Газа, се соочуваат со глад, а бројот се очекува да се зголеми на 641.000 до крајот на септември.

Околу 280.000 од тие луѓе се во северниот регион што го опфаќа градот Газа, за кој IPC соопшти дека е во глад по речиси двегодишната војна меѓу Израел и милитантите на Хамас - палестинско движење кое САД и ЕУ го сметаат за терористичко.

Ова e првпат IPC да регистрира глад надвор од Африка, а глобалната иницијатива предвиде дека условите за глад ќе се прошират во централните и јужните области на Деир ал-Балах и Кан Јунис до крајот на следниот месец.

Додаваат дека ситуацијата подалеку на север може да биде уште полоша отколку во градот Газа, но дека ограничените податоци спречуваат каква било прецизна класификација.

Ројтерс претходно објави за борбата на IPC да добие пристап до податоците потребни за проценка на кризата.

„Тоа е глад што можевме да го спречиме доколку ни беше дозволено. Сепак, храната се натрупува на границите поради систематската опструкција од страна на Израел“, рече шефот на хуманитарната помош на ОН, Том Флечер.

Израел ги отфрли наодите како лажни и пристрасни, велејќи дека IPC го базира своето истражување на делумни податоци во голема мера обезбедени од Хамас, кои не го земале предвид неодамнешниот прилив на храна.

Извештајот е „целосна лага“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Тоа е модерна крвава клевета, која се шири како шумски пожар преку предрасуди. Историјата ќе им суди на оние што ја продаваат“, рече тој во соопштението.

За еден регион да биде класифициран како регион во глад, најмалку 20% од луѓето мора да страдаат од екстремен недостиг на храна, при што едно од три деца е акутно неухрането, а две лица од секои 10.000 умираат секојдневно од глад или неухранетост и болести.

Претходно, IPC имаше регистрирано глад само во Сомалија, Јужен Судан и Судан. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека гладот во Газа е „катастрофа предизвикана од човекот, морална пресуда и неуспех на самото човештво“.

Тој повика на итен прекин на огнот, ослободување на сите заложници што сè уште ги држи Хамас, како и неограничен пристап до хуманитарна помош.

Шефот на ОН за човекови права, Волкер Турк, предупреди дека смртните случаи од глад би можеле да претставуваат воено злосторство.

Војната во Газа почна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас уби 1.200 луѓе во јужен Израел и зеде околу 250 заложници, според израелските пресметки.

Оттогаш, во воената кампања на Израел се убиени повеќе од 62.000 Палестинци, според здравствените власти во Газа.

САД, Катар и Египет се обидуваат да посредуваат за завршување на конфликтот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG