Граѓаните со паралелен трошок, покрај државното плаќаат и приватно здравствено осигурување

Илустрација

Приватното здравствено осигурување се попримамливо за граѓаните. Се почесто се вртат огласи за вработување во кои меѓу другото како едно од поволностите е и дека вработениот ќе може да се лекува во приватни болници. Осигурителните компании нудат најразлични пакети, државата крева раменици.

Скопјанецот Јаков К. има мала семејна фирма во која и тој самиот е вработен. Од пред речиси три години одлучил дека освен што ги подмирува сите давачки кон државата за вработените, меѓу кои е и здравственото осигурување, ќе земе и пакет за приватно здравствено осигурување од една од осигурителните компании кои ја нуди оваа можност.

За Радио Слободна Европа вели дека во неколку наврати му се докажало како точно тврдењето дека со приватното осигурување ќе добие многу подобра услуга, од државните здравствени установи.

„Имавме критична ситуација во која нашата осум годишна ќеркичка имаше огромни болки во стомакот. Прво се обративме во една од амбулантите од државното здравство, но доби погрешна дијагноза. Кога се упативме во една приватна болница и дијагностицираа сериозна состојба на панкреасот и остана речиси една недела на лекување. Тоа чинеше околу 4 000 евра, а се беше исплатено преку приватното здравствено осигурување“, вели Јаков К.

Дел од луѓето со кои контактираше РСЕ пак велат дека забележале дека цените за здравствени интервенции значително се повисоки, доколку кажеш дека имаш приватно здравствено осигурување.

„Лани имав проблем со вена во нога. По прегледот ми рекоа дека интервенција ќе ме чини околу 90.000 денари и побарав да го покријам со приватното осигурување што го имам од фирмата каде работам. Од болницата требаше да пратат барање за покривање на трошокот и по два-три дена ми се јавија од осигурителната фирма да ме прашаат дали се согласувам зашто сумата што ја побарала болницата била огромна и им било чудно. Не 90.000, како што ми кажаа мене дека ќе ме чини, туку побарале над 300.000 денари. Објаснувањето на докторот беше, 'па јас ти кажав сума за едната вена што е итна, а ова е за да ти ја средам цела нога'... Им ја откажав операцијата зашто изгубив доверба во докторот“, вели Анѓелина С.

Законот за здравствено осигурување, регулира дека во Северна Македонија има задолжително и доброволно. Задолжителното се однесува на сите граѓани и се спроведува врз начелата на солидарност, еднаквост, сеопфатност и ефективност, велат од Фондот за здравствено осигурување. За приватното од таму велат дека е надградба, а не замена на државниот систем.

„Државното здравствено осигурување го администрира Фондот, и преку него се обезбедуваат широк спектар на здравствени услуги, од избран лекар, дијагностички процедури и болнички третмани, до лекови на рецепт, ортопедски помагала и парични надоместоци во определени случаи. Од друга страна, доброволното здравствено осигурување, кое го нудат приватни осигурителни друштва, има за цел да обезбеди дополнителна заштита во сегменти кои не се опфатени со задолжителното осигурување“, велат од ФЗО.

Видете и ова: Милионска опрема фаќа прашина во болниците, а до преглед сѐ потешко


Огласници преполни со вработување со здравствено осигурување

Огласниците се преполни со понуди за вработување меѓу кои бенефиции е истакнато дека работникот ќе добие паралелно здравствено осигурување. Фирмите се подготвени да плаќаат за овој тип на осигурување и покрај тоа што дел од бруто платата на нивните вработени оди во државниот буџет.

И Јаков К. се одлучил на овој чекор бидејќи како што вели тоа е добро и за него, а примамливо и за оние кои сакаат да се вработат кај него како една од бенефициите кои ги нуди.

„Се одлучив на семеен пакет со кој на приватно може да се лекуваат и мојата сопруга и децата. Плаќам месечна сума од околу три илјади денари за приватното осигурување и додатно три илјади денари за задолжителното државно здравствено осигурување“, вели Јаков К, сопственик на мал бизнис.

Тој признава дека за себе да си пушта минимална плата која е обврзувачка со закон, за да заштеди на давачките за осигурување бидејќи му се зголемиле давачките за приватното осигурување.

Инаку според законот граѓаните одвојуваат 7,5% за здравствено осигурување и 0,5% за повреда на работа или професионална болест од вкупниот месечен бруто приход кои го добиваат. Така на пример ако бруто приходот на еден работник е 50 илјади денари, тогаш 4 000 денари од нив одат во државниот буџет, односно во Фондот за здравствено осигурување.

Од ФЗО сметаат дека сè поголемиот интерес кај граѓаните за паралелно склучување доброволно здравствено осигурување може да се должи на лична перцепција за побрз пристап или дополнителна сигурност во специфични здравствени ситуации.

„Тоа не значи недоверба во државниот систем, туку одраз на современите општествени текови, индивидуализирани здравствени потреби и зголемена информираност на населението“, велат од ФЗО.

Сепак потсетуваат дека законот не дозволува вработените да се откажат од придонесите. Според фондот нема ризик или закана за функционирањето на оваа институција.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Клековски - со десетина евра придонеси не може да има здравство како во Шведска


Државата знае за трендот, но не стравува

Секој граѓанин има право на избор во демократско општество и тоа е законски гарантирано. Ваков е одговорот на Министерството за здравство запрашано за тоа како го коментира големиот интерес за приватно здравствено осигурување меѓу граѓаните.

„Кога сè повеќе граѓани избираат да платат дополнително, Министерството за здравство не го игнорира тоа, напротив, го третира како повик на унапредување на состојбите. Започнати се процеси на дигитализација, оптимизирање и враќање на довербата во јавниот здравствен систем. Целта на Министерството е јавниот здравствен систем да биде прв избор поради квалитетот и достапноста“, велат од Министерството за здравсѕтво во одговорот за РСЕ.

Здравственото осигурување е дел од задолжителните социјални придонеси а работодавачот ги задржува и ги исплаќа во име на вработениот. Министерството за здравство сепак во ова не гледа финансиска обврска туку чин на солидарност.

„Здравствените придонеси се темел на јавното здравство, тие не се финансиска обврска, туку чин на солидарност кој овозможува сите граѓани, без разлика на социјален статус, да добијат пристап до здравствена заштита. Благодарение на овој систем, секој граѓанин добива заштита тогаш кога му е најпотребна. Наш приоритет е секој денар вложен во здравството да има видлив ефект и поврат кон граѓаните. “, велат од Министерствотоза здравство.

Министерството е свесно дека довербата во системот е клучна, затоа активно работиме на негово унапредување со мерки за подобра достапност, транспарентност и функционалност.

Приватните болници и осигурителните компании со примамливи пакети

Речиси секоја осигурителна компанија во Северна Македонија нуди здравствени полиси, може да се забележи од понудите на нивните интернет портали.

Цените се различни во зависност од за тоа каков пакет се заинтересирани граѓаните, а цената варира и според возраста на граѓаните, услугите кои би ги добиле од приватните болници со кои имаат склучено договори, а некои нудат и полиси со покриено лекување во некои други држави. РСЕ се обиде да контактира со дел од овие компании, но повратен одговор не доби.

Од приватната клиничка болница „Аџибадем Систина“ пак за РСЕ велат дека имаат воспоставено соработка со повеќе домашни и меѓународни осигурителни компани, кои нудат приватно здравствено осигурување. Ваквата соработка ја започнале веднаш штом осиурителните друштва ја вовеле оваа дејност.

„Со склучени договори со различни осигурителни компании, пациентите можат да ги користат здравствените услуги на болницата во согласност со условите од нивната полиса. Секојдневно расте бројот на пациенти што ни ја доверуваат својата здравствена грижа“, велат од Аџибадем Систина.

Додаваат дека сепак, секој пациент, без разлика дали си плаќа за услугата или е покриена од приватното осигурување ја добива целосно истата здравствена грижа и цена.