Нема детали како и каде и кога повторно ќе почне се гради нов здравствен објект во Кичево откако постоечкиот, нарекуван „нова“ болница пропаѓа додека се чекаше државата да го догради во последните 40 години и почната - незавршена, никогаш не беше ставена во функција.
Иако до само пред половина година премиерот Христијан Мицкоски велеше дека Владата на Северна Македонија разговара со влади на силни западноевропски земји за да се завршат болниците во Штип и Кичево и нивни екипи веќе ја скенирале состојбата на терен, сега Владата понуди спротивно решение - наместо да се догради оваа, ќе се гради нова болница на нова локација.
Образложението е дека објектот што веќе е изграден е статички нестабилен и прашање е дали може да издржи надградба и инсталација на потребната медицинска опрема.
„Кога излеговме на терен со луѓето, констатираа дека подобро е на друга локација да се гради, отколку на таа, бидејќи темелењето е различно, се е веќе различно. Поскапо е да се реконструира постојниот објект, кој е оставен 25 години да скапува“, изјави Мицкоски во јуни.
Од Министерството за здравство првично соопштија дека постоечкиот објект ќе биде пренаменет или урнат.
Кратко потоа, на 1 јули, Владата на предлог на Министерството за здравство ја усвои информацијата за потребата од обемна реконструкција и доизградба на болничките капацитети во Штип и Тетово, изградба на нов здравствен објект во Кичево и инвестиции во опрема и дигитална трансформација на здравството на национално ниво.
Видете и ова: Соопштени детали за договорот со Лондон: Ќе се градат железници, болници, студентски дом...Изградбата на целосно нова болница во Кичево е во рамки на стратешкото партнерство што Владата го потпиша со Обединетото Кралство и Северна Ирска, инвестициски пакет вреден 6 милијарди евра.
Околу 200 милиони евра од овие пари се наменети за инвестиции во здравството.
Мицкоски очекува болницата во Кичево да се изгради, целосно да се опреми и да пушти во употреба во рок од две години. Новиот објект ќе биде современ, енергетски ефикасен и целосно опремен и ќе чини 18 милиони евра.
Планирана е како регионален здравствен центар за жителите на Кичево, Македонски Брод, Пласница, Зајас, Вранештица и Демир Хисар.
Градежниот факултет и ИЗИИС не се консултирани
Градежниот факултет и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија(ИЗИИС), како најголеми надлежни инстуции со експертиза за градби, не ја правеле проценката за статичката стабилност на објектот на болницата во Кичево.
Од двете институции за Радио Слободна Европа(РСЕ) потврдија дека за конкретниот случај не се консултирани.
Од таму велат дека можно е за проценка да била ангажирана приватна фирма.
Видете и ова: Дали големите ветувања ќе го станат здравството од постела?Но, од Министерството за здравство не одговорија конкретно на прашањата на РСЕ кој утврдил дека постојниот објект е статички нестабилен и какви други конструктивни и проектни недостатоци се регистрирани.
Засега нема одговор ни дали ќе следува уривање и колку тоа би чинело.
„Владата го прифати предлогот на Министерството за здравство во Кичево да се гради целосно нова болница поради сериозни проектни недостатоци кај постојниот објект, а за сите останати детали јавноста навремено ќе биде информирана. Овие активности во моментов се уште се во рана, почетна фаза. По завршување на процедурите со финансиските институции ќе се потпише договор, по што ќе може да започнат активностите на терен за изградба на нова болница“, ни одговорија од Министерството за здравство.
Видете и ова: Болниците во внатрешноста на „шкрги“, скопските преплавени со пациентиСтручни лица од ИЗИИС работеле на проект за санација и зајакнување на „новата“ кичевска болница години претходно, во 2008 година. Вторпат мислење од нив било барано во 2014 година, за сеизмичка стабилност, кога им бил доставен проект со доградба и надградба на објектот. За тој проект ИЗИИС дал позитивно мислење.
„Тогаш во анализата сме кажале што недостасува. Не знаеме каква е сегашната состојба“, ни рекоа од Институтот.
Во меѓувреме, Министерството за здравство склучувало договори за доизградба на болницата. Еден договор е од 2014 , а вториот од 2021 година, со фирмата „Инсталација“ од Зајас. Рокот на завршување со вториот договор бил 2024 година.
Вредноста на двата основни договори, без дополнителни анекси, била 9 милиони евра,според податоците што ги објави Порталб.мк врз основа на законот за слободен пристап до информации.
Во 2023 година, Фатмир Меџити, тогашен министер за здравство, најави дека договорот со фирмата ќе се раскине бидејќи на терен не се одвиваат градежни работи, но и дека се разгледуваат опции Министерството да не трпи штета како последица од еднострано раскинување.
Нема потврда дека договорот е раскинат.
РСЕ ја контактираше фирмата „Инсталација“ со прашање што се случува со објектот и кој ќе ја надомести штетата од неспроведување на договорот.
Од таму ни рекоа дека сопственикот е надвор од земјата и да ги бараме за две недели.
Чекор напред, два назад, пари се трошеле, одговорност нема
Според сведоштва на мештани, кичевската болница почнала да се гради во 1985 година, кога бил направен првиот проект. Имало периоди кога на неа воопшто не се работело. Таков застој бил во периодот од 2006 - 2008 година, но долги паузи имало и во 2010-2011 година, па и подоцна.
Оттогаш се сменија повеќе влади и најмалку 20-тина министри за здравство. Сите ветуваа дека ќе ја завршат болницата во Кичево, но никој не го оствари ветувањето.
Од првиот проект во 80 години на минатиот век, низ годините во објектот се инвестирани милиони евра, за кои нема отчет како се потрошени.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Кичевци остареа чекајќи државата да им изгради нова болница
Во меѓувреме, пациентите од тој регион се лекуваат во таканаречената „жолта зграда“ на кичевската болница, стара околу 100 години. Во неа има шест амбуланти, работат 10-тина доктори и прегледуваат по околу 150 пациенти дневно.
Условите се екстремно лоши – зградата се распаѓа, нема централен довод на кислород, па хирурзите работат со боци во една операциона сала што ја делат меѓу себе. Електричната инсталација е стара и болницата не може да користи нови апарати, иако ги има.
Кога Радио Слободна Европа зимоска ја посети болницата, објектот што сега ќе се урива беше запуштен, полн со ѓубре и обраснат со трева, а лекарите и пациентите сведочеа за лошите услови во кои работат и се лекуваат додека ја чекаат децениски ветуваната нова болница.
Проф.Горан Марковски: Незавршените објекти отпосле ги плаќаме по многу повисока цена
Професор д-р Горан Марковски, декан на Градежниот факултет во Скопје, вели дека оставањето недовршени објекти на забот на времето носи ризик од потенцијални оштетувања, функционална застареност и неусогласеност со актуелните нормативи.
„Во градежништвото нема полошо од почнати и недовршени објекти. Тоа отпосле го плаќаме по многукратно повисока цена. За жал имаме поголем број такви примери во државата. Можеби најкарактеристична е железничката пруга кон Бугарија“, изјави Марковски за РСЕ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Новата болница во Штип пропаѓа, се бара решение
Додека објектите стојат недоградени и неупотребливи, во тој период се менуваат законските прописи, стандарди, материјалите во градежништвото, и се наметнува дилемата како да се продолжи - дали да се урне изграденото и да се почне од почеток или да се продолжи со изградба по цена на дополнителни зајакнувања на конструкцијата, поправки и измени.
Проф.Марковски вели дека денес, тенденција во западните земји е да се спасуваат постоечките градби затоа што нивното уривање е извор на нови количини градежен шут, а истовремено повторното градење е причина за емисија на нови количини јаглерод диоксид во атмосферата.