Достапни линкови

Соопштени детали за договорот со Лондон: Ќе се градат железници, болници, студентски дом...


Прес-конференција на премиерот Мицкоски и британскиот амбасадор Лосон за договорот за стратешко партнерство, Скопје 17 мај 2025
Прес-конференција на премиерот Мицкоски и британскиот амбасадор Лосон за договорот за стратешко партнерство, Скопје 17 мај 2025

Со документот за стратешко партнерство, двете влади испраќаат силна порака дека интересите на граѓаните се најважни, а дека политиката е моќен инструмент кога создава вредности, а не поделби, истакна денеска, 17 мај, премиерот Христијан Мицкоски на заедничката пресконференција со британскиот амбасадор Метју Лосон по повод согласноста за договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.

Премиерот нагласи дека договорот ќе биде основата за инвестициски циклус којшто „ќе има вкупна рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарда евра, при што дел од овие пари ќе бидат употребени за инвестиции во инфраструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железницата од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот медицински факултет, студентски дом со капацитет од двестотини легла, изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом, реконструкција на клиничката болница во Тетово...“.

„Партнерството што го формализираме, ќе придонесе за модернизација на нашите вооружени сили и подлабока интеграција во НАТО стандардите. Ќе ни овозможи да ја зголемиме безбедноста на границите и да се спротивставиме на трговијата со луѓе и шверцот“, изјави Мицкоски.

Според премиерот, стратешкото партнерство не е награда туку е признание за нашата досегашна доследност.

„Ова што се постигна претставува втор клучен столб на нашата меѓународна позиционираност, по стратешкото партнерство со САД. Овој договор е голема потврда дека нашата држава чекори по патот на стабилноста, безбедноста, развојот и европската иднина“, нагласи премиерот.

Амбасадорот Метју Лосон оцени дека договорот е врвен момент во билатералната врска меѓу двете земји, изградена на заеднички вредности, заедничко членство НАТО и мошне богата трговска врска.

„Ние сме големи инвеститори и британската Влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креира поголем раст и стотици милиони фунти од кои граѓаните на оваа земја ќе имаат корист заедно со граѓаните на нашата земја“, рече Лосон.

Тој демантираше дека со договорот државава се обврзала на прифаќање мигранти, појаснувајќи дека станува збор за соработка на полициски сили и подобро справување со криминални групи.

XS
SM
MD
LG