„Да дојдеше порано Итната медицинска помош, можеби животот на еден од нив двајца ќе беше спасен. Или нејзиниот живот, или на бебето“, вели блиска роднина на 36-годишната И.Т. која пред две недели почина во седмиот месец од бременоста.
Полицијата извести дека таа починала во приватна здравствена установа во скопско Кадино, каде лекар констатирал смрт без видливи траги на насилство.
Околноститесѐ уште не се до крај разјаснети, а тврдењата на семејството и Итната помош до некаде се разликуваат.
Роднина на сега починатата за РСЕ вели дека вработените во приватната амбуланта се јавиле два пати на Итната помош. Состојбата ѝ се влошувала и додека ја чекале Итната медицинска помош семејството решава да ја однесе на Клиниката за гинекологија и акушерство. Меѓутоа, веќе било предоцна.
Кога пристигнала Итната помош само констатирале дека жената веќе била почината.
Д-р Димоска: Секоја бременост со себе носи ризик
Од друга страна, раководителката на Итната медицинска помош, д-р Анита Димоска за РСЕ вели дека тоа е поспецифичен случај и оти секоја бременост со себе носи одредени ризици.
„Секоја трудница е посебна индивидуа, не знаеме што се случувало претходно. Таа дошла да провери крвна слика и Д димери во лабораторијата, но што се случувало не би можела да кажам подетални информации“, посочува д-р Димоска.
Таа потврдува дека имало две јавувања пред да биде испратено возило на итната помош во приватната амбуланта каде што на преглед била бремената жена.
„Значи, направен е првично разговор со докторката од амбулантата, меѓутоа потоа е договорено ако не се подобри состојбата за кратко време, повторно да се јават. Кога се јавуваат по втор пат, се праќа екипа, но наш доктор констатира, за жал, смртен исход кај трудницата. Нашата екипа имаше отидено, но констатирана е смрт“, додава д-р Димоска.
Од приватната здравствена установа каде трудницата се обратила за помош, не сакаа да го коментираат случајот.
И Обвинителството го испитува случајот
Како што информираше и полицијата во својот билтен, телото на починатата, по наредба на јавен обвинител било предадено на обдукција.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Санитарниот инспекторат со преполовена екипираност ги контролира болниците
Наодот веќе е доставен до Основното јавно обвинителство Скопје – потврдија од оваа институција за Радио Слободна Европа.
Се преземаат и други дејствија за целосно испитување на настанот, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука – додаваат оттаму во писмениот одговор за овој случај.
Претставки до ДСЗИ за работата на Итната медицинска помош
Додека Обвинителството го испитува случајот, за него не е поднесена ниту претставка ниту иницијатива за постапување до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Но, од Инспекторатот за Радио Слободна Европа посочуваат дека претходно до нив се доставувани други претставки од граѓани кои се однесуваат на работата на Итната медицинска помош.
По истите се постапува во законски предвидениот рок и се известува странката за констатираната фактичка состојба и преземените мерки – истакнуваат од ДСЗИ.
А Службата за итна медицинска помош во Скопје работи со недоволен број вработени и затоа велат дека се принудени да прават хиперселекција на повиците, чиј вкупен број во текот на едно деноноќие достигнува до 200.
Раководителката, д-р Димоска вели дека на терен се реализираат околу 65 до максимум 70 прегледи.
Неопходно е зајакнување со кадри и возила
Високите температурии, но и пожарите на отворено кои зачестуваат, ја интензивираа работата на Итната помош, каде има шест тимови во смена.
„Еден тим брои доктор, медицинска сестра и еден техничар, односно возач. Значи тоа се тројца вработени во еден тим. Малку постои недоразбирање кај јавноста кога мислат дека ние во еден тим имаме „болничари“, „носачи“ кога ќе треба нешто да се крене, но тоа е сѐ на добра волја на вработените“, вели д-р Димоска за РСЕ.
Таа потенцира дека неопходно е да бидат добро зајакнати, бидејќи како што вели, токму тие се првата карика во целиот ланец на јавниот здравствен систем.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Клековски - со десетина евра придонеси не може да има здравство како во Шведска
Но по честата смена на министрите за здравство во изминатиот период, како и изборите кои претстојат за неколку месеци, создаваат дополнителни временски ограничувања на објавувањето на конкурси за вработување.
„Имајќи предвид дека нашата служба работи тимски, така би требало да одат и вработувањата. Ако се вработат само доктори, проблемот би бил недостатокот на сестри и на возачи. Секако тука спаѓа и набавката на медицински возила односно санитетски возила со опрема. Тие работи одат секогаш заедно во набавката, како кадровски зајакнувања, така и со возила и медицинска опрема“, вели раководителката на Службата за Итната медицинска помош во Скопје Димоска.
Вработените од итната помош се на терен при поплави, пожари и други непогоди. Така, при пожар, се случува од шест екипи вкупно четири да се ангажирани таму, при што остануваат само две екипи за сите преостанати повици.
„Во таква ситуација и оние доктори кои ни се на телефон се доведени во една ситуација да мораат и да прашуваат повеќе, да кажат ако не е подобро јавете се повторно. Многу од нашите корисници неоправдано бараат да се дојде на лице место, секој сака да дојде доктор дома, а некој знае да даде и неточни или неоправдани податоци за да се дојде“, заклучува д-р Димоска.
Опремувањето на Итната медицинска помош беше дел од предизборните ветувања во 2024 година, на актуелната владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ.
Пред да го освои мнозинството гласови на ланските парламентарни избори, оваа партија ветуваше „100 нови возиила, соодветен медицински персонал и проширување на мрежата на пунктови за итна медицинска помош во Скопје и регионалните центри низ државата“.
Од владината прес служба, сепак не одговорија конкретно на прашањето на РСЕ дали во ребалансот на Буџетот се предвидени пари за обнова на возниот парк не само на Итната медицинска помош, туку и на противпожарните служби.
Видете и ова: Нови противпожарни возила никако да го „разгорат“ буџетотОттаму велат дека изминатата една година, колку што помина од мандатот, работеле на стабилизирање на наследената состојба која била „катастрофална“ – и институционално и логистички.
Од Министерството за здравство велат дека во моментот течат постапки за вработување нови кадри. Веќе е пристигната и согласност од Министерството за финансии за вработување на 117 лица во Здравствен дом Скопје, под кој спаѓа и службата за итна медицинска помош.
Вкупно 40 од нив, ќе бидат вработени токму во Итната медицинска помош, која во моментот располага со 15 возила и 5 за домашна посета.
Дополнително на ова, уште една согласност е во процес на обезбедување согласност со останатите надлежни институции, што ќе значи дополнително зајакнување на установата.
Согласност за нови вработувања имаат добиено и здравствените домови во други градови, меѓу кои Штип и Кичево.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации од 2023 година, нотираше дека на Северна Македонија ѝ недостигаат 52 тимови за итна медицинска помош за да се задоволи законскиот минимум.
Во периодот од 2025 до 2023, бројот на тимови за итна помош се намалил за 22, а најалармантна е ситуацијата во главниот град Скопје.