„Нема правда, нема мир“ беше слоганот на таканаречената Шарена револуција, со чија помош беше соборена владата на Никола Груевски и заменета со владата на Зоран Заев. Главното ветување беше расчистување со криминалот и корупцијата, а за таа цел беше формирано и Специјално јавно обвинителство.
Од крупните афери - епилогот беше – Груевски си замина од државата, Сашо Мијалков и други „крупни риби“ ги влечкаа по судови, некои предмети застареа и речиси поминаа неказнето. Во меѓувреме, падна и главната обвинителка на СЈО, Катица Јанева, - за корупција.
Со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, во коалиција со ВРЕДИ и ЗНАМ, лани, почнаа да излегуваат на виделина и криминалите и аферите на претходната власт, предводена од СДСМ и ДУИ.
Состојбата е слична и сега. Зоран Заев го нема, (се шпекулира за бизниси во Дубаи, во Индија...) Артан Груби, осомничен за малверзации во Државна лотарија, избега, како и екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, исто така осомничен за малверзации со тендери. Асмир Јахоски, газдата на Пуцко петрол, кој заедно со Ратко Капушевски се осомничени за увоз на отровен мазут, беше притворен, па ослободен и се шета надвор од државата.
Како е сето ова можно?
Лесно – според една поговорка, - се што не може да се купи со пари, може со МНОГУ пари. Да има за сите, и за политичари и за истражни органи и за обвинители и судии. Или, ако со време сте инсталирале свои луѓе на врвовите на тие институции.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно на прес конференции објавува афери за наводни криминали на Заев, за сегашниот лидер на СДСМ, Филипче, и други, но без ефект, освен за политички поени. А власт се и најодговорни за состојбите во државата.
Истото, само за актуелните функционери и новите сомнителни тендери го прави СДСМ, но, и тоа е без ефект.
Што прават обвинителите, судиите? Се разбира, работат на случаите, работат, работат, се додека не се заборави, застари или пак, ако има обвинение, судските процеси траат со години, па се префрлаат од еден на друг суд, до исцрпување. Или пак, постапуваат така како што ќе им биде „наредено од горе“.
Се разбира, има и чесни обвинители и судии, но, очигледно доминираат другите.
Примери за ваквите шеми има повеќе
Еве на пример, деновиве, ИРЛ објави детално истражување за набавките на јагленза потребите на ЕСМ од 2022 до денес. Нетранспарентно, за 283 милиони евра. Од една од овие зделки, девет милиони евра завршиле кај бугарска фирма во сопственост на братот на поранешниот премиер Зоран Заев, бизнисменот Вице Заев. А со едно ауди се офајдил и Венко Филипче. И не се само тие.
Од Јавното обвинителство на колегите од ИРЛ им одговориле дека во тек се неколку предистраги за предмети поврзани со набавките на јаглен.
Ако новинарите на ИРЛ успеале да ја откријат целата шема за набавка на јагленот, фирмите, сопствениците, итн, логички се поставува прашањето што работи обвинителството? Имаат готов предмет.
Друг пример е серијата написи на Радио Слободна Европа за малверзациите во Државна лотаријауште за време на претходната власт, детално, со документи, докази, за повеќе сомнителни зделки. И тогаш обвинителството имаше предистрага и толку. Дури кога се смени власта, се разбудија.
Видете и ова: Тендери без критериуми во Државна лотарија во времето на Перпарим БајрамиВакви и слични примери, кога новинари и од други сериозни редакции разоткриваат криминални шеми има многу, и најчесто се без епилог.
„Нема правда, има мир“
Можеби овој слоган е најсоодветен за состојбите во нашето општество со години. Покрај корупцијата и нефункционирањето на правосудниот систем, уште еден битен елемент е сериозна кочница за правдата. Политичките игри, испреплетеноста на политичарите со крупните бизниси и опстанокот на владините коалиции.
Новото раководство на СДСМ призна дека ја платиле цената за одржување на коалицијата со ДУИ кога беа на власт. „СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи да биде ставен во истата рамка или да биде подреден на било која партија, особено не на ДУИ. Коруптивната стигма која со години ја носи оваа партија е нешто од што јасно и недвосмислено се дистанцираме“, изјави лидерот Венко Филипче пред неколку месеци.
Деновиве, пак, не ја исклучи можноста за коалиција со ДУИ и со Арбен Таравари на претстојните локални избори.
Во слична позиција сега е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски. Коалицијата со ВРЕДИ, чиј значаен дел се поранешни членови на ДУИ, засега е стабилна, и покрај бурата што ја предизвика градоначалничката на Скопје Данела Арсовска со обвинувања за дивоградби и фалсификати во општина Чаир. Мицкоски засега е воздржан.
Видете и ова: Конфискација на дивоградби- признание за немоќта на институциитеДанела Арсовска откако го „преспа“ речиси целиот мандат, според многумина, направи хаос во јавните градски претпријатија, нема ниеден позначаен проект за Скопје, сега отвори фронт против градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, а и директно против Мицкоски.
Без оглед на нејзините мотиви, дали работи во интерес на ДУИ пред локалните избори, дали тера некоја своја лична одмазничка битка или нешто трето, таа афера мора да има епилог, бидејќи станува збор обвинувања за сериозни кривични дела.
Ако низ правосудните органи, без манипулации, се докаже дека Арсовска е во право, тоа сериозно ќе ја разниша владината коалиција. Мицкоски ќе нема многу маневарски простор, - или ќе ја тера правдата до крај, за сите, па и по цена на растурање на коалицијата со ВРЕДИ, или пак, ќе се одлучи за „мир во куќа“, што може да биде погубно на наредните избори, кога и да се.
А во меѓувреме, за корупцијата во сопствените редови, никој не зборува.