Независните кандидати не веруваат на изјави - бараат сигурен начин за учество на изборите

Графичка илустрација - Локални избори 2025

И покрај најавата од претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, дека на независните не им требаат потписи за да учествуваат на изборите, граѓанските иницијативи продолжуваат да собираат потписи за да формираат партии. Ставот на премиерот Христијан Мицкоски е дека одлуката е кај ДИК која има механизам да донесе нов правилник, а каков ќе биде, зависи од самата Комисија.

Наместо решение, прават уште поголем хаос - вака претставници на независните граѓански иницијативи го толкуваат појаснувањето што стигна од Државната изборна комисија(ДИК) за тоа како тие можат да учествуваат на претстојните локални избори на 19 март, откако нивните кандидатури се проблематизираа поради правен вакум.

Проблемот за независните настана откако минатата година беа донесени измени на Изборниот законик, со кои им се наметна повисок законски праг за да се кандидираат на избори. Имено, наместо 1.000 потписи од избирачи во конкретна изборна единица, на независните кандидати им беше наложено да обезбедат потписи од најмалку еден отсто од вкупниот број запишани избирачи, доколку станува збор за парламентарни избори.

Видете и ова: Уставен суд ќе ја оценува уставноста на измените во Изборниот законик за листите на независни кандидати

За локални избори претходно на независните кандидати за градоначалници и советници им се бараа меѓу 100 и 1 000 потписи во зависност од бројот на жители во општината. По измените на Изборниот законик, треба да соберат најмалку еден процент потписи од вкупниот број на запишани избирачи во општината, односно во Градот Скопје.

Но, во мај Уставниот суд ги укина одредбите кои ги регулираа условите за потребни потписи, а Собранието оттогаш не донесе нови измени. Така се направи правна празнина што го проблематизира учеството на независните кандидати на изборите.

Или упатство од ДИК или законски измени во Собранието

Државната изборна комисија(ДИК) на седницата од викендов да го стави вон сила Правилникот за регулирање на постапката за собирање потписи. Како што појаснија од ДИК, тоа е согласно одлуката на Уставниот суд со која се укинаа членовите 61 и 62 од Изборниот законик за процентот и бројот на потребни потписи за кандидирање на изборите.

Борис Кондарко, претседател ДИК, изјави дека независните кандидати би можеле да поднесат листи на претстојните локални избори и без да собираат потписи.

„Согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран. Значи, ДИК нема право и никому не му го ускратува законското право за учество на избори. Членот 60 постои во Изборниот законик, тој е јавен и достапен за сите. Значи сите – и политички партии и коалиции и група избирачи, согласно членот 60, имаат право да учествуваат на изборите“,
изјави Кондарко.

Видете и ова: Партиите ги истиснаа независните на гласачкото ливче

Тој најави дека ако Собранието не ги донесе измените во Изборниот законик пред почетокот на законскиот рок за собирање потписи (10 дена по распишувањето избори), ДИК ќе излезе со Упатство за кандидирање на независните кандидати.

Измените неколку месеци се во процедура, но не се изгласани во Собранието. Во ситуација кога нема јасно решение, независните побараа и автентично толкување за постоечкиот правен вакум, но не добија мислење од Владата за да може понатаму да биде проследено во Собранието.

Ставот на премиерот Христијан Мицкоски е дека одлуката е кај ДИК која има механизам да донесе ново Упатство, а какво ќе биде тоа, зависи од самата Комисија.

Мицкоски денеска изјави дека Изборниот законик е блокиран од една опозициска партија „поради барања кои немаат никаква логика ниту некаде во светот се применуваат“. Тој алудира на ДУИ кои, како што рече тој, бараат кој било член во изборната комисија да има право стави вето без разлика на одлуката на мнозинството.

„Но, доколку постои политичка волја ние како владина коалиција сме апсолутно подготвени уште утре да се стави оваа точка на дневен ред и да се заврши тоа. Ќе повторам, усогласен е од страна на политичките партии, зборувам за сите со исклучок на една што се премисли во последен момент.
Ова е еден од тие закони коишто новиот деловник во Собранието овозможува филибастеринг од политичките партии“, изјави Мицкоски.

Видете и ова: Гаши: Прашањето за учество на независните кандидати на изборите ќе мора да се реши

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на брифинг со новинарите рече дека прашањето за учество на независните кандидати на претстојните локални избори ќе мора да се реши, но ни самиот не знае како и кога би се согласиле парламентарните партии да го донесат законот.

„Препораките на Уставниот суд беа да се донесе нов Изборен законик, кој ни е во процедура но не можеме да го поминеме, откако во март ги укина членовите со кои на независните кандидати им беа потребни зголемен број потписи за да се кандидираат на избори, но еве сега и на крајот на јули не се исполнети условите за да се донесат новите норми. Имаше согласност од големите партии, а се противеа ДУИ и Левица. Ако имаме услови до крајот на месецов би го изгласале, ако не, не знам. Ќе треба да се продолжи по старите решенија да се оди на избори. Ќе треба да најдеме решение“, рече Гаши.

„Независните“ продолжуваат да собираат потписи за да регистрираат партии

Од Независните граѓански иницијативи за Радио Слободна Европа (РСЕ) велат дека не веруваат во изјавите што доаѓаат од претставници на институциите, без да има официјални и јасни правила за нивното учество на изборите.

„Ние не чекаме повторно да си играат играчки со нас. Продолжуваме да собираме потписи и да формираме партија“, изјави Горјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“.

Оваа иницијатива, која има двајца советници во Град Скопје, со формирањето партија ќе ја избегне опцијата за собирање 3.500 потписи колку што е предвидено во новите предлог измени на Изборниот законик. За споредба, за формирање на партија потребни се само илјада потписи.

Видете и ова: Независните советници „сардисани“ во правна битка пред избори

Граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“ и „Зелените од Гази Баба“ најавија дека ќе формираат заедничка партија. Ни тие немаат доверба во институциите кои треба да им овозможат учество на изборите.

„Претседателот на ДИК најави Упатство, но ние сакаме да видиме официјален документ од изборната комисија како тело. Тоа што го слушнавме е изјава од поединец, без разлика што е претседател на ДИК“, вели претставник на овие иницијативи за РСЕ.

„Шанса за Центар“, пак, на својата страница на Фејсбук објави дека продолжува собирањето потписи за регистрирање политичка платформа за да ја избегне правната несигурност и законската неизвесност што ја создаваат партиите.

„Претставници на институциите со нејасното произнесување без да дадат официјални упатства за начинот на кој иницијативите можат да се кандидираат на изборите, кога веќе се распишани изборите и течат изборните рокови, се надоврзуваат на целосната конфузија која ја оркестрираа политичките партии за да ги истиснат „независните“ од играта“, објавија од „Шанса за Центар“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Јовановски: Големите партии се сплотени за блокирање на независните кандидати

Во деветте граѓански иницијативи кои бараат можност за рамноправно учество на изборите со поголемите партии се и битолската граѓанска листа „Поинаку“, струмичката „Стига е“ и тетовската „Подобро за Тетово. Сите се дел од граѓанскиот обид да се направат измени во функционирањето на општините преку Советите.

На локалните избори во 2021 година учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини. Тие освоија вкупно 56.000 гласови. Со тоа, станаа четврта политичка сила во државата. Најмногу независни листи имаше во Кавадарци и во Македонски Брод – по пет.

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври. Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.

Крајниот рок за поднесување на кандидатските листи за градоначалници и советници е 15 септември.

Увидот во Избирачкиот список ќе започне 15 дена по распишувањето на изборите и ќе трае 20 дена. Вкупниот буџет за изборите изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини се наменети за медиумско претставување и платено политичко рекламирање.