Романците излегуваат на гласање на 18 мај за конечно да изберат нов претседател, по неколкумесечниот политички хаос без преседан кога претходните избори беа поништени, а на фаворитот потоа му беше забрането да учествува.
Сега, во вториот круг се соочуваат националистичкиот кандидат Ѓеорѓе Симион против градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан.
Симион беше избран како замена за Калин Георгеску, на кој не му беше дозволено да се кандидира откако победи во првиот круг на гласање во ноември лани. Романските власти ги поништија резултатите поради обвинувањата за руско мешање во кампањата.
Новите избори покажаа дека Симион се надоврза на успехот на Ѓорѓеску, бидејќи тој доби околу 41 отсто поддршка во првиот круг од гласањето на 4 мај. Дан беше далечен втор со речиси 21 отсто.
Симион е во предност во повеќето анкети спроведени оттогаш, иако најновите истражувања ги ставаат кандидатите во изедначена позиција.
Во однос на овластувањата, претседателот го назначува премиерот, кој се одобрува од парламентот, и ја претставува Романија на самитите на НАТО и ЕУ. Тој, исто така, може да го искористи ветото на земјата во ЕУ.
Кој е Ѓеорѓе Симион?
Симион вети дека целосно ќе ја преврти политиката на Романија, заземајќи евроскептичен став во Европската унија и ставајќи крај на поддршката за Украина.
„Нашата позиција е... неутралност, а не ескалација, не снабдување со оружје и совршено усогласување со политиката на администрацијата на Трамп“, рече тој на 8 мај.
Симион, исто така, ја нагласи идеолошката поврзаност со „движењето МАГА“ и објави своја фотографија на интернет во црвена бејзбол капа со логото „Трамп ја спаси Америка“.
Политичкиот афинитет може да биде взаемен, бидејќи Вашингтон остро ја критикуваше одлуката за поништување на првиот круг од изборите.
Ѓеорѓе Симион
Симион ги налути и соседите на Романија. Тој навести територијални претензии кон Украина и повика на обединување со Молдавија, што доведе до забрана за влез во тие две земји.
На 19 мај, молдавскиот суд треба да ја преиспита неговата забрана, која уследи по неговото апсење на протестите во главниот град Кишињев, во 2015 година.
Неколку години претходно, во 2011 година, тој доби парична казна и 6-месечна забрана за влез на фудбалски стадиони поради расистички скандирања на натпревар Романија-Босна.
Во декември 2019 година, тој беше ко-основач на партијата Алијанса за единство на Романците (АУР), која сега е втора по големина група во парламентот. На веб-страницата на партијата се вели дека се залага за христијанска вера, ниски даноци, семејни вредности и национален суверенитет.
Во 2023 година, поранешниот молдавски министер за одбрана Анатол Салару тврдеше дека Симион тајно се сретнал со агент на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во Украина.
Симион ги негираше и овој инцидент и поширокото тврдење дека е проруски настроен. Тој неодамна го загуби судскиот случај во кој се обиде да го тужи Салару поради обвинението.
Тој, исто така, рече дека ќе го назначи Ѓорѓеску за премиер, кој пак го нарече 38-годишниот Симеон „мојот млад штитеник“.
Кој е другиот кандидат?
Никушор Дан не е член на ниту една партија, победувајќи во трката за градоначалник на Букурешт како независен - и сега се обидува да го стори истото за претседателската функција.
55-годишникот влезе во политиката во 2015 година, вети дека ќе се бори против корупцијата во главниот град.
Како математичар, тој докторирал на Универзитетот Сорбона во Париз во 1998 година, пред да се врати на работа во романскиот математички институт.
Во тоа време тој почна да води кампања како активист за прашања поврзани со дивоградбите, урбанистичкото планирање и заштитата на наследството.
По два неуспешни избори за градоначалник на Букурешт, Дан беше избран во 2020 година, а потоа реизбран во 2024 година - и покрај критиките дека бил лош комуникатор додека бил на функцијата.
Никушор Дан
Неговата одлука да се кандидира за претседател беше изненадување, имајќи предвид дека само што доби втор мандат на чело на главниот град. Дан ја објасни одлуката осврнувајќи се на политичката криза што ја зафати Романија.
„Се наоѓаме во момент на рамнотежа, најтешкиот од 1989 година“, рече тој, додавајќи дека „премногу лаги“ биле кажани во политичкиот живот на земјата.
Дан рече дека борбата против корупцијата и интересните групи ќе биде главен проблем за неговото претседателствување.
Во однос на надворешната политика, Дан зборуваше за одржување блиски односи со Соединетите Држави додека одржува постојан про-ЕУ став.
Говорејќи по првиот круг на гласање на 4 мај, Дан рече дека следниот круг ќе биде „дебата меѓу прозападната насока за Романија и антизападната насока“.
Тоа е порака што досега одекнуваше кај образованите гласачи во големите градови, што го остава пред тешка битка во вториот круг.
Тој имаше шанса да им се обрати на гласачите за време на три телевизиски дебати оваа недела, од кои Симион се повлече.