Прислушувања, обвинувања и сертификати – тајните служби под лупа

Прислушување (илустрација).

Пратениците од парламентарната надзорна Комисија ќе одат во АНБ, но без првите луѓе на комисијата, кои ги немаат потребните безбедносни сертификатите. Во меѓувреме партиските обвинувања за прислушувањето за кое обвини Премиерот - не престануваат.

Десетина пратениците, кои се членови на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање се договориле утре, на 10 септември да ги посетат разузнавачките служби откако ќе заврши закажаната седница на комисијата.

Поводот за посетата се обвинувањата од премиерот Христијан Мицкоски и од директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски дека во период од 2019 до 2024 година се вршело незаконско следење на комуникациите и движењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервјуто за Радио Слободна Европа потврди дека при внатрешна контрола во АНБ се утврдени незаконитости во работењето.

Видете и ова: Тошковски не се сомнева дека во моментов се прислушува незаконски

Безбедносните сертификати пречка за пратеници да си ја завршат работата

Утрешната комисиска седница за надзор на АНБ е закажана по минатонеделните превирања околу закажувањето поради тоа што претседателот на комисијата Скендер Реџепи и неговиот заменик Блерим Беџети веќе една година немаат безбедносни сертификати.

„Ќе одат во посета само тие што имаат безбедносен сертификат“, рече претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите.

Реџепи кој доаѓа од опозициската Алтернатива и Беџети, кој беше поранешен министер за правда од редовите на ДУИ, ја водат комисијата за надзор на разузнавачите без да поседуваат безбедносни сертификати со кои ќе им биде дозволено да читаат информации со различен степен на класификација од „интерно“, „доверливо“, „строго доверливо“,до „државна тајна“.

Видете и ова: „Вечниот“ страв дека некој прислушува

Неодамна Реџепи на новинарско прашање одговори дека тој и неговиот колега веќе 11 месеци немаат одговор од АНБ зошто не им се издадени безбедносни сертификати. Тој минатата недела изјави дека не гледа причина да биде подложен на безбедносна проверка за да добие сертификат така како што наложува Законот за класифицирани информации.

„Во Словенија мандатот на пратеникот почнува и со безбедносен сертификат. Нема потреба од проверка. Истото важеше и за претседателот на Собранието, се изгласа и автоматски доби безбедносен сертикфикат, без да биде проверен во нашата држава“, додаде Реџепи.

Но, според Законот, исклучокот опфаќа малку луѓе. Тоа значи дека без претходна безбедносна проверка што ја прават надлежните служби на Министерството за внатрешни работи, безбедносен сертификат може да добијат само Претседателот на државата, претседателот на Собранието, Премиерот, и неговиот заменик, како и претседателите на Уставниот и Врховниот суд.

Како се издава безбедносен сертификат

Во законот е предвидено целата постапка за безбедносна проверка да трае од најмалку 10 до максимални 20 месеци, во зависност од сложеноста на проверката.

Една од причините за неиздавање на сертификат, според законот, е да постои безбедносен ризик за користење на класифицираните информации.

До објавувањето на овој текст не добивме одговор од Реџепи дали потпишал писмена согласност за безбедносна проверка.

Од АНБ, пак, на прашањето на РСЕ зошто не е издаден сертификат на пратеникот, одговорија дека надлежен орган за издавање на безбедносен сертификат всушност е Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Оттаму објаснуваат дека Агенцијата е орган кој според своите надлежности врши безбедноста проверка за да утврди дали има пречки за издавање на сертификат за користење на класифицирани информации.

„Вршењето на безбедносните проверки за безбедносни сертификати се вршат согласно критериумите утврдени во Уредбата за безбедност на лица-корисници на класифицирани информации. Со безбедносната проверка се утврдува постоење на безбедносни пречки за пристап и ракување со класифицирани информации, врз основа на која од страна на надлежен орган кој издава безбедносен сертификат се утврдува постоење на безбедносни пречки“, велат од АНБ за РСЕ.

Според претседателот на Собранието Гаши, за да функцинира правилно комисија на чие чело е Реџепи и зада може да врши надзор потребно е да има претседател со важечки безбедносен сертификат.

„Јас мислам дека ќе биде добро политичките партии кои гледаат дека имаат проблем со своите пратеници, ако сакаат навистина да ја водат таа комисија, треба да поднесат барање да се смени тој член и веднаш ќе постапиме. Во наш интерес е претседател на таа позиција да е од опозицијата и да има сертификат, но не можеме да влијаеме врз таа пратеничка група да го сменат тој пратеник?“, вели Гаши.

Опозицијата се сомнева дека АНБ намерно не издава сертификат, за да се оневоможи пратенички надзор над работата на Агенцијата. Но, пратениците кои утре ќе одат во надзор, тоа ќе го сторат без присуство на ИТ експерти, кои можат експертски да утврдат дали има некакви неправилности во работата.

Во изминатава година, податоците од Собранието покажуваат дека пратениците од Комисијата за надзор се состанале само еднаш, при што бил утврден датум за посета на АНБ. Седницата била закажана на 13 март, посетата се случила на 15 април, а за тоа јавноста дознала во август.

Дополнително Советот за граѓански надзор врз комуникациите кој требаше да помине низ собраниски филтер, не е во функција затоа што по првото поништување на конкурсот, во постапка е втор кој ќе се разгледува по локалните избори.

Партиски кавги кој прислушувал

Во меѓувреме не стивнуваат реакциите од партиите за аферата за прислушување. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски на 9 ти септември обвини дека СДСМ ги злоупотребиле службите за да се задржат на власт.

Пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска која е поранешна министерка за одбрана и член на комисијата за надзор на АНБ вели дека приоритет е целосна декласификација на документите во име на транспарентност.

„Најавата за целосна декласификација предизвика нервоза кај оние кои сакаа да се претстават како жртви, затоа што ќе бидат објавени информации кои можеби нема да им се допаднат“, рече Петровска.

На барањето за декласификација се приклучуваат и членовите на ДУИ.

„Ние инсистираме да се отвори ова прашање, бидејќи ако некој бил жртва на прислушување сме биле ние во партија – јас лично. Вие гледате дека секој десет години ова држава влегува низ циклус на прислушување, треба ли да се прекине еден ден?“, изјави кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, бараат извинување од СДСМ. Петрушевски на 9 ти септември обвинува дека СДСМ треба да се извини за 5 години следење на претседателот Мицкоски, новинари и бизнисмени, кои заедно со нивните семејства биле под константна присмотра на службите.

„Откако ќе се извинат треба да го повикаат Виктор Димовски, Еролд Муслиу и Љупчо Коцевски на одговорност. Доколку ЈО и Коцевски останат нем посматрач, треба да знаат дека тоа нема долго да трае и дека и тие ќе одговараат,“ изјави Коцевски.

Видете и ова: Истражители од ОЈО ГОКК на увид во АНБ за аферата за прислушувањето

Обвинителството на увид

Обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 5 септември влегле во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) како дел од предистрагата за наводите за незаконско прислушување.

Според соопштението од Обвинителство била договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК.

До објава на овој скандал дојде откако директорот на АНБ Бојан Христовски изјави дека за случајот е информирано надлежното јавно обвинителство и дека во периодот кога е вршено прислушувањето, АНБ била се, само не реформирана агенција.

„Повеќе било фасада од реформирана институција. Тоа што се случувало внатре било да една помала група составувајќи ја од еден поранешен директор и помала група вработени и тоа како имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното јавно обвинителство и повеќе детали за ова не би можел да споделам, се со висока квалификација и се сензитивни, и не би сакале да нарушиме некој законски процес и воедно да попречиме процес кој е или би бил отпочнат од јавното обвинителство, рече Христовски.

Таквите тврдења јавно ги демантираше првиот директор наАНБ, Виктор Димоски.

Видете и ова: „Големото уво“ остана неказнето

Со законот за Агенција за национална безбедност (АНБ) усвоен на 22 мај 2019 година, Управата за безбедност и контра разузнавање се укина и нејзините надлежности преминуваат во новоформираната АНБ која започна со работа на на 1 септември 2019 година.

Оваа Агенција е основана откако во земјава во февруари 2015 година во тогашната опозиција објави аудио материјали од незаконски прислушувани телефонски разговори, нарекувајќи ги бомби за откривање на „Вистината за Македонија“.

Од истрагата за тогашното Специјално обвинителство произлезе предметот „Таргет-Тврдина“ според кое обвинение, во прислушувањето нелегално биле таргетирани над 5.000 телефонски броеви, а опфатени биле над 20.000 граѓани. Поради измените на Кривичниот законик никој не одговараше за ова дело.