„Со средбите со Путин, Додик и Вучиќ испраќаат пораки до ЕУ“

И покрај западните санкции и политичката изолација, лидеритe на ентитетот Република Српска во БИХ и на Србија, Милорад Додик и Александар Вучиќ, продолжуваат да одржуваат блиски контакти со рускиот претседател Владимир Путин.

Иако овие средби зачестија, аналитичарите веруваат дека тие служат повеќе како порака до Западот отколку што навистина носат конкретна поддршка од Москва.

„Мислам дека она што го бараат е симболична поддршка од Путин за да ги исплашат Европејците и да им покажат дека е во нивен интерес да не вршат понатамошен притисок ниту врз Вучиќ ниту врз Додик“, изјави за РСЕ, Тоби Фогел, од Центарот за демократизација на политиката во Берлин.

Додик, кој веќе не е претседател на Република Српска откако му беше одземен мандатот поради конечна пресуда, во интервју за рускиот „Спутник“ објави дека „наскоро“ ќе отпатува во Русија и дека треба да се сретне и со Путин во октомври.

Како што рече, ќе побара од Русија да стави вето на продолжувањето на мировната мисија ЕУФОР Алтеа, за која се гласа секој ноември во Советот за безбедност на Обединетите нации.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска допатува во Пекинг, каде што ќе се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин, објави неговата канцеларија за односи со јавноста.

Патувањето во Кина доаѓа во време кога во Србија веќе десет месеци траат протести, со кои се бара одговорност од властите за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

„Вучиќ и Додик сакаат реакција од Брисел и Лондон, а не од Москва“

Тоби Фогел оценува дека Вучиќ и Додик сакаат реакција од Брисел и Лондон, а не од Москва, на нивните средби со Путин.

„Со години се вели дека не можеме да вршиме премногу притисок врз Вучиќ или Додик, бидејќи ако го сториме тоа, наводно ќе ги изгубиме. Ќе ги изгубиме од Русија. Ќе се свртат кон Исток, а ние не го сакаме тоа. Не можеме да си го дозволиме“, рече Фогел.

Според него, тој наратив никогаш не бил „особено убедлив“ и дека колективниот Запад мора „да стави крај на тоа“.

Видете и ова: Како до деескалација на судирите во Србија?


Тој додава дека досега, дури и без Русија, Европската Унија била „многу слаба во критикувањето на Вучиќ“ поради репресијата врз демонстрантите во Србија и дека немало материјални последици за официјален Белград.

„Вучиќ тешко дека ќе излезе од оваа политичка криза неповреден и никакви патувања во Кина или Русија нема да го променат тоа“, вели тој.

Од друга страна, што се однесува до Додик, правната ситуација е совршено јасна, но не и на терен, особено кога се одржуваат предвремени избори за претседател на ентитетот.

„Потребни ви се локални власти, ентитетски и општински власти во РС за всушност физички да ги одржат овие избори. И ако одлучат дека сакаат да останат со Додик, тогаш ќе биде многу тешко“, предупредува Фогел.

Што значи руската поддршка на Западен Балкан?

Политичкиот аналитичар од Сараево, Аднан Хускиќ, одговара на прашањето на РСЕ со контрапрашање - што значи за некого од Западен Балкан да има руска поддршка?

„Навистина не разбирам како, во ситуација каде што сè уште имате многу длабока поларизација на Западот и Русија, што точно значи руската помош за вас. Опкружени сме со земјите од НАТО алијансата, разузнавачи, Америка е сè уште таму, без оглед на тоа што мислиме за сето тоа“, рече Хускиќ.

Што се однесува до Додик, тој верува дека користи сè што му е на располагање, но тешко дека тоа ќе има ефект.

Исто така, тој вели дека е „несериозна и површна анализа“ дека некој на меѓународно ниво ќе се посвети посериозно на прашањето за Додик.

„Очекувањето дека во свет каде што се случуваат вакви работи, ќе биде можно да се посвети на она што се случува во Босна и Херцеговина, е најмалку, неискрено очекување“, рече Хускиќ.

Видете и ова: Република Српска пред избори: Кој ќе учествува, а кој ќе бојкотира?


Тања Топиќ, политички аналитичар од Бања Лука, оценува за РСЕ дека заминувањето на Додик во Русија испраќа порака дека очекувањата што ги имал од администрацијата на Трамп биле „разочарувачки“.

„Во контекст на пресудата, тој долго време веруваше дека некои работи ќе се променат и дека ќе се случат одредени чуда, така што сега ќе го префрли фокусот на својата борба, односно за опстанок во политичкиот живот, кон Русија“, рече Топиќ.

Таа истакнува дека најавите на Додик дека ќе разговара за можна поддршка за независноста на РС нема да дадат конкретни резултати, туку дека приказната ќе најде дневна политичка употреба.

Заканата за откажување на ЕУФОР во Босна и Херцеговина

Додик, меѓу другото, најави дека ќе побара од „руските пријатели“ да стават вето на продолжувањето на мисијата ЕУФОР, најдолгата воена операција на ЕУ, единствената копнена мисија и единствената со извршен мандат за употреба на сила.

Во моментов има околу 1.500 војници во Босна и Херцеговина.

Тоби Фогел предупредува дека евентуалното вето на продолжувањето на мисијата ЕУФОР е конкретна закана, која Москва или Пекинг лесно можат да ја исполнат, како постојани членки на Советот за безбедност на ООН.

„Досега, причината зошто тие не го направија тоа, зошто Русија особено не го направи, е затоа што добија гаранции дека ЕУФОР нема да надмине одредено ниво на војници и затоа што разбраа дека ако ЕУФОР биде укинат, НАТО ќе интервенира“, вели Фогел.

„Мислам дека првата е најмалку веројатна, бидејќи ЕУ има во својата ДНК да ги следи правилата. Но, верзијата број два е целосно веродостојна и сигурен сум дека земјите-членки на НАТО и ЕУ веќе планираат за таа можност“, рече Фогел.

Видете и ова: ЕУФОР: Продолжуваме да ја поддржуваме стабилноста и безбедноста во БиХ

Во тој случај, објаснува Фогел, единствената непозната е реакцијата на американската администрација, која би можела да го блокира распоредувањето дополнителни сили.

Аднан Хускиќ проценува дека Русија би можела да стави вето, за да види „колку е консолидиран и подготвен НАТО“.

„Во моментот кога ќе го укинете мандатот на ЕУФОР, всушност ќе го отворите патот за воспоставување мандат на НАТО, што тогаш би била полоша ситуација за Руската Федерација и нивните актери, кои се блиски до нив во Босна и Херцеговина, отколку сегашната ситуација со ЕУФОР“, смета Хускиќ.

Колку често Вучиќ и Додик се среќаваат со Путин?

Додик и Вучиќ беа во Москва на 9 мај на воената парада по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, каде што се сретнаа со рускиот претседател.

Западните земји ја оценија парадата како „пропаганда на Путин“ со која тој се обидува да ја оправда агресијата врз Украина.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Додик се сретна со Путин осум пати.

Тој беше во Москва еден месец пред воената парада, во април.

Потоа објави дека Путин му рекол дека Русија ќе се залага за завршување на работата на меѓународните институции во Босна и Херцеговина, вклучително и високиот претставник Кристијан Шмит.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, беше во Москва само еднаш од почетокот на руската инвазија на Украина.


Билатералната средба со Путин во мај, за време на одбележувањето на годишнината од крајот на Втората светска војна, беше нивна прва официјална средба по повеќе од три години од руската инвазија на Украина.

Путин потоа му рече на Вучиќ дека Москва „го цени независниот и суверен курс на Србија во меѓународните односи“.

Србија, иако е кандидат за членство во Европската Унија, не се приклучи на санкциите против Русија, кои Брисел постојано ги воведува во обид да ја заврши војната во Украина.

На средбите на Вучиќ со Путин им претходеа неколку телефонски разговори.

Во октомври 2024 година, по повод 80-годишнината од ослободувањето на Белград, Вучиќ изјави дека му се заблагодарил на Путин што Русија обезбеди доволни количини гас за Србија и таа зима.

Тогаш, тој рече дека не разговарале речиси две и пол години, иако двајцата лидери се сретнале во октомври 2023 година во Пекинг, на меѓународниот форум на кинеската иницијатива „Појас и пат“.