Нова учебна година, стари фрустрации кај родителите и учениците поради учебници. Парталави, искинати, исшарани и нецелосни се дел од книгите што децата ги добиваат на стартот на школската година, слика која е позната и од минатите години.
Некои основци и средношколци, пак, сè уште чекаат учебници додека од Министерството за образование и наука (МОН) тврдат дека сите ќе добијат и оти најголемиот дел од тиражот веќе е отпечатен и за неколку дена ќе бидат дистрибуирани. Старите што се во лоша состојба, пак, тврдат надлежните, може да се заменат.
Оштетени учебници - учебник по математика почнува од 121 страница.
„И новите за една година се распаѓаат“
За состојбата на дел од учебниците сведочат и децата и родителите. Ученик од деветто одделение во скопски Карпош, на пример, лекциите по математика ќе може да почне да ги учи за неколку месеци бидејќи дотогаш ќе нема од каде. Учебникот што го добил почнува од 121-та страница, раскажува неговата мајка. Тоа е единствениот проблематичен додека останатите, вели, се во добра состојба.
„Годинава од математика му фалат првите триесет страници и после 65-та страница до крај. Генерално квалитетот е лош. Син ми лани доби нов сет на учебници и за една година се распаднаа, како поминуваше лекција така се распаѓаа, летаа страници, на крај на година го лепев со лепак, срам ми беше да ги вратам“, раскажува скопјанката Ивана, мајка на уште еден деветоодделенец во Скопје.
И оваа година истата приказна како лани, коментира уште еден родител од Аеродром.
Од 20 ученици во еден клас во петто одделение, учебници добиле само 14, но и тие биле во лоша состојба.
„За квалитетот на учебниците и да не зборувам, искинати, полураспаднати, ишкртани, недостасуваат страници… Родителите бараат одговори, наставничките креваат раменици, децата се нервираат, буквално ништо не се менува во македонското образование“, вели мајка на петтоодделенец.
Видете и ова: Учениците „исчезнуваат“од клупите, за тие што остануваат ќе има учебници и вештачка интелигенцијаМОН: Училишта не пријавуваат оштетени учебници
За проблемот, како што изјави и министерката за образование и наука Весна Јаневска, свесни и во МОН. Но, оттаму топката ја префрлаат кај училиштата нагласувајќи дека печатат толкав тираж на учебници колку што ќе побараат самите училишта.
Школите тоа го прават преку електронска апликација во која наведуваат од кој конкретен учебник по колку примероци им се потребни. Тие имаат обврска и да пријавуваат оштетени учебници, а МОН потоа да ги испечати и замени со нови.
Оштетени учебници поделени на учениците.
Но, од Министерството тврдат дека има училишта кои не пријавуваат оштетени книги.
„Оваа година во неколку наврати училиштата беа повикани да го направат тоа, а апликацијата беше и дополнително отворена за пријавување. Но, се случува училиштата да не евидентираат и да не пријават оштетени учебници и истите потоа да им се доделат на следните генерации, што не треба да се случува“, велат од МОН за Радио Слободна Европа.
Во секое училиште треба да функционира и комисија за учебници, па оттаму ги советуваат родителите да се обратат до неа и да бараат замена на парталавите со нови учебници.
Колку ќе се чека за достава на нови учебници?
Покрај парталавите, дел од реакциите на родителите и учениците се и оти нема книги за сите наставни предмети или комплети за сите ученици.
„Во одделението на моето дете не им биле доставени доволен број комплети. Наставничката не ги поделила учебниците што им биле дадени за да не прави поделба на децата и им кажала дека кога ќе стасаат комплети за сите, тогаш ќе им ги даде на сите заедно. Во меѓувреме го повторуваат материјалот од ланската година, што е и вообичаена пракса на првите часови“, вели Златко, татко на дете во петто одделение во Кисела Вода.
Поради недостиг на некои учебници збунети се и дел од средношколците. Од Сојузот на средношколци велат дека до нив стигаат различни реакции и во моментов е прерано да коментираат бидејќи сè уште не е јасно која е причината – дали се работи за проблем во училиштата, во Министерството или за нешто трето.
„Од информациите што ги собрав од повеќе извори, ситуацијата со учебниците воопшто не е јасна. Од една страна, има училишта што претходно имаа големи проблеми со недостиг, а годинава учениците ги добија сите потребни учебници. Од друга страна, има училишта каде досега немало проблеми, а сега има ученици без ниту еден учебник“, вели за РСЕ претседателот на Сојузот на средношколци, Виктор Јакимов.
Видете и ова: Преплатени книги и учебници останаа во магациниОд Министерството уверуваат дека годинава се обезбедени учебници по сите предмети. Вклучително и по странски јазици по кои немаше седум години по ред, за што сведочат и дел од родителите со кои разговаравме. Но, дистрибуцијата не е завршена во сите школи.
„Најголем дел од тиражот, над 90% се испорачани, а на дистрибутерите им се потребни уште неколку дена за да ја заокружат целосно испораката и до најоддалечените подрачни училишта“, посочуваат од МОН.
Министерството годишно во просек троши околу 660 милиони денари (над 10,7 милиони евра) за набавка на учебници.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Како да учиме од парталави учебници?
За оваа и за следната учебна година склучена е рамковна спогодба за печатење и дистрибуција на учебници за основно и средно образование со Друштвото за графичко производство и услуги „БРАНКО ГАПО ДООЕЛ“ Скопје која е носител на групната понуда заеднички дадена со печатницата „Европа 92“ од Кочани.
Рамковната спогодба, како што е наведено во неа, значи дека набавката се одбива сукцесивно, спрема потребите на набавувачот со доделување на поединечни договори во вид на писмени нарачки за јавна набавка.
Оваа учебна година во Северна Македонија започна во понеделникот, 1 септември, и во неа се запишани вкупно 245.000 ученици, 177.800 во основно и 67.200 во средно образование.