Министерке, во ек на летниот распуст дел од родителите на деца со попреченост побараа од вас да не им ги менувате образовните асистенти. Како со новиот правилник кој го изготвувате ќе се реши ова барање на родителите?
Мојата порака до родителите е да бидат мирни. Министерството, кое е надлежно за ресурсните центри кои што ги објавуваат конкурсите за образовни асистенти, комуницира, е во контакт и врши одреден надзор. Но, сепак, родителите треба да знаат дека најпрво училиштата пријавуваат колку образовни асистенти им се потребни.
За тоа треба време, прво да се запишат децата, па училиштата да утврдат колку деца имаат со посебни образовни потреби за да можат да пријават до ресурсниот центар.
Образовните асистенти не се трајно вработени. Причината е што потребите за образовни асистенти секоја година се менуваат. Ако се зголемат потребите, ние го зголемуваме бројот на асистенти.
Но факт е дека, комисијата за функционална проценка оценува кое дете има потреба. А кога детето ќе постигне напредок, комисијата ќе оцени дека веќе нема потреба од асистент, што и е основната цел, на образованието но и во животот за детето кое има посебни образовни потреби да биде самостојно.
Па некогаш, Комисијата ќе рече дека нема веќе потреба од образовни асистенти, а родителите сакаат и натаму образовен асистент, тоа е еден од проблемите со кои се соочуваме.
Понекогаш родителите ги мешаат образовните асистенти со личните асистенти, а тоа не е така, личен асистент е сосема поинаква функција.
Минатата власт заврши со 300 асистенти помалку од оваа година. Тогаш биле ангажирани да речеме околу 1000 асистенти, а сега се ангажирани 1876 за основно образование.
Предвидовме, без да ја знаеме реалната бројка што ја очекуваме и за средно образование околу 150 асистенти и обезбедивме средства за нив. Штом ги добиеме финалните бројки, ќе продолжиме со процедурите за обезбедување образовни асистенти.
Колку ресурсниот центар има податоци за тоа на колку од децата кои се запишуваат во училишта, ќе им биде потребна помош или не, колку и како луѓе се потрбени за да се извади просек и тие да бидат тајно вработени за да им се олесни и на системот и на родителите?
Не е можно трајно вработување на образовните асистенти, затоа што бројките и потребите се променливи. И нема, како во минатото, да давам лажна надеж дека тоа утре ќе го решиме. Ако во иднина се појави можност дел од нив трајно да се вработат, со задоволство тоа ќе го прифатам.
Во различни училишта бројот на ученици варира, а има отпор и кај асистентите, во другите држави тоа е поразлично, луѓето се помобилно. Луѓето кај нас се помалку подвижни, кога наставник ќе се вработи блиску до домот, не сака да се премести, иако на друго место има поголема потреба.
Ако имаме паралелка со пет деца и наставник, дали е тука неопходен образовен асистент ако детето е со лесна попреченост. Не, замислата на претходните министри за тотална инклузија со која јас не се согласувам и постојано кажувам дека не се согласувам беше таа, дека сите деца траба да влезат во регуларните училишта и наставниците да работат со нив, и после се присетија дека им треба и образовни асистенти па ги вклучија и нив.
Јас повторувам, во училиштата, не во сите но ќе вработиме, има дефектолози, педагози, социјални работници, психолози – тие се дел од стручната служба што треба да помогне. Тие треба да се вклучат во овие работи. Ако во моментот нема асистент, некој од овие стручњаци треба да ја преземе потребната задача.
Инаку, бидејќи ова е исклучително осетлива тема и знам што им значи и на родителите и на учениците, директорите на ресурсните центри не се променети. Тие се директори кои ги постави претходната власт. Исклучително многу ја ценам нивната стручност и искуство, и знаев дека промена на директорт на ресурсен центар може да биде силен потрес. Ние сите се договоривме дека тоа не е добро и дека тие треба да останат. Верувам дека тие имаат големо искуство и дека ќе се справуваат со поединечните проблеми, оти тоа е нивна работа.
Не може министерството да се справува со поединечен проблем, ниту министерот кој има бескрајно многу обврски треба да се справува со тоа. Министерот ќе се справува со поединечните проблеми тогаш кога Центарот нема да може да го реши.
Поразителните резултати од ПИСА тестирањата, падот на петките и скроз одличните ученици при уписите годинава во скопската гимназија Ѓорѓи Димитров, а лани и во Орце Николов, укажуваат дека нешто е погрешно во образовниот систем. Какви системски мерки ќе преземете во новата учебна година за да барем следната се превенира?
Ние и минатата година преземавме одредени мерки и постојано ќе ги преземаме тие одредени мерки. Работиме на образование, доедукација на наставниците, на зајакнување на нивниот интегритет.
Не би сакала погрешно да ме сфатат, да одолеат на притисоците, оти јас најмала грешка наоѓам во наставниците, поголем притисок и поголем предизвик наоѓам кај родителите и целото општество.
Има проблем меѓу родителите, па и меѓу одреден број на наставници, кога станува збор за упис на децата. Значи, родителите би сакале децата да им учат во квалитетно училиште, но изгледа заради благиот критериум на оценување, можеби и не се свесни колку нивните деца знаат.
Па еве, тестирањето во Орце и во Ѓорѓи покажаа дека родителите, ако децата имаат петки, имаат право да мислат дека нивните деца се најдобри во училиштето. Но самото тестирање покажа дека ние на тоа тестирање имавме од 100 поени или 120, веќе изумив деца со 45 поени.
Што значи, во гимназијата реално влегле ученици со вистински одличен успех, тие од 120 беше, значи со 113, со 114... се присетувам на бројките, што се одлични, и деца со 45 поени, кои де факто не го положиле испитот. А не го положиле ни тие со 75 поени, па затоа јас го коментирав тоа.
Но преземавме и системски решенија. На пример, во основно не дозволивме веќе поправање на оценки на наставнички совет. Зошто наставничкиот совет би требало да поправа оценка? Не, нема никаква логика ако наставникот спуштил една четворка.
Дали ги идентификувавте клучните слабости во образовниот систем за да се подигне квалитетот на образованието наспроти инфлацијата на петки?
Да, резултатите од ПИСА јасно кажуваат каде се нашите проблеми. Јас ќе почнам од најдалечните проблеми. Најдалечните се тоа што несериозно се сфаќаше ПИСА тестирањето и што и меѓу наставниците и меѓу учениците не беше јасно дека ПИСА тестирањето ја претставува државата.
Друго, учениците, бидејќи знаеја дека тоа не е за оценка, многу лежерно се однесуваа кон ПИСА тестирањето. Трето, има грешки во преводите на ПИСА тестирањето, барем така ми кажуваат стручни лица, и дека тој превод ќе треба добро да се провери и да се направи посоодветен.
Четврто, наставниците треба да знаат на што треба да обрнат внимание и ние тоа го работиме. Бирото за развој на образованието веќе работи со наставниците за да им посочи на што треба да обрнат внимание, кога децата се подготвуваат за животот — не за ПИСА тестирањето.
На пример, дека покрај пет елементи што треба да ги знаат напамет, треба и да разберат што се кажува со тие пет елементи, и дека повеќе внимание треба да обрнат на анализата.
Затоа реков, ќе има тренинзи и доедукација на наставниците. Не дека ги немало, но тие се жалат дека не им се корисни, дека се повторуваат, дека тие што ги изведуваат тренинзите не се доволно спремни. На секој чекор ние реагираме. Но гледате колку многу е, и за сè тоа треба време.
Ветивте едносменско работење на училиштата во земјава. Од 1100, ми се чини, училишта, само 150 имаат услови, функционираат во една смена. А имајќи предвид дека тие училишта се градени за осмолетка, а не за деветолетка, и тука настанува првиот проблем.
Вториот проблем е воведувањето на претежно целодневна (настава) од прво до трето, се губи класичната настава, и тука се губат училници до 16 часот. Како планирате да го решите и да го исполните ова ветување?
Ова е сериозен проблем, генерално во Скопје, во општините во Скопје. И тука ние ќе доградуваме и веќе денес потпишав документи за да почнат доградбите во пет училишта, во скопските општини. Во внатрешноста на земјава тој проблем не е толку сериозен. Прво рековте 1100 училишта, од кои веројатно голем дел ќе бидат оптимизирани, затоа што реално нема потреба да постојат. Па не се 1100...
Колку училишта ќе бидат затворени со оптимизацијата? Имате направено анализа, во колку училишта има многу малку деца?
Не можам да ви кажам точна бројка, затоа што и тоа не е многу едноставно. Ако подрачно училиште е 30 километри оддалечено од централното, тоа нема да се затвори макар и едно дете да има таму, нели? Тоа е логиката. Тоа едно дете има право на образование.
Но, ако е на 2,5 или на 3 километри, секако, а таму учат 15 деца секако тие ќе се приближат во централното. Ова е сериозен процес. 20 општини се оптимизирани веќе, а во овој момент се работи уште.
Тоа значи дека во 20 општини се затворени или е предвидено затворање?
Не, не, значи, веќе се оптимизирани. Одреден број училишта се затворени. Не ме сфаќајте за збор, мислам дека околу стотина училишта подрачни веќе се затворени. Некои без да го почнеме ние процесот затоа што таму нема веќе деца. Стојат така зградите.
Им препорачувам на градоначалниците да им најдат нова употреба, од нас нема да имаат никаков проблем. Оти не е ни за градинка, нема деца, но можат нешто друго… не знам, можеби старски дом, можеби некаков клуб и така натаму.
Како ќе се воведе вештачка интелигенција во образовната програма, ако децата во трето и петто одделение за „работа со компјутери“ запишуваат во тетратка?
Скоро во секое училиште кое треба да опстојува, а не е подрачно училиште за оптимизација, има смарт табли, има проектори, има компјутери. Нема во секое училиште комплетно опремени компјутерски училници, но веќе не е случај како порано да немаат, на пример, барем неколку компјутери каде што децата би можеле да работат.
Воведувањето на вештачката интелигенција во училиштата не претставува само предност за учениците. Таа има предност и за учениците и за наставниот кадар, но и за целата организација на учениците и на, да речеме, директорот и тие што му помагаат, за да го води целиот процес.
Самите директори, самите училишта , тоа се стотина училишта низ земјава, побарале помош од приватната иницијатива „Донирај Компјутер“, да им се донира компјутер, наместо државата да се погрижи, под „државата“ мислам Министерството за образование, под чија капа се училиштата, да се погрижи тоа да го обезбеди државата. Наместо тоа, се бара по приватни донации.
Добро. Го разбирам прашањето и ја разбирам одговорноста на државата. Но, не треба да заборавиме дека Македонија е мала држава во развој и дека глобалните случувања драстично влијаат на економската состојба на малите држави како што е Македонија.
Јас пак велам, браво за тие директори кои се такви менаџери што можат да го искористат приватниот сектор, кој покажува општествена одговорност за да помогне на образовниот систем.
Јас пак ви велам, огромни средства трошиме за да ги опремиме, и ќе ги опремуваме до последно, за да образовниот процес достигне одредено ниво.
Владата најави изградба на таканаречена „силиконска долина“, односно мултифункционален научно-технолошки парк во кампусот на УКИМ. Од друга страна, со години е заглавена изградбата на двата факултета едниот ФЕИТ, другиот за физичка култура. А како и кога ќе се изведе овој парк, кога знаеме дека за два факултети беа потребни повеќе од десетина години, и не се доградени до крај?
За двата факултети, јас ќе ви кажам сега мое лично мислење, а потоа ќе ви кажам мислење како министер. Според мое длабоко лично мислење, двата факултети беа намерно оставени 10 години така, затоа што беа почнати како проект на ВМРО-ДПМНЕ, без да се размислува дека се во корист на студентите, на професорите и на знаењето.
Еве, можеби грешам душа, можеби и немало средства но тоа не смееше да се случи. Тие двете згради во овој мандат ќе бидат доградени. Ќе почнеме со едната, а ќе продолжиме со другата.
Но, научно-технолошкиот парк нема никаква врска со тие две згради. Тие две згради се политика на МОН, политика на државата.
Научно-технолошкиот парк е неопходна потреба на државата.
Во времето на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ, кога започна изградбата на тие згради, беше пролонгирано и одолговлекувано, и тоа траеше исто така долго време. Четири-пет години беа пробивани рокови.
Во тој контекст какви се капацитетите на државата да направи вистински, како што велите, мултифункционален технолошки парк, имајќи предвид дека и претходно кубуреше со пари и планови во однос на изградба на објекти?
Добро е што добрите идеи доаѓаат од ВМРО — ова малку, нели, така… пристрасно. Жално е што добрите идеи во одреден период се прекинати, а требало да бидат продолжени. Државата мора да обезбеди капацитет, ако сака да го подобри животот на граѓаните.
Со оглед на тоа дека мултифункционалните технолошки паркови се извор на наука и иновации, а со тоа и пари и дека целиот свет го прави тоа, а ние…
Јас по стоти пат велам, ниту нафта имаме, ниту гас имаме, ниту дијаманти имаме… ама ум имаме.