Притисок на Унгарија и Словачка врз Брисел за листата со санкционирани Руси

Премиерите на Словачка и Унгарија, Роберт Фицо и Виктор Орбан

Унгарија и Словачка повторно бараат од Европската Унија да ги укине замрзнатите средства и забраните за визи за шест руски бизнисмени за да се обезбеди продолжување на индивидуалниот режим на санкции против Русија, кој е во сила од општата инвазија на Москва во Украина пред повеќе од три години.

Санкциите, кои сега опфаќаат повеќе од 2600 поединци и фирми по 18 рунди рестриктивни мерки на ЕУ, мора едногласно да се продолжуваат на секои шест месеци, обично помеѓу средината на март и средината на септември.

На таа листа се наоѓаат луѓе како рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, како и неколку олигарси и бизнисмени обвинети за финансирање или профитирање од воените напори на Русија.

Во она што сега е редовна појава во Брисел, Унгарија - а од неодамна и Словачка - го користат своето право на вето за да отстранат некои од попознатите имиња од листата.

Видете и ова: „Игра на чекање“ на членките на ЕУ за новите санкции против Русија

Двете земји од Централна Европа имаат блиски политички односи со Кремљ и тврдат дека санкциите на ЕУвлијаат повеќе на европската економија, отколку на руската.

Во март, рускиот бизнисмен Вјачеслав Моше Кантор, рускиот министер за спорт Михаил Дегтјарев и сестрата на милијардерот Алишер Усманов, Гулбахор Исмаилова, беа отстранети од црната листа по неколку недели макотрпни дипломатски преговори меѓу европските претставници.

Минатата година, Аркадиј Волож, коосновач на рускиот интернет гигант Јандекс, рускиот бизнисмен Сергеј Мндојанц, словачкиот државјанин и раководител на рускиот националистички мотоциклистички клуб „Ноќни волци“ во Европа Јозеф Хамбалек, како и Виолета Пригожина, мајка на починатиот руски бизнисмен и водач на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, беа исто така отстранети од листата.

Видете и ова: Словачка повторно ги блокира новите санкции на ЕУ против Русија

Според неколку дипломати од ЕУ кои зборуваа под услов на анонимност, овој пат Словачка сака да ги отстрани Усманов и бизнисменот Михаил Фридман. Покрај овие две лица, Унгарија инсистира и на отстранување од листата на олигарсите Дмитриј Мазепин, Петр Авен, Муса Базаев и Алберт Авдољан.

Повеќето од овие имиња беа предложени за отстранување од листата во претходните рунди на обновување на санкциите, освен Авдољан, против кого Брисел воведе санкции дури во февруари оваа година.

Други членки на ЕУ предложија алтернативно решение: отстранување само на еден или два таканаречени „слаби случаи“, што значи поединци кои најверојатно би биле отстранети од листата сепак, бидејќи санкциите им беа воведени врз основа на слаби докази кои нема да се одржат доколку бидат оспорени на суд. Покрај тоа, тие сакаат санкциите да се продолжуваат на секои 12 месеци, наместо на сегашните шест.

И Братислава и Будимпешта го отфрлија овој предлог во дискусиите на пониско ниво во Брисел, а преговорите сега ќе се префрлат на амбасадорско ниво на ЕУ, на 3 септември.

Тогаш не се очекува договор, но со приближувањето на рокот 15 септември за обновување на санкциите, се очекува да се постигне некаков компромис следната недела.