Милионска опрема фаќа прашина во болниците, а до преглед сѐ потешко

Архивска фотографија

Опрема од 13 милиони евра не е ставена во функција во болниците ширум Северна Македонија, кои немаат ниту кадровски ниту просторни услови. Дополнително, опрема со вредност од 5,5 милиони евра не се користи во полн капацитет. Ревизорите ги лоцираа слабостите на здравството во кое лекувањето е сѐ понедостижно.

„На листата за снимање со ПЕТ-скен бев ставена во јануари 2024 година, но ме повикаа во јануари 2025. Кога и да прашав на шалтер за мојот термин, ми велеа дека има 12 пациенти кои чекаат пред мене“, вели за Радио Слободна Европа пациентка со рак на дојка.

Пациентката која сакаше да остане анонимна, вели дека имала и метастаза на колк, но и покрај влошената состојба со болеста, снимањето се одолговлекувало.

Речиси исто толку, една година, за ист вид снимање, чекала и друга пациентка која била дијагностицирана со карцином на дојка во 2012 година. Во меѓувреме, таа добила метастази на белите дробови. Нашата соговорничка, која е од Куманово, вели дека конечно успеала да добие термин за ваков преглед за 4-ти јули, но сѐ уште ги чека резултатите.

„Лекувањето е претешко, а секое чекање на резултати за мене е како смртна пресуда“, додава таа.

Видете и ова: Над 10 милиони евра за превенција од болести, а се повеќе болни

Тешкото доаѓање до термини за прегледи, а потоа и чекањето резултати од нив, се само последица на слабата опременост на болниците во Северна Македонија чие здравство никако да се децентрализира. Дури и онаму каде има опрема, нема кадри кои би можеле да работат со неа.

Ова го нотираше и Државниот завод за ревизија во најновиот извештај во кој се анализираат здравствените политики во периодот од 2021 до 2023 година.

Вкупната вредност на медицинската опрема чие користење го анализирале ревизорите, изнесува 57,7 милиони евра.

Но поради необезбедени кадровски и просторни услови, вкупно 13 милиони отпаѓаат на опрема која не се користи воопшто, а дополнително апарати кои вредат 5,5 милиони евра не се користат во полн капацитет.

Снабденост со современа медицинска опрема во јавното здравство

Така на пример, нецелосно се искористени капацитетите на Циклотронот кој произведува изотопи неопходни за ПЕТ-скен снимањата на Институтот за позитронско-емисиона томографија (ПЕТ) во Скопје, кој е единствен од таков тип.

Во оваа јавна установа во анализираниот тригодишен период биле реализирани 6.457 снимања. Нивниот број би можел да биде и поголем ако се знае дека апаратот за изотопи можел да произведе повеќе, но залудно бидејќи и онака снимањата се вршат со само еден ПЕТ/КТ скенер.

Набавени, но неискористени пет акцелератори

Меѓу неискористената опрема се и петте акцелератори, поради што пациентите со рак, зрачната терапија можат да ја добијат единствено на Клиниката за онкологија во Скопје која веќе станува претесна за напливот на новодијагностицирани.

Само на оваа Клиника, дневно се вршат околу 200 зрачни третмани. Според ревизорите, централизацијата на оваа услуга го преоптоварува персоналот, а тоа директно влијае на квалитетот на третманот.

Потпретседателката на здружението Хема-онко, Милица Кузмановска вели дека иако во болниците во Штип и Битола има онколошки одделенија, пациентите таму речиси и да не добиваат никакви услуги.

Видете и ова: Скопските клиники не искористиле пет милиони евра за лекови

„Им се даваат само некои лекови, но поголемиот дел се препраќаат кон Скопје“, смета Кузмановска. Според неа, особено дисперзијата на зрачната терапија значително ќе го намали притисокот врз скопска онкологија, но како што вели, треба добро менаџирање за тоа да се реши.

„Јас веќе не сум сигурна дали тие пет акцелератори би можеле да се употребуваат бидејќи се поминати многу години откако се донесени. Но освен нова опрема, потребен ни е обучен кадар кој ќе може тоа да го работи. Кога би се направила дисперзија тоа би било големо олеснување за луѓето што се надвор од Скопје, бидејќи тие од свој џеб плаќаат големи трошоци“, додава таа.

Сегашните проблеми непознати во минатото

А недостигот на кадри кој денес е една од главните слабости на јавното здравство, не бил проблем пред 30 години. Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, вели дека здравството е претворено во голгота поради честата смена на министри кои постојано почнуваат проекти, но не ги довршуваат.

„Недостигаат многу кадри. Затоа, кога ќе заврши мандатот на еден министер, другиот треба да продолжи по него таму каде што тој запрел. Светот не почнува од денеска“, посочува Чолакова Дервишова за Радио Слободна Европа.

Додека пациентите се принудени за прегледи да патуваат до Скопје, нема кој да ги прегледа во болниците во останатите градови каде што има нееднаква достапност и искористеност на уредите за компјутерска томографија.

Ревизорите контатирале дека само три од 22 јавно здравствени установи објавуваат број на термини кој е блиску до пропишаното. Десет установи пак, објавуваат термини чиј број е значајно под пропишаните норми.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Недовршени и запуштени нови болници во Кичево, Струмица и Штип

Побарувачката за компјутерска томографија е во постојан пораст, но половина од уредите се целосно амортизирани што води до зголемени трошоци за одржување и чести дефекти – наведува Заводот за ревизија во извештајот.

Како пример, се наведува КТ уредот во струмичката болница кој не функционирал речиси цела 2024 година.

Празни одделенија низ болниците во внатрешноста

Д-р Чолакова Дервишова вели дека надлежните треба да создадат електронска база на податоци за апаратите во сите установи.

„Кога тоа би било видливо за пациентот тој со еден клик ќе знае каде го има тоа што му треба. Одделенијата низ болниците веќе ни се празни, директорите немаат цврста менаџерска рака. Под итно ни се потребни четири регионални центри за хирургија каде што ќе се оперира 24 часа. Не може да не се оперира во градовите од внатрешноста. Тука системот затаил“, смета докторката.

Побарувачката за здравствени услуги континуирано се зголемува, наспроти бројот на здравствени работници – наведуваат ревизорите, според кои, планирањето на човечки ресурси го отежнува неажурното водење на Регистарот на здравствени работници.

Разлики во евиденциите

Заводот за ревизија воочил значајни разлики во евиденциите за извршените услуги помеѓу јавните здравствени установи, Мој термин и Фондот.

Ова значи дека податоците за услугите во Мој термин се нереални, бројот на прикажани услуги кон Фондот е помал од реалниот, а јавните здравствени установи имаат ненаплатена партиципација од најмалку 247 илјади евра.

Иако тие се обврзани континуирано да ја одржуваат медицинската опрема во исправна опрема, нема доволно ажурност во спроведувањето на оваа обврска – нотира извештајот. Оттука, дел од уредите за компјутерска томографија и ангиографите набавени пред една деценија, често се расипуваат. Поради ова, дел од нив не се во функција со години.

Дополнително, дел од овие установи ниту ја дислоцирале, ниту ја третирале нефункционалната опрема како отпад. Ревизорите утврдиле дека со ова, тие всушност ја загрозуваат животната средина.

Потенцирајќи го сериозниот дефицит на кадри, ревизорите потсетуваат дека Министерството за здравство започна активности за итно вработување на 600 приватни специјалисти до крајот на 2025 година. Меѓу нив, има и 69 радиолози.

Видете и ова: Дали приватните специјализанти пак ќе „извисат“ за вработување?

Иако ревизорите констатирале дека изминатите три години има напредок во регионалната распределба на опремата и зголемениот број услуги, недостигот на кадар, просторни и други услови влијае врз валитетот на здравствената заштита на граѓаните.

Д-р Чолакова Дервишова вели дека нивната доверба во јавното здравство е целосно разнишана.

„Луѓето ја изгубија вербата за да се лекуваат во јавното здравство. Им се бара мито, се прават грешки, а во приватното грижата е поголема, менаџирањето е подобро. Но народот нема за да плати – заклучува претседателката на Здружението на приватни лекари.

За овие проблеми, дел од граѓаните веќе му се пожалиле и на новиот министер за здравство, Азир Алиу. Тој на прес конференција пред една седмица информираше за критиките кои граѓаните му ги предочиле преку алатката Отворен кабинет.

„Триесет и девет лица поставиле прашања, ги имаат наведено и здравствените институции во кои се соочиле со проблем. За да бидеме сигурни дека она што го пријавиле е точно, имаме канцеларија која се занимава само со овие прашања. Со овие споменати институции ќе имаме состанок. Во моментов нема да обелоденам за кои здравствени институции станува збор“, рече Алиу.

Со алатката Отворен кабинет, секој граѓанин може директно да закаже средба со него, секој петок.

Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски на почетокот на оваа година најави дека Градската општа болница „Осми септември“ во Скопје ќе стане регионален центар за лекување на пациентите од овој град, но и оние од Куманово и Велес. Тој тогаш рече дека за да се реализира ова ќе бидат потребни законски измени, а во меѓувреме ќе се паузира идејата за изградба на нов клинички центар.

Инаку нов Клинички центар најавија неколку претходни влади, но ниту една досега не почна да го гради.