Вести
Владата на Србија донесе одлука да ја зголеми минималната плата од 404 евра на 551 евро

Владата на Србија донесе одлука за зголемување на минималната плата на 64.554 динари (551 евро) од 1 јануари 2026 година, соопшти владината прес-служба по седницата на 11 септември.
Во однос на минималната плата во 2024 година, која изнесуваше 404 евра, ова би било зголемување од 36 отсто.
Во претходните денови, преговори за зголемување на минималната цена на трудот водеа претставници на Владата на Србија, репрезентативните синдикати, Обединетиот грански синдикат „Независност“, Сојузот на независни синдикати на Србија и Синдикатот на работодавачи.
Предлогот на владата беше минималната плата од 1 јануари 2026 година да изнесува 550 евра, синдикатите бараа 600 евра, додека работодавачите се залагаа истата да не биде повисока од 500 евра.
На последниот состанок, одржан на 9 септември, не беше постигнат договор за процентот на зголемување, па Владата ја донесе конечната одлука два дена подоцна.
Новиот минимум е за 75 евра повисок од минималната потрошувачка кошничка пресметана за месец мај, што се најновите податоци објавени на интернет страницата на Министерството за внатрешна и надворешна трговија на Србија.
На почетокот на септември, Владата на Србија ги ограничи маржите на трговските синџири за околу 3.000 производи со цел да се ублажи влијанието врз зголемувањето на цените, првенствено на храната, врз семејниот буџет на српските граѓани.
Експертите, сепак, го оценија тој потег како маркетиншки трик без значајни и долгорочни ефекти врз куповната моќ на населението.
Фицо ја условува поддршката за ЕУ за санкции против Русија

Словачка не може да ги поддржи новите санкции на Европската Унија(ЕУ) против Русија сè додека не добие предлози од Унијата што ќе ги усогласат климатските цели со потребите на производителите на автомобили и на тешката индустрија, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо.
Фицо побара и мерки за решавање на цените на електричната енергија во ЕУ.
Тој исто така привремено го блокираше претходниот пакет санкции, барајќи гаранции против можни загуби поради посебен план на ЕУ за целосно прекинување на увозот на руски гас и нафта до 2028 година.
„Уште колку пакети санкции треба да усвоиме за да го промениме пристапот на Русија кон војната?“, рече Фицо.
Унијата дебатира за 19 пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Дипломати на ЕУ изјавија дека новиот пакет веројатно ќе вклучи дополнителни кинески компании, руски банки и бродови од „флотата во сенка“ што ги избегнува санкциите, како и забрана за трансакции со руска нафта.
Фицо, кој се дистанцира од европските сојузници поради неговиот проруски став и се сретна со рускиот претседател Владимир Путин три пати од минатата година, долго време тврди дека санкциите не функционираат.
Западот воведе десетици илјади санкции врз Русија поради војната во Украина како и поради руската анексија на Крим во 2014 година, со цел да ја ослаби руската економија.
Владата на Словенија му забрани влез на Додик

Владата на Република Словенија му забрани влез на Милорад Додик. Причината не беше објавена, но беше кажано дека станува збор за „тајна“.
Ова го објави вицепремиерот на Словенија, Матеј Арчон, по владината седница.
Додик повеќе не е претседател на босанскиот ентитет Република Српска (РС), по пресудата на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) со која му беше одземен мандатот.
На почетокот на август, Додик беше законски осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции во Босна и Херцеговина поради непочитување на одлуките на Кристијан Шмит, висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина.
Од април, на Додик му е забранет влез во Австрија и Германија поради сецесионистички потези и поткопување на Дејтонскиот мировен договор.
Постапки за забрана за влез за Додик покренаа Полска и Естонија.
Кон средината на јули, членовите на Европскиот парламент, исто така, побараа воведување санкции во Извештајот на Европската комисија за напредокот на БиХ, поради „реторика на поделба и сецесионистичка политика“.
Досега, Европската Унија не можеше да се согласи за санкции против Додик, поради противењето на унгарскиот лидер Виктор Орбан.
Додик, заедно со неколку други функционери од РС, е на американската „црна листа“ од минатата година поради поткопување на Дејтонскиот договор и загрозување на интегритетот на Босна и Херцеговина. Санкциите беа воведени откако парламентот на РС усвои закони со кои се отфрлаат одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и на високиот претставник.
Шведска вети уште 7,5 милијарди долари воена поддршка за Украина

Шведска планира уште 70 милијарди круни (7,47 милијарди долари) за воена поддршка на Украина во текот на следните две години, изјави шведскиот министерот за одбрана Пал Џонсон, јави агенцијата Ројтерс.
Голем дел од трошоците ќе бидат распределени преку набавки управувани од шведската агенција за одбранбен материјал, на пример дополнителни артилериски системи „Арчер“, тип што веќе го користат украинските трупи во војната со Русија.
Џонсон на прес-конференција рече и дека, по сомневањето за упад со руски беспилотни летала во Полска на 10 септември, Шведска се солидаризирала со Полска и е подготвена да придонесе со воени средства доколку тоа ѝ е потребно на земјата.
Полска, поддржана од авиони од сојузниците на НАТО, на 10 септември собори неколку сомнителни руски беспилотни летала во својот воздушен простор.
Москва негираше одговорност за инцидентот, а висок дипломат во Полска рече дека беспилотните летала дошле од правец на Украина. Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините беспилотни летала извршиле голем напад врз воени објекти во западна Украина, но не планирале да погодат никакви цели во Полска.
Британскиот амбасадор во САД разрешен поради поврзаност со Епштајн

Британскиот амбасадор во Соединетите Држави, Питер Манделсон, е разрешен поради неговите врски со покојниот американски сексуален престапник Џефри Епштајн, објави британското Министерство за надворешни работи во четврток (11 септември), само неколку дена пред официјалната посета на Доналд Трамп на Лондон.
Електронската пошта помеѓу 71-годишниот ветеран од Лабуристичката партија и американскиот финансиер кој, како осомничен за сексуална експлоатација на, претежно девојчиња, почина во притвор под сомнителни околности, беа откриени оваа недела, пишува АФП.
Овие е-пораки „покажуваат дека длабочината и ширината на односот на Манделсон со Епштајн значително се разликуваат од она што беше познато во времето на назначувањето“ на амбасадорот, соопшти Министерството за надворешни работи.
„Во светлината на ова, и од почит кон жртвите на злосторствата на Епштајн, тој е отстранет од позицијата како амбасадор, со непосреден ефект“, се вели во соопштението.
Во САД се води политичка и правна битка околу поврзаноста на Трамп и други со трговијата со сексуални услуги, делумно со деца, што беше бизнис на финансиерот и филмски продуцент Епштајн (1953 - 2019), популарен во високите кругови.
Трамп негира постоење на список на клиенти на Епштајн, додека други тврдат дека властите го имаат и мора да го објават за да може истрагата да продолжи.
Германија ги оцени изјавите на Додик како навредливи и неприфатливи

Говорот на Милорад Додик во Москва на 9 септември повторно содржи неприфатливи и навредливи историски споредби. Ова е наведено во соопштението за медиумите на германската амбасада во Босна и Херцеговина на 11 септември, по средбата меѓу Додик и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва.
Додик поголемиот дел од своето обраќање до медиумите му го посвети на високиот претставник Кристијан Шмит.
„Високите претставници разрешија над 900 избрани претставници во Босна и Херцеговина, од кои две третини од Република Српска. Република Српска остана посветена на „буквата“ од Дејтонскиот договор, додека Западот го користеше таканаречениот дух на договорот. Со години имаме неименуван странец по име Шмит преку кого тие наметнуваат одлуки“, рече Додик.
Од Германската амбасада ги повикаа „сите во Босна и Херцеговина да се дистанцираат од овој начин на изразување на г-дин Додик и да соработуваат со Меѓународната заедница на пристоен начин“.
Амбасадата потсетува дека високиот претставник Шмит беше номиниран од Германија, а избран од Управниот комитет на Советот за спроведување на мирот во целосна согласност со меѓународното право и релевантните резолуции на Советот за безбедност на ООН, почнувајќи од Резолуцијата 1031 (1995).
„Како последен орган за донесување обврзувачки одлуки за потребните мерки за спроведување на Дејтонскиот мировен договор, неговите овластувања произлегуваат од Анекс 10 од Општиот рамковен договор за мир (GFAP) и редовно се потврдуваат од Советот за безбедност на ООН од 1998 година, вклучително и Резолуцијата 1144. Уставниот суд на Босна и Херцеговина, исто така, експлицитно ги призна овластувањата на високиот претставник“, се вели во соопштението на Амбасадата.
Инаку, на средбата во Москва, Лавров и Додик, ги повторија своите претходни ставови дека „комплицираните односи во Босна и Херцеговина се резултат на грубо мешање на Западот во внатрешните работи на Босна и Херцеговина“.
Заврши постапката по јавниот тендер за трет мобилен оператор, конечната одлука по изборите

Агенцијата за електронски комуникации објави дека заврши постапката по јавниот тендер за доделување радиофрекфенции за трет мрежен оператор во државава, на кој што единствен понудувач е „Оне Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор-ај-џи“.
По одлуката за завршување на постапката директорот на АЕК, по завршување на Локалните избори закажани за 19. следниот месец, треба да донесе одлука за избор на најповолен понудувач.
„По јавното отворање на понуди на 22 август, Комисијата за спроведување на јавен тендер со јавно наддавање изготви извештај со соодветен предлог со директорот на АЕК. Согласно Законот за електронски комуникации во рок од три дена од приемот на извештајот директорот носи одлука за завршување на постапката по јавен тендер со јавно нададвање. Следен чекор е по завршување на изборниот процес директорот да донесе одлука за избор на најповолен понудувач“, информираа за МИА од АЕК.
Потенцијалниот нов мобилен оператор во земјава, според условите од тенедерот, треба да почне со работа на крајот на 2026 година.
Писмото со намери за влез на македонскиот телекомуникациски пазар кое на 6 август лани го испрати унгарската компанија „4IG“ прерасна во Меморандум за разбирање, на кој заеднички потпис на 2 септември 2024 ставија претседателот на групацијата Гелерт Жасзаи и министерот за транспорт и врски Александар Николовски.
Од унгарската групација, лани за Радио Слободна Европа, за меморандумот соопштија дека е првиот чекор од можна долгорочна соработка.
„Всушност, тоа покажува заемна посветеност „4iG“ да влезе на македонскиот пазар. Групацијата „4iG“ е присутна во Албанија и Црна Гора со брендот ОНЕ и е дел од долгорочната деловна стратегија за проширување на мрежата во регионот. Значи, Македонија е една од пресвртниците во оваа експанзија“, одговорија од „4IG“ за РСЕ.
Ви минатото, опозицискиот СДСМ предупредуваше на можна опасност од влезот на унгарскиот „4IG“ на македонскиот телекомуникациски пазар поради соработката со кинески „Хуавеи“.
Во октомври 2020 година, владите на Соединетите Држави (САД) и Северна Македонија потпишаа потпишаа Меморандум за разбирање и за безбедност на 5Г технологијата. Со меморандумот, Северна Македонија се обврза дека нема да користи 5Г технологија од „непроверени и некредиблни“ производители, меѓу кои спаѓаат кинеските „Хуавеи“ и „ЗТЕ“.
Полска воведе ограничувања за воздушниот сообраќај по должината на источната граница

Полска воведе ограничувања на воздушниот сообраќај по должината на своите источни граници со Белорусија и Украина, објави денеска (11 септември) оперативната команда на полските вооружени сили, во услови на зголемени тензии еден ден откако повеќе беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на членката на НАТО.
Ограничувањата стапија на сила на полноќ и се на сила до 9 декември, соопшти оперативната команда, а објави Ројтерс.
Од зајдисонце до изгрејсонце, летовите во ограничената зона се забранети, освен за летала со екипаж кои летаат во согласност со планот на летот, имаат соодветни транспондери и одржуваат двонасочна комуникација со надлежните воздухопловни власти.
Исклучокот важи и за воени летови и одредени специјални летови со посебни ознаки.
„Од зајдисонце до изгрејсонце, важи целосна забрана за летање, освен за воени авиони. Во зоната EP R129, важи 24-часовна забрана за летање за цивилни беспилотни летала“, изјави полската Агенција за управување со воздушниот сообраќај.
Руското Министерство за одбрана во среда соопшти дека неговите беспилотни летала извршиле голем напад врз воени објекти во западна Украина, но дека истите не биле наменети за таргетирање цели во Полска.
Ангелов: Дождот нема да го запре чадот од Дрисла, ќе се затрупува со земја

Дождот што заврна утрово (11 септември) во Скопје нема да помогне многу за гаснење на пожарите на депонијата Дрисла и на Вардариште, што траат веќе неколу дена, оценува директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
Тој вели дека во претходните денови биле фрлени тони и тони вода, но чадењето продолжува. Бидејќи гаснењето со вода не давало резултати, се пристапило кон затрупување на најкритичниот дел од депонијата.
Ангелов за денеска напладне најави прес-конференција на која детално ќе информира за сите активности кои се преземаат на депониите Дрисла и Вардариште.
Во централниот дел на депонијата Дрисла сѐ уште гори поголема количина отпад, при што се испушта густ чад кој се чувствува во делови од Скопје.
Во меѓувреме продолжуваат активностите за затрупување на Дрисла кои треба да да бидат интензивирани во текот на денов.
За денеска се планирани повеќе дополнителни активности и на дивата депонија Вардариште.
Ангелов вчера изјави дека постојат индиции оти се работи за намерно подметнат пожар, бидејќи во текот на летото, кога имало високи температури не дошло до самозапалување на депонијата.
САД ја одбележуваат 24-годишнината од нападите на 11 септември

Граѓаните на САД денеска ќе ја одбележат 24-годишнината од нападите на 11 септември 2001 година со церемонии, волонтерски активности и оддавање почит на жртвите, објавија американските медиуми.
Многу од роднините на речиси 3000 луѓе кои загинаа ќе им се придружат на високите личности и политичарите кои учествуваат на церемониите во Њујорк, во Пентагон и во Шенксвил, Пенсилванија.
Во терористичките напади на џихадистичката група Ал-Каеда загинаа 2977 луѓе, вклучувајќи многу финансиски работници во Светскиот трговски центар, како и пожарникари и полицајци кои се упатија кон запалените згради во обид да спасат што е можно повеќе луѓе.
Годишнината од нападите, која често се смета за ден на национално единство, доаѓа неколку часа по убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк на универзитет во Јута. Властите изјавија дека се очекува убиството на Кирк да предизвика зголемена безбедност за церемонијата, која ќе се одржи на локацијата на Светскиот трговски центар во Њујорк.
За време на комеморацијата на нултата точка во долниот Менхетен, на која ќе присуствуваат потпретседателот Џеј Ди Венс и неговата сопруга Уша, роднините на загинатите ќе ги прочитаат гласно имињата на жртвите. Моментите на молчење ќе ги одбележат точните моменти кога киднапираните авиони ги погодија иконските кули близначки на Светскиот трговски центар и моментите кога тие се урнаа.
Во Пентагон во Вирџинија, ќе им се оддаде почит на 184-те војници и цивили кои загинаа. Бомбардерите удриле еден од авионите во зградата на Министерството за одбрана на САД. Претседателот Доналд Трамп и првата дама Меланија Трамп ќе присуствуваат на церемонијата, а потоа ќе присуствуваат на бејзбол натпреварот од Националната лига во Бронкс помеѓу Њујорк Јенкис и Детроит Тајгерс вечерва (11 септември).
Луѓето низ целата земја ја одбележуваат годишнината со различни активности и добротворни акции како дел од Националниот ден на сеќавање и служба. Волонтерите ќе делат облека и храна, ќе чистат паркови и населби, ќе даруваат крв и ќе работат на други активности.
Нападите од 11 септември имаа глобално влијание и го променија текот на американската политика, како на домашен, така и на меѓународен план. Тие доведоа до „глобална војна против теророт“ и војните во Авганистан и Ирак и придружните конфликти во кои загинаа стотици илјади воени и цивилни животи.
Иако киднаперите кои ги урнаа авионите во зградите беа убиени во нападите, американската влада се бори да го заврши долгото судење против човекот обвинет за организирање на заговорот, Халид Шеик Мохамед. Поранешниот лидер на Ал Каеда беше уапсен во Пакистан во 2003 година и однесен во американската база во заливот Гвантанамо на Куба, но судењето никогаш не се одржа.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете