Вести
Жерновски прогласи победа во Центар

Според ДИК, во овој момент Жерновски има предност од 1845 гласови, но сè уште не се пребројани гласовите од 7 избирачки места.
види ги сите денешни вести
ЕУ најави дополнителни 2,3 милијарди евра помош за Украина

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претстави нов пакет договори со меѓународните финансиски институции за поддршка на напорите за закрепнување и обнова на Украина во вредност од 2,3 милијарди евра.
„ЕУ денеска ја потврдува својата улога како најзначаен партнер на Украина. Не само како нејзин главен донатор, туку и клучен инвеститор во нејзината иднина“, изјави Фон дер Лајен во обраќање на Конференцијата за закрепнување на Украина што се одржува во Рим.
Според Фон дер Лајен, со склучените договори од 2,3 милијарди евра, ЕУ има за цел да привлече и до 10 милијарди евра инвестиции за обнова на домовите и болниците, заживување на бизнисите и обезбедување енергија за Украина.
„Ова е солидарност на дело. Украина секојдневно се приближува кон ЕУ - во енергетиката, образованието, роамингот и културата. Европа стои зад Украина и денес и утре“, додаде Фон дер Лајен.
Пакетот договори склучени во рамките на Инвестициската рамка на Украина, предвидуваат 1,8 милијарди евра гаранции за кредити и уште 580 милиони евра грантови.
Целта на Конференцијата во Рим, што се одржува денеска и утре, е да го задржи меѓународниот фокус на закрепнувањето на Украина, како во текот на војната, така и по неа.
Таа е замислена како платформа за усогласување на политичката поддршка и мобилизирање на финансиски средства за поддршка на Украина.
Урсула фон дер Лајен останува на чело на ЕК, европратениците не и изгласаа недоверба

Европскиот парламент во четврток (10 јули) гласаше против изгласување недоверба на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Оваа иницијатива беше иницирана од Георге Пипереа, конзервативен пратеник од Романија.
За недоверба на Фон дер Лајен гласаа 175 пратеници, 360 беа против, додека 18 беа воздржани.
Потписниците на предлогот за недоверба на претседателката на Европската комисија, исто така, се спротивставуваат на наводната централизација на власта, „одвојувањето“ од европските граѓани и влијанието врз националните избори.
Урсула фон дер Лајен ги нарече иницијаторите на иницијативата „екстремисти“, „антиваксерки“ и „фанови на Путин“ и се обиде повторно да го мобилизира „проевропското“ мнозинство.
Сепак, германската лидерка не избега од критиките од левицата и центарот, кои го критикуваат нејзиното премногу вертикално управување и ја обвинуваат групата на ЕНП во Европскиот парламент за негување нејасен однос со крајната десница со цел подобро да ги доведе во прашање законите за животна средина.
„Кои се вашите сојузници во овој Парламент. Европската агенда се распаѓа. Комисијата е „премногу централизирана и нефлексибилна“, рече лидерката на центристите Валери Хајер.
Во иницијативата на Пипереа, Комисијата се критикува за „недостиг на транспарентност“, а во документот се споменува и аферата „Фајзергејт“ поврзана со обвинувања против Фон дер Лајен за злоупотреба на должноста при договарањето на набавки на вакцини во време на Ковид кризата.
Урсула фон дер Лајен никогаш не ја објави размената на текстуални пораки со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурл, за време на пандемијата на Ковид-19, кога Европската Унија преговараше за купување вакцини од американската лабораторија.
Аферата предизвика критики од разни здруженија и личности против вакцинацијата, како и од „Њујорк тајмс“, кои безуспешно бараа пристап до „спорните“ пораки.
Димитриевски: Кандидатите на ЗНАМ ќе бидат поддржани таму каде што ќе постигнеме договор со коалициските партнери

Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, изјави дека партијата е во финална фаза на преговори со коалициските партнери, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, за заеднички настап на претстојните локални избори.
„Сите кандидати на ЗНАМ ќе бидат поддржани таму каде што ќе постигнеме договор со нашите коалициони партнери во владата. Во кои општини ќе биде тоа, ќе соопштиме по завршување на преговорите“, рече Димитриевски, додавајќи дека очекува ЗНАМ да има значително поширока застапеност низ целата држава, а не само во општини како Куманово и Центар.
Тој нагласи дека кандидатите на ЗНАМ се луѓе со личен авторитет, докажани во своите професии и подготвени да понудат нови решенија.
Информираше дека е во тек постапка за евидентирање на кандидати за градоначалници и советници, а конечните одлуки ќе бидат донесени од партиските органи во наредниот период.
Во однос на кандидатурата за градоначалник на Град Скопје, Димитриевски го поддржа актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
„Сметаме дека е добро решение за Скопје и мислам дека е донесена добра одлука. Очекувам дека истиот ќе ја добие поддршката од скопјани уште во првиот круг“, рече Димитриевски.
За кандидат за градоначалник на општина Центар, тој изјави дека сè уште се прават анализи и се разгледуваат повеќе имиња од различни сектори, а конечната одлука ќе ја донесе партијата.
Рокас: Идентитетот и јазикот не се дел од преговарачката рамка

Евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас денеска (10 јули) позитивно го оцени Извештајот на Европскиот парламент, истакнувајќи дека тој дава силна поддршка на интегративните процеси на државата и ги поддржува реформските процеси, особено реформите во правосудството, борбата против корупцијата и останатите предизвици со кои се соочува државата.
Во врска со спорните одредби во Извештајот во врска со идентитетот и јазикот, тој потсети дека Европарламентот е независна институција, која носи политички одлуки согласно свои внатрешни процедури.
„Најважно е да се истакне дека идентитетот и јазикот не се дел од преговарачките рамки. Идентитетот и јазикот најдобро се бранат со полноправно членство во ЕУ“, рече Рокас.
Инаку Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година вчера беше изгласан во Европскиот Парламент. Во него се избришани амандманите во кои се споменуваше македонски јазик и идентитет.
Одбиени беа 17 амандмани меѓу кои и тие на бугарските европратеници како и амандманот на грчкиот пратеник со кој се бараше место придавката „македонски“ да стои „на Северна Македонија“, бидејќи тоа го дозволува Преспанскиот договор.
Според бугарските европратеници, прашањата за идентитет и јазик немаат место во Извештајот за напредокот на земја-кандидат затоа што, како што велат ,„тие создаваат поделби“. Бугарските европратеници ги обвинија македонските политичари за популизам и ширење на националистичка реторика.
Извештајот го подготви известувачот Томас Вајц, кој истакна дека во него се дава целосна слика за тоа каде се наоѓа земјата и се поздравуваат некои достигнувања, но се бараат и реформи.
Според него, уставните измени за вметнување на бугарското малцинство во Преамбулата се потребни да се донесат наскоро за да може да продолжи пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ.
Одлуката за штрајк на контролорите на летање е ставена во мирување

Синдикатот на контролори на летање ССКЛМ ја стави во мирување одлуката за штрајк што требаше да се реализира денеска (10 јули), потврди за МИА претседателот на ССКЛМ Александар Тасевски.
„Тоа што го баравме се придвижува, одобрено е барањето за вработувања на контролорите и за спроведување на функционалната анализа која ќе определи кои се работни места и број на извршители треба да постојат“, изјави Тасевски.
Сепак, тој најавува дека ќе го оспорат последниот конкурс за вработување за кој веќе реагираа во предупредувањето за штрајкот.
„Не застануваме тука ќе продолжиме да бараме професинализам. Има неправилности и во последиот конкурс, ние повторно дадовме шанса, но очигледно УО нема намера да застане“, вели Тасевски.
ССКЛМ преку известување до раководството на М-НАВ минатиот месец побара да биде поништен последниот оглас за нови вработувања и да ги испочитува обврските од минатогодишната Спогодба која беше основа за ставање во мирување на тогашната одлука за штрајк. Повикаа да се пристапи кон итна реализација на неисполнетите точки од Спогодбата најдоцна до крајот на јуни, а во спротивно најавија реактивирање на штрајкот на 10 јули.
Синдикатот и во известувањето реагираше на последниот оглас за нови вработувања во М-НАВ, за кој оцени дека „не одговараат на реалните, итни и суштински потреби на компанијата“. Побара поништување на огласот, а евентуалното пополнување на работните позиции да се изврши преку прераспоредување на постоечки вработени во М-НАВ преку интерен оглас или со додавање на работни задачи на недоволно ангажирани вработени како и одделенски реорганизации и рационално прераспоредување на постојниот кадар.
Раководството на АД во државна сопственост за услуги во воздухопловна навигација М-НАВ, пак, пред три дена преку соопштение објави дека презема чекори за доекипирање со кадри, имплементација на нови технологии, замена на старата опрема и реорганизација.
Според М-НАВ, со планираните огласи за вработување, ќе се вработат лица, како замена на колеги кои се веќе заминати во пензија или ќе го остварат своето пензионерско право во текот на наредните неколу месеци, генерациски смени и други причини. Како што посочија, се прават огромни напори да се стабилизира компанијата која со години била предмет на несериозно и неодговорно раководење.
„Ќе се вработуваат високо образовани и стручни кадри од следните профили: четири метеоролози–прогностичари, еден метео набљудувач и еден инженер за сајбер безбедност. Дополнително заради зголемен обем на работа во Секторот за воздухопловна навигација и планирани генерациски смени во одделението за Обласна контрола на летање, М-НАВ ад Скопје ќе вработи и школува шест контролори на летање во некој од Европските центри за школување на ваков кадар кој ќе биде избран на тендер“, информират од М-НАВ.
Според раководството, резултати од реорганизацијата и промената во пристапот на менаџирање со кадрите има, а во првата половина од годината остварени се позитивни резултати со зголемување на бројот на прелети над македонското небо за над 12 проценти.
За шест месеци се реализирани 133 474 летови за разлика од истиот период лани кога се реализирале 119 972 летови вклучувајќи ги и летовите до и од Скопје и Охрид.
Трамп објави царина од 50 отсто за бакар, стапува во сила од 1 август

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави царина од 50 отсто за бакар, велејќи на социјалните мрежи дека таа ќе стапи во сила на 1 август и дека одлуката е донесена по проценка на националната безбедност.
„Бакарот е потребен за полупроводници, авиони, бродови, муниција, центри за податоци, литиум-јонски батерии, радарски системи, системи за ракетна одбрана, па дури и хиперсонично оружје, од кое ние градиме многу“, рече Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп претходно сигнализираше дека воведува нови царини за бакар, што доведе до рекордни максимуми на суровината на американските берзи.
Трамп сега рече дека добил „солидна“ проценка на националната безбедност во која се заклучува дека царините се неопходни за заштита на американското производство на стока што е клучна за голем број индустрии.
Соединетите Држави зависат од увоз за речиси половина од своите потреби за рафиниран бакар. Земјите најпогодени од царината се Чиле, Канада и Мексико. Трите земји изјавија дека увозот од нив не ги загрозува интересите на САД и не треба да се оданочува. Сите три имаат договори за слободна трговија со Соединетите Американски Држави.
Високите царини имаат за цел да го поттикнат производството во Соединетите Држави. Повеќе од две третини од бакарот во земјата се ископува во Аризона.
Активни девет пожари, под контрола четири

Активни се девет пожари на отворен простор, од вкупно 63 во текот на вчерашниот ден, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрината на 10 јули. Под контрола се четири пожари, еден е локализиран, а 49 се изгаснати.
ЦУК соопшти дека се активни пожарите во Чучер Сандево – Блаце, каде е зафатена ниска вегетација, во село Визбегово во Шуто Оризари каде гори депонја, во Прилеп – село Бешиште, место викано Бешишки рид, мешана шума. Во пожари во Македонски Брод, се зафатени дабова шума и грмушки, помеѓу селата Црешнево и Локвица, ниска вегетација од пожар проширен од фабрика „Самоков“ во село Рамне, како и мешана шума во селата Слатина и Ковче. Исто така во општина Чашка, под Солунска Глава, кај местото викано Изворите на Бабуна и Бабина Дупка, има чад во карпест дел, а гори и нискостеблеста шума во село Николиќ во Дојран.
Локализиран е пожарот во Кочани, место викано Бабиште, помеѓу селата Јастребник и Полаки, со кој се зафатени ниска вегетација и мешана шума.
Според ЦУК, под контрола се пожарите во Делчево на Градска депонија „Острец“, во Виница, село - Драгобраште во Крива Паланка -село Градец и село Лозаково и во Желино - село Ларце.
АМСМ соопшти дека сообраќајот на потегот од клучка Орман до клучка Мирковци е пуштен за редовен сообраќај, исто така и на потегот Скопје-ГП за ГР Блаце и во двата правца на експресениот пат Ранковце-Крива Паланка. Сообраќајот на овие патишта беше во прекин поради пожарите.
Поради состојбата со пожарите во Владата синоќа (9 јули) заседаваше Кризниот штаб, а активиран е и европскиот механизм за помош во справување со пожарите.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по седницата на Крзниот штаб изјави дека причина за ширење на пожарите во најголема мера биле неповолни временски услови и силен ветер, но посочи дека за дел има основи на сомнение дека се подметнати од човечки фактор близу клучни инфрастриктурни капацитети, патишта, густо населени области и приватни објекти.
САД воведуваат санкции против специјалната известувачка на ОН за палестинските територии

Американскиот државен секретар Марко Рубио најави дека САД ќе воведат санкции против специјалната известувачка на Обединетите Нации за палестинските територии, Франческа Албанезе, поради нејзините обиди да го ангажира Меѓународниот кривичен суд (МКС) против американски и израелски функционери и компании.
„Незаконските и срамни обиди на Албанезе да го охрабри МКС да преземе дејства против официјални претставници и компании од САД и Израел повеќе нема да се толерираат“, напиша Рубио на социјалната мрежа X (поранешен Твитер).
Портпаролот на Албанезе засега не даде коментар. Италијанската правничка неодамна повика на оружено ембарго против Израел и прекин на трговските и финансиските односи, обвинувајќи ја израелската држава за „геноцидна кампања во Газа“.
Во нејзиниот извештај објавен овој месец, Албанезе именува над 60 компании, вклучително и производители на оружје и технолошки фирми, како поддржувачи на израелската воена политика, како и политиката за ширење на доселеничките населби на Западниот брег.
Таа повика да биде запрено водењето бизнис со Израел и правна одговорност за тие што, според неа, ги прекршуваат меѓународните закони.
Албанезе е една од десетици независни експерти за човекови права именувани од ОН. Нивните мислења не ја претставуваат позицијата на Обединетите Нации.
Откако Доналд Трамп повторно ја презеде функцијата претседател на 20 јануари, неговата администрација ги прекина врските со Советот за човекови права на ОН и го продолжи замрзнувањето на финансирањето за Агенцијата на ОН за палестинските бегалци.
Минатиот месец, САД воведоа санкции за четворица судии на МКС, како реакција на наредбата за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и претходната истрага за наводни воени злосторства на американски војници во Авганистан.
Двајца загинати во најновиот руски напад со дронови на Киев

Руски беспилотни летала го нападнаа Киев рано наутро на 10 јули втора ноќ по ред, убивајќи 2 лица и предизвикувајќи пожари, соопштија официјални лица, додека сирените за воздушен напад беа активирани низ повеќе од половина од земјата за да предупредат за широко распространетиот напад.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека два стана се запалени во централниот округ, а екипи за итни случаи се испратени во различни делови од градот.
Тимур Ткаченко, началник на воената администрација на Киев, рече дека покривите на две згради се во пламен.
„Шест од 10-те окрузи на Киев беа погодени, при што пожари избувнаа во различни згради, магацински простори, а автомобили и фрагменти од беспилотни летала паднаа на земја“, рече тој.
Украинската војска соопшти дека две лица се убиени, а најмалку 12 се повредени.
Во руски воздушен напад претходно на 9 јули загинаа три лица, а едно беше повредено во градот Костјантинивка на фронтовската линија на истокот од Украина, соопшти Службата за итни случаи на Телеграм.
Нападот уништи еднокатна административна зграда, а спасувачките екипи подоцна ги извлекоа телата на двајца од загинатите од под урнатините. Пожарникарите ги изгасија пожарите во четири згради.
Нападите се случија откако Русија лансираше 728 дронови и 13 хиперсонични ракети „Кинжал“ и „Искандер-К“ врз Украина ноќта пред тоа и до утрото на 9 јули.
Пожарникарите го изгаснаа пожарот по рускиот напад во регионот на Киев, на 9 јули 2025 година.
„Тоа беше најголем број воздушни цели во еден ден“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски на X.
Според Зеленски, речиси половина од дроновите беа „Шахед“ од иранско производство.
Нападот предизвика обновен повик од Зеленски за „остри“ санкции против руската нафта и други мерки со цел да се донесе Москва на преговарачка маса за мировни разговори.
Зеленски претходно на 9 јули се сретна со специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, во Рим и ја изрази целосната поддршка на Украина за мировната иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Потребни се безусловно, сеопфатно примирје и состанок на ниво на лидери за да се обезбеди искреност и ефикасност на мировните преговори“, се вели во соопштението на украинскиот претседателски кабинет на својата веб-страница.
Една од темите на состанокот Зеленски-Келлог беше зајакнувањето на воздушната одбрана на Украина поради неодамнешните масовни напади врз украинските градови.
Зеленски, исто така, ја истакна „важноста на сигналите од Вашингтон за продолжување на испораката на воена помош за Украина“, се вели во соопштението.
Пентагон минатата недела објави дека ќе запре некои испораки на оружје поради загриженост дека американските залихи се премногу ниски. Но, Трамп оттогаш изјави дека ќе биде испратено повеќе оружје во Украина за да ѝ се помогне да се одбрани.
„Тие мора да бидат способни да се одбрана. Сега се погодени многу силно“, рече Трамп на 8 јули.
Трамп претходно оваа недела изрази фрустрација од рускиот претседател Владимир Путин поради војната што Москва ја започна на почетокот на 2022 година откако разговараше со него по телефон.
Зеленски рече дека тој и Келог разговарале за предлози за воведување построги санкции врз Москва за да се зголеми притисокот врз Путин да се согласи на прекин на огнот.
„Ја разбираме потребата од построги ограничувања за руската енергија, особено секундарни санкции насочени кон купувачите на руска нафта“, рече Зеленски на X.
Тој изрази надеж за напредок во законодавството поднесено во Конгресот на САД со кое се бараат построги санкции. Зеленски рече дека законодавството „сигурно би можело да ја натера Русија да размисли повеќе за мирот“.
Законот, предложен од сенаторот Линдзи Греам (републиканец од Јужна Каролина) и сенаторот Ричард Блументал (демократ од Конектикат) и поддржан од десетици други членови на Конгресот, ќе му даде на претседателот овластување да воведе дополнителни санкции врз Русија и нови казнени тарифи врз земјите што ги поддржуваат воените напори на Русија.
Зеленски и Келог се во Рим за да присуствуваат на конференција насочена главно кон мобилизирање на меѓународна поддршка за Украина.
Средбата, исто така, ќе опфати зајакнување на одбраната на Украина, ќе ги прошири перспективите за купување американско оружје, вклучително и заеднички проекти за производство на беспилотни летала и напори за локализација во Украина.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ќе се сретне со својот руски колега на 10 јули во Куала Лумпур, изјави функционер на американскиот Стејт департмент, според американските новински извештаи. Рубио треба да се сретне со Сергеј Лавров на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи со Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН). Тоа ќе биде втора лична средба меѓу двајцата дипломати.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, беше цитирана рано утрото на 10 јули дека може да потврди дека „таква средба се подготвува“.
На протестот во Подгорица 14 повредени и повеќе отворени прашања за употребата на сила

Најмалку 14 лица беа повредени во конфликтот меѓу полицијата и учесниците на протестот во врска со доделувањето на највисокото државно признание - Наградата Тринаесетти Јули - на писателот кој ја негира црногорската нација, Беќир Вуковиќ.
Институтот за медицинска помош изјави за Радио Слободна Европа дека седум учесници на протестот и шест полицајци побарале нивна помош.
Дел од јавноста ја обвини полицијата за прекумерна употреба на сила.
Полицијата соопшти дека користела „најблаги средства за принуда“ - спреј со бибер - за да одговори на фрлените јајца, шишиња и остриги.
Советот за граѓанска контрола на полициската работа и Внатрешната контрола на полициската администрација не одговорија на барањето на РСЕ за однесувањето на полицајците на протестот. Причината за протестот беше доделувањето на Наградата Тринаесетти Јули на писателот Беќир Вуковиќ, негатор на црногорската нација и поддржувач на четничкото движење.
Наградата се доделува за Националниот ден и е именувана по датумот на црногорското востание против фашизмот.
Полицијата ги отфрла обвинувањата за прекумерна сила
За време на неколкучасовниот протест, граѓаните се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, кој во два наврати употреби спреј со бибер.
Веднаш по протестот, опозицијата ја обвини полицијата за брутална употреба на сила, а Факултетот за црногорски јазик и литература испрати писмо до амбасадите на Европската Унија, Соединетите Американски Држави и Велика Британија по истиот повод. Група политиколозите, претежно професори на државниот Факултет за политички науки, потоа на 9 јули ја повикаа меѓународната заедница јасно да ја осуди употребата на прекумерна сила, да го следи понатамошниот развој на настаните и да инсистира на почитување на основните човекови права и демократските принципи во Црна Гора.
А невладината организација Граѓанска алијанса ги повика Народниот правобранител и Советот за граѓанска контрола на полициската работа да истражат дали постапките на полицајците ги надминале нивните овластувања.
По протестот, полицијата тврдеше дека нивните полицајци „дејствувале исклучително воздржано, професионално и во согласност со етичките стандарди, покажувајќи висок степен на толеранција и толеранција“.
Тие додадоа дека работат на идентификување и утврдување на одговорноста на оние што ги нападнале полицајците, за што ќе користат, меѓу другото, снимки од протестот.
И на видеата може да се види дека полицијата - вклучувајќи ги и луѓето без униформи - ги прскаат учесниците на протестот, вклучувајќи голем број постари лица, со бибер спреј.
Дел од бибер спрејот завршил „врз полицајците“.
Полицијата не одговори на прашањето на РСЕ дали полициските правила им дозволуваат на лицата во цивилна облека да користат хемиски агенси против граѓаните.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете