Актуелни градоначалници во трка по нови мандати, ниту еден пратеник не претендира да се пресели во локалната власт и само три жени меѓу 70-тината мажи.
Ваков заклучок може да се изведе од листата со имиња кои досега се промовираа како кандидати за градоначалници на локалните избори што треба да се одржат за околу три месеци.
Првиот круг од гласањето веројатно ќе се одржи на 19 октомври, како што најави премиерот Христијан Мицкоски. Неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ досега објави најмногу кандидати – 40. Потоа, опозициската СДСМ – 30, а по еден кандидат потврдија и ЗНАМ и крилото на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.
Дополнително, уште двајца независни кандидати официјално најавија кандидатури – в.д. градоначалникот, кој беше независен советник, Венко Крстевски во Кочани и бизнисменот Менди Ќура во Струга.
Ова значи дека за повеќе половина од вкупно 80 општини плус Градот Скопје, познат е барем по најмалку еден кандидат што ќе се најде на гласачкото ливче. За останатите сè уште калкулираат, мерат рејтинзи, договораат соработки…
Власта ќе соработува во некои општини
Соработка е извесна меѓу владејачката коалиција од централната власт – ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ (ВЛЕН) и ЗНАМ. Сите ќе настапат со свои листи за советници, но во дел од општините ќе одат со поддршка за кандидатите за градоначалници.
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека разговорите одат во „добра насока“ и очекува успешен исход, а такви се очекувањата и во ЗНАМ. На пример, извесно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе нема свој кандидат во Куманово и ќе го поддржи лидерот на ЗНАМ и актуелен градоначалник Максим Димитриевски.
Ако се официјализира соработката, како што се очекува, ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи и други кандидати од оваа партија во уште неколку други општини.
„Се разговара за тие општини каде ВМРО-ДПМНЕ сè уште нема објавено кандидати, а претежно актуелните градоначалници се од СДСМ. Се дискутира и за некои општини каде ЗНАМ направи добар резултат на ланските парламентарни избори“, брифираат од ЗНАМ за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Меѓу оние што се во игра се Крушево, Дојран, Старо Нагоричане…
Се очекува ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка и за кандидати од ВРЕДИ во општините со мнозинско албанско население, како што е Тетово каде е извесно за нов мандат повторно да се кандидира актуелниот градоначалник Билал Касами.
СДСМ сè уште не пресекол за Скопје
Свои кандидати во дел од општините кои му припаѓаат на албанскиот блок, ќе нема ниту СДСМ. Тоа се скопските општини Чаир и Сарај, како и Тетово, Струга, Желино, Гостивар и Дебар.
Меѓу најважните одлуки што се очекуваат од социјалдемократите во наредниот период е и да пресечат кој ќе биде нивниот кандидат за Град Скопје што ќе го предизвика Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во следниот период и тоа да го одлучиме. Сè уште разгледуваме повеќе кандидати“, вели висок партиски функционер од СДСМ.
Меѓу посериозните имиња што се споменуваат како кандидати за главниот град од опозициската партија се архитектот и универзитетски професор Мишко Ралев, како и партиската потпретседателка и поранешна министерка за животна средина Каја Шукова.
ВМРО-ДПМНЕ ги кандидира сите актуелни, во СДСМ извисија тројца
Од оние каде што СДСМ веќе објави кандидати, пак, најмногу внимание во јавноста привлече Струмица. Таму раководството на опозициската партија реши да не му ја даде довербата на актуелниот градоначалник Костадин Костадинов. Тоа предизвика револт кај него поради што тој го замрзна партиското членството.
Наместо него, кандидат е претседателот на општинската организација на СДСМ, Марјан Даскаловски.
Социјалдемократите нема да ги кандидираат актуелните градоначалници ниту во Дојран каде кандидат е Ристо Џинев наместо Анго Ангов, како и во Берово каде кандидат е Илија Рунтевски, а не актуелниот Звонко Пекевски.
Пред четири години СДСМ победи во 16 општини, а од нив досега во шест се решија да дадат поддршка на актуелните градоначалници: Центар – Горан Герасимовски, Чучер Сандево – Сашо Kоненовиќ, Крива Паланка – Сашо Митовски, Богданци – Блаже Шопов,Росоман – Стојанче Николов, Крушево – Томе Христовски.
Социјалдемократите ќе имаат уште еден кандидат кој веќе бил градоначалник, но во минатиот мандат (2017-2021) во Општина Јагуновце – Дарко Блажевски.
Ако се погледне листата со имиња што досега официјално се објавени од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се забележува дека од 40 кандидати, дури 30 се актуелни градоначалници кои ќе влезат во изборната трка за нов мандат. Меѓу нив се скопските општини Аеродром в.д. градоначалникот Дејан Митевски, Бутел – Дарко Костовски, Ѓорче Петров – Александар Стојкоски, како и поголемите градови Охрид – Кирил Пецаков, Велес – Марко Колев, Битола – Тони Коњановски, Штип – Иван Јорданов…
Владејачката партија засега единствено во Кисела Вода нема да оди со истиот кандидат, но затоа што тамошниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски е нејзин кандидат за Градот Скопје, каде пред четири години ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа актуелната Данела Арсовска како независна кандидатка.
Останатите кандидати, околу 20-тина, се очекува партијата да ги објави во два наврати – десетина до крајот на јули, а останатите во август.
ВМРО-ДПМНЕ на минатите избори освои 42 градоначалнички места плус Скопје.
Инаку, од овие две партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ доаѓаат и трите, засега, единствени жени кандидати. Од владејачката тоа е Наталија Димитриева за Демир Капија, а другите две се од редовите на социјалдемократите – Мариче Кармазичева за Босилево и Љупка Соколовска за Карбинци.
Од останатите парламентарни партии, Левица сè уште официјално нема промовирано кандидати.
Соочување Османи – Меџити во Чаир?
Тоа не го направиле ниту коалициите во албанскиот блок – владејачката ВРЕДИ и опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ.
Сè уште се калкулира, но во јавноста подолг период кружат имињата на потенцијалните кандидати, а меѓу поинтересните се очекува да биде битката во скопски Чаир – општина која е важна и за едните и за другите. Актуелен градоначалник таму е Висар Ганиу, кој беше дел од ДУИ, но по поделбите застана на страна на Изет Меџити кој е лидер на Демократското движење – една од трите партии во ВРЕДИ.
Меџити, кој во моментов е прв вицепремиер и министер за животна средина, можеби и ќе ја напушти оваа функција бидејќи се споменува како можен кандидат токму за Чаир.
До објавување на овој текст, РСЕ не доби одговор од него дали веќе одлучил за кандидатурата.
Дали вицепремиерот ќе трка за градоначалник, како што брифираат, веројатно ќе зависи и од неговиот противкандидат од ДУИ односно дали тоа ќе биде Бујар Османи, поранешниот министер за надворешни работи.
Во емисијата „360 степени“ на 7 јули, Османи рече дека размислува и „веќе се разговара за тоа во партијата“.
Портпаролот на ДУИ Арбр Адеми, во разговор со РСЕ вели дека официјално не потврдиле ниту една кандидатура за општините додавајќи дека „сè уште има време пред нас“.
И од ВРЕДИ официјално нема потврдено кандидатури. Единствено што потврди министерот за социјална политика Фатмир Лимани е дека ќе го поддржат бизнисменот Менди Ќура како независен кандидат во Струга.
Она што се очекува во албанскиот блок е и исходот за тоа како ќе настапи крилото на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари, кој неодамна ја напушти владината коалиција односно дали ќе се официјализира неговата соработка со коалицијата на ДУИ, која се најавува изминатиот период.
Таравари, претходно на собир во Гостивар, веќе најави дека негов кандидат за овој град ќе биде актуелниот в.д. градоначалник Ваљбон Лимани.
Собранието ќе избегнува седници во кампања
Додека партиите ги спроведуваат своите процедури, локалните избори треба и формално да ги распише претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Најавите се дека тоа ќе се случи во првата работна недела од август, но датумот сè уште не е официјализиран.
Ист е случајот и со датумот на изборите иако премиерот Мицкоски најави дека тоа би бил 19 октомври.
Кампањата, пак, ќе започне 20 дена претходно. Според Деловникот, парламентот е во постојано заседание, но дали и што би работеле тогаш пратениците дополнително ќе се договора меѓу партиите. Од кабинетот на Гаши за РСЕ велат оти се надеваат дека „ќе остане досегашната пракса со намалени активности во Собранието со цел да се спречи злоупотреба на законодавниот дом“.