Вести
Заев: Воведувањето на евтина тарифа нема да ја поскапи струјата

Владата на денешната прес конференција најави дека од октомрви повторно ќе се врати евтината струја во текот на дневните часови.
На прашањето дали во наредниот период ќе има зголемување на струјата, премиерот Зоран Заев одговори дека не очекува такви тенденции
"Струјата е составена и од берзанскиот дел на формирањето на цената на струјата, и ако тенденцијата на светско ниво оди во пораст на цената, тоа, веројатно, ќе има импликации тука. Значи тоа што знаеме е дека до идната година, до 1 јули нема да има корекција на цената, затоа што до тогаш таа е регулирана и нема ни некои очекувања дека цената на струјата ќе расте" изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција.
Тој воедно најави и дека очекува во Македонија да има нови инвестиции во нови извори на енергија.
"Обично цената на струјата расте кога има помала понуда на струја, а има поголема побарувачка. Со обновливи извори на електрична енергија, со присуство на поголеми продукции на енергија на секаде во регионот и во светот,така и ние, нашите тенденции се да имаме нови инвестиции во нови извори на енергија, пред сѐ на нови извори на електрична енергија, што ќе значи зајакнување на домашната продукција на електрична енергија. Сето тоа ни дава за право да очекуваме дека и после регулираниот период од 1 јули, не очекуваме тенденции на покачување на цената на струјата" рече Заев.
види ги сите денешни вести
Тајланд и Камбоџа договорија прекин на огнот

Лидерите на Тајланд и Камбоџа се согласија на итен и безусловен прекин на огнот за да се стави крај на граничните судири, изјави малезискиот премиер Анвар Ибрахим на 28 јули, по разговорите што двата соседа од Југоисточна Азија ги водеа во Малезија.
На состанокот во малезискиот главен град Путраџаја присуствуваа и амбасадорите на САД и Кина.
Тајланд и Камбоџа меѓусебно се обвинија за започнување на конфликтот минатата недела, кој оттогаш ескалираше во борби со тешки артилериски напади на повеќе локации долж нивната копнена граница од 817 километри.
Тоа беше најсмртоносниот конфликт меѓу двата соседа од Југоисточна Азија во последната деценија.
Камбоџанскиот премиер Хун Манет претходно изјави дека состанокот бил заеднички организиран од Малезија и САД и оти ќе присуствува и Кина.
„Целта на овој состанок е итно да се постигне прекин на огнот. Тој беше инициран од американскиот претседател Доналд Трамп, а беше договорен од премиерите на Камбоџа и Тајланд“, напиша Хун Манет во објава на X (Икс) пред да замине на состанокот за разговорите.
На 27 јули, Трамп изјави дека верува оти и Тајланд и Камбоџа сакаат да ги решат своите разлики откако им кажа на лидерите на двете земји дека нема да потпишува трговски договори со нив сè додека не го завршат конфликтот.
Активни се девет пожари, власта со сомнежи дека дел се подметнати

На територијата на Северна Македонија, заклучно со 12:30 часот на 28 јули, активни се вкупно девет пожари, а шест се ставени под контрола, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пожарите, кои и ова лето беснеат на отворено, според сомнежите на власта, во најголем дел се подметнати или се од невнимание.
„Имаме од 30 па и повеќе пожари секој ден. Вчера беа над 50. Најголемиот дел од нив, постојат основани сомневања дека се подметнати или пак од негрижа се имаат случено. Досега можам да кажам дека во јули месец ја држиме работата целосно под контрола“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на 28 јули.
Деветте активни пожари се на териториите на општините: Василево, Радовиш и Берово; Прилеп; Прилеп и Кавадарци; Македонски Брод; Желино; Крива Паланка; Македонска Каменица; Илинден; Чашка.
За помош во справувањето со пожарите Северна Македонија го активираше и Европскиот механизам, но премиерот Мицкоски посочи дека „во овој момент нема слободни воздухоплови кои би се активирале“ поради тоа што пламените јазици беснеат насекаде во медитеранскиот дел на Европа, како што се Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Шпанија, Италија, Кипар, Грција, Турција…
„Во моментов повеќе од 200 припадници на армијата се на терен. Полицајците ги возат оние специјални возила – бетери, пицгауери и хермелини. Се организираме, работата е под контрола, ќе се случува цело лето. Ќе има и во август месец. Во овој момент немаме огнена стихија која е надвор од контрола“, изјави Мицкоски.
Во текот на изминатото деноноќие, според пресекот што утрото на 28 јули го направи ЦУК, на територијата на Северна Македонија биле регистрирани вкупно 51 пожар.
Мицкоски очекува убави вести од преговорите за царините со САД

Претставници на македонските институции досега имале три рунди преговори со институциите во рамки на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во однос на царините за извоз во САД, соопшти денеска (28 јули) премиерот Христијан Мицкоски кој очекува „убави вести“.
„Тоа што можам да го кажам е дека сме најнапред од европските земји и очекувам убава вести за македонски граѓани, македонските извозници во САД. Да почекаме од Вашингтон да дојде веста“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека неговите очекувања се оваа недела целиот процес да биде завршен. Последната од трите рунди преговори за царините била одржана во петокот, 25 јули.
Најавите за договорот за царините на САД кон Северна Македонија Мицкоски ги даде коментирајќи го договорот што Соединетите држави го постигнаа со ЕУ вчера, 27 јули.
Американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен објавија дека постигнале трговски договор за 15% царина за поголемиот дел од европските производи што се извезуваат во САД. Со тоа беше отстранета заканата на Трамп за царини од 30% од 1 август доколку не се постигне договор.
А, ваквиот договор, смета Мицкоски, е добар и за македонските компании.
„Ние ја поздравуваме одлуката (договорот меѓу САД и ЕУ) бидејќи голем дел од нашите производни капацитети преку компаниите во ЕУ извезуваат во САД. Ако Унијата е задоволна од овој договор, а очигледно таква беше изјавата на претседателката на ЕК, тогаш и ние сме задоволни“, изјави премиерот.
Трамп на почетокот на април воведе основна царина од 10 отсто за целиот увоз во САД и повисоки царини за некои земји. Царината за Северна Македонија што ја воведе американската администрација се зголеми на 33%. Но, набрзо потоа ја одложи примената на новите царински давачки за 90 дена.
Вкупно 12 години затвор за тројца обвинети за напад врз косовската Изборна комисија

По пет години затвор добија двајца од обвинетите, Милун Миленковиќ и Александар Влајиќ, за нападот врз просториите на Општинската изборна комисија во Северна Митровица во декември 2022 година. Уште еден обвинет, Дејан Пантиќ, беше осуден на двегодишна затворска казна.
Поради недостаток на докази, пак, еден обвинет – Миомир Вакиќ, беше ослободен од обвинение.
Ваквата пресуда денеска, 28 јули, ја изрече Основниот суд во Приштина.
Ниту еден од обвинетите не беше присутен на изрекувањето.
За овој случај, кон средината на декември 2023 година косовското обвинителство поднесе обвинение за терористички акт, обвинувајќи ги лицата за извршување напад со рачни гранати и шок бомби врз просториите на Централната изборна комисија (ЦИК) „со цел дестабилизација или уништување на основните политички и уставни структури на Република Косово“.
Исто така, со обвинението се тврдеше и дека животите на вработените во ЦИК и полицајците биле сериозно загрозени во таа пригода.
На првото рочиште, одржано кон крајот на јануари минатата година, сите обвинети се изјаснија за невини.
Миленковиќ и Влајиќ се наоѓаат се во притвор, додека Вакиќ и Пантиќ се бранеа од слобода.
Адвокатите на одбраната ги изнесоа своите завршни зборови во петокот, во кои нагласија дека обвинението делумно се базира на комуникација преку апликацијата Вибер, и ја негираа вината на нивните клиенти.
Порталот „Заклетва за правда“, кој редовно ги следи судењата, објави дека адвокатот Љубомир Пантовиќ рекол оти сите докази врз кои се заснова обвинението се базираат на полициски извештаи и документи, и дека нема конкретен опис на какви било дејствија.
Кои се обвинетите за тероризам?
На 6 декември 2022 година, во просториите на Општинската изборна комисија во Северна Митровица беа фрлени две експлозивни направи, од кои едната експлодираше.
Поради овој случај, Дејан Пантиќ, поранешен припадник на косовската полиција, беше уапсен на 9 декември на преминот Јариње, што предизвика криза во северно Косово и поставување барикади од страна на Србите.
Барикадите беа отстранети на 29 декември откако судот дозволи Пантиќ да биде пуштен во домашен притвор.
Во меѓувреме, на 13 јуни 2023 година, Милун Миленковиќ – Луне беше уапсен во Северна Митровица, што беше причина да се слушнат сирените за тревога, а граѓаните да се соберат во градот. Во периодот на тензии во северно Косово, сирените за тревога се вклучуваа кога од локалното население беше барано да организира настан односно кога организирани групи луѓе излегуваа на улиците, затвораа продавници, аптеки, деловни простории или организираа барикади.
Не беше познато кој ги управуваше, а во декември 2023 година, косовската полиција објави дека конфискувала сирена за јавен аларм со шест засилувачи во Северна Митровица.
Александар Влајиќ беше уапсен под сомнение за собирање и доставување класифицирани информации до Српската безбедносно-разузнавачка агенција (БИА).
Тој беше обвинет во посебен случај за шпионажа, за што беше осуден на пет години затвор на почетокот на јуни. Влајиќ се изјасни за виновен за шпионажа, но го негираше нападот врз Централната изборна комисија.
За време на судењето, обвинителството изјави дека има докази дека Миомир Вакиќ, исто така, учествувал во нападот и презентираше пораки што ги разменил со обвинетиот Дејан Пантиќ, имено дека на пораката од Пантиќ дека „таму се тресат круши“, тој одговорил со „фрли им јаболко“.
Обвинителството тврдеше дека овој кодиран јазик алудирал на локацијата на полицијата и фрлањето бомби.
Град Скопје повторно го постави споменикот на Ќосето

Споменикот на Андон Лазов-Ќосето повторно е поставен во Скопје, информираше скопската градоначалничка Данела Арсовска, преку соопштение на социјалните мрежи.
Како што може да се забележи од фотографиите што таа ги објави, споменикот овој пат е поставен во близина на кружниот тек кај хотелот „Континентал“ во Скопје.
Според Арсовска, со поставувањето на споменикот на Ќосето му се „оддава почит за неуморниот дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија“.
„Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, пишува Арсовска во објавата на 28 јули.
Споменикот на Андон Лазов-Ќосето првпат беше поставен во 2014 година кај Судската палата во време кога градоначалник на Скопје беше Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Поставувањето тогаш предизвика поделени реакции во јавноста околу ликот и делото на Ќосето. Дел од историчарите сметаат дека се работи за револуционер и еден од најверните соработници на ВМРО-ДПМНЕ, а други дека станува збор за сериски убиец кој го ликвидирал и сопствениот брат.
Во 2018, споменикот беше отстранет откако локалната власт во Скопје ја презеде СДСМ на чело со тогашниот градоначалник Петре Шилегов. Официјалното образложение за отстранување на споменикот беше дека тој е дивоградба.
Воздушни напади низ Украина, повредени пет лица

Пет лица се повредени, а една станбена зграда е оштетена во Киев во руски воздушен напад извршен доцна вечерта на 27 јули, објави на Телеграм шефот на киевската воена администрација, Тимур Ткаченко.
Откако се слушнаа експлозии во украинскиот главен град и неговите предградија градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ги повика луѓето да останат во засолништа. Нападот врз Киев беше дел од поширок напад врз целата земјата.
Тревога беше прогласена за поголемиот дел од Украина во 23:50 часот по локално време на 27 јули. Предупредувањето важеше за целиот источен дел од земјата, како и регионот околу Киев.
Оперативната команда на вооружените сили на Полска соопшти дека биле активирани и нивните авиони за да се обезбедни безбедноста на полскиот воздушен простор.
Во последните недели руските сили извршија голем број напади со беспилотни летала врз Украина.
Претходно на 27 јули, во руски напад беше погоден автобус што превезуваше цивили во село во североисточната украинска Сумска област. Како што соопшти регионалната воена администрација, загинале три лица, а 19 биле повредени.
Овој напад се случил околу 16:30 часот по локално време, во близина на селото Иволжанске во општината Јунакивска, изјави Олех Хригоров, началник на регионалната воена администрација. Во автобусот имало вкупно 39 патници.
Загинатите биле жители на општината Јунакивска кои биле евакуирани оттаму, но периодично ги посетувале своите домови и фарми во пограничната заедница. Автобусот со кој патувале, неколку пати бил погоден од непријателски оган.
Голем шумски пожар кај Крива Паланка, огнот се шири кон Србија

Според информациите објавени од Општина Крива Паланка, од вчера гори обемен шумски пожар во атарот на селото Нерав, кој зафаќа површина од над 50 хектари борова шума. Пожарот се проширил и на делови од територијата на општина Ранковце, во близина на селото Герман, како и кон општина Трговиште на територијата на соседна Србија.
Во гаснењето се вклучени екипи од Територијалните противпожарни единици на Крива Паланка, Ранковце и Трговиште (Р. Србија), како и вработени од ЈП „Македонски шуми“ – Подружница Крива Паланка, заедно со жители од селата Нерав и Трговиште.
Поради тешко пристапниот терен и густата шума, пожарот сè уште не е ставен под контрола и претставува сериозна опасност. Надлежните служби најавија дека акцијата за гаснење ќе продолжи и во утринските часови.
Општината апелира граѓаните да се воздржат од движење во шумски и планински предели заради сопствена безбедност и за да им се олесни работата на службите на терен.
Крива Паланка останува во постојана координација со сите надлежни институции и најави редовно информирање на јавноста за понатамошниот развој на ситуацијата.
Израел заплени активистички брод кај Газа

Израелските сили го транспортираа пропалестинскиот активистички брод „Хандала“ во пристаништето Ашдод на 27 јули, откако го запленија бродот во меѓународни води и го приведоа неговиот екипаж, објави АФП.
Активистите од коалицијата „Флотила на слободата“ се обидоа да ја пробијат поморската блокада на Израел врз палестинската територија Газа, но беа пресретнати од израелските сили доцна во саботата навечер.
Правниот центар „Адала“ за АФП изјави дека нивните адвокати пристигнале во Ашдод и побарале контакт со 21 меѓународен член на екипажот, вклучувајќи двајца француски пратеници и двајца новинари на Ал Џезира.
„По 12 часа на море, по нелегалното пресретнување на „Хандала“, израелските власти потврдија дека бродот пристигнал во пристаништето Ашдод“, соопшти „Адала“, група која работи за правата на Арапите во Израел.
„И покрај повторените барања, израелските власти одбиваат да им дозволат на адвокатите на „Адала“ пристап до притворените активисти за правни консултации“, се вели во соопштението.
Адалах повтори дека бродот бил пресретнат во меѓународни води и дека нивното притворање претставува „јасно кршење на меѓународното право“.
Претходно, израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека морнарицата го запрела бродот за да го спречи да влезе во крајбрежните води на Газа.
„Бродот безбедно плови кон израелскиот брег. Сите патници се безбедни“, се вели во соопштението.
Непосредно пред полноќ во саботата по локално време, видео во живо од „Хандала“ покажа како израелски војници се качуваат на бродот. Онлајн тракерот на бродот го покажа тоа во меѓународни води западно од Газа.
Бродот беше на пат кон Газа со цел да ја пробие израелската блокада и да достави мала количина хуманитарна помош до палестинските жители.
Пред нивното заробување, екипажот на „Хандала“ објави на социјалните медиуми дека ќе штрајкува со глад доколку израелската војска ги пресретне и притвори.
Бродот превезувал активисти од десет земји, вклучувајќи двајца француски пратеници од левичарската партија „Непобедлива Франција“ - Ема Фуро и Габриел Катала. Меѓу приведените имало американски, европски и арапски активисти.
Претходниот брод, „Мадлин“, исто така испратен од Флотилата на слободата, беше пресретнат од израелската војска на 9 јуни, исто така во меѓународни води, и одвлечен до Ашдод.
На него беа 12 активисти, вклучувајќи ја и истакнатата шведска активистка Грета Тунберг. Активистите на крајот беа депортирани од Израел.
Израел воведе целосна блокада на Газа на 2 март откако мировните преговори не успеаја. Кон крајот на мај, дозволи повторно да почнат да пристигнуваат мали количини помош, поради предупредувањата за претстојна глад.
Израелската блокада ја прекина хуманитарната помош за Газа со месеци, туркајќи го поголемиот дел од населението на работ на глад. Досега повеќе од 120 Палестинци, вклучувајќи повеќе од 80 деца, починаа од глад.
Франција, Германија и Обединетото Кралство издадоа заедничка изјава на 25 јули во која се вели дека хуманитарната катастрофа во Појасот Газа мора веднаш да се запре.
На 27 јули, Израел прогласи „тактичка пауза“ во борбите во делови од Газа и рече дека тоа ќе им овозможи на Обединетите нации и агенциите за помош да отворат безбедни копнени патишта за да помогнат во ублажувањето на продлабочената криза со глад.
Израел ја започна својата кампања во Газа како одговор на нападот на Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и Европската Унија, на југот на 7 октомври 2023 година, во кој, според израелските бројки, околу 1.200 луѓе биле убиени, а 251 заложник биле земени во Газа.
Од 251 лице киднапирано тој ден, 49 остануваат заложници во Газа, а војската прогласи 27 мртви.
Во израелската офанзива се убиени 59.219 луѓе во Газа, претежно цивили, според бројките од Министерството за здравство на Хамас, кои Обединетите нации ги сметаат за веродостојни, пренесува АФП.
33 пожари за едно деноноќие – 12 сè уште активни низ државата

Во текот на изминатите 24 часа на територијата на државата се евидентирани 33 пожари на отворен простор, од кои 12 сè уште се активни, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Пет од пожарите се ставени под контрола, додека останатите 16 се целосно изгаснати.
Најмногу активни пожари има во Прилепско, каде што гори шума кај селата Бешиште и Дрен, со проширување кон Кавадаречко и кон граничниот појас со Грција.
Активни пожари се забележани и во Берово (на планината Голем Готен), како и во Василево, Радовиш, Македонски Брод, Желино, Петровец, Зелениково, Крива Паланка, Старо Нагоричане и Куманово. Станува збор главно за шумски и нискостеблести површини, како и запалена трева, депонии и стрништа.
ЦУК информира дека под контрола се пожари во Струмичко, Штипско и во Карбинци, како и два пожари на подрачјето на Македонски Брод, во близина на селата Грешница и Латово. Огнот на овие локации не се шири, но е под внимателно следење поради ветерот и сувите услови на теренот.
Меѓу 16-те изгаснати пожари се и неколку во скопскиот регион – Сарај, Шуто Оризари и Гази Баба, каде што гореле депонии и ниска вегетација. ЦУК регистрирал и изгаснати пожари во општините Куманово, Струга, Кривогаштани, Карбинци и Теарце.
Грција добива помош од ЕУ за борба против пожарите

Грција се бори со шумски пожари кои уништија домови и ги принудија луѓето да се евакуираат втор ден, а се очекува чешки пожарникари и италијански авиони да пристигнат подоцна во текот на денот за да помогнат.
Пет пожари беа сè уште активни на 27 јули наутро во регионот Пелопонез западно од Атина, како и на островите Евија, Китира и Крит, додека авионите и хеликоптерите продолжија со гаснењето во неколку делови од земјата.
„Се очекува тежок ден со многу висок ризик од пожари, речиси низ целата територија“, рече портпаролот на противпожарната служба Василис Ватракогијанис, но додаде дека ситуацијата се подобрува.
Метеоролозите изјавија дека силните ветрови што ги разгоруваат пламените јазици ќе се намалат во повеќето региони во недела, но предупредија дека островот Китира, популарна туристичка дестинација со 3.600 жители, сè уште страда од „загрижувачки“ временски услови.
Пораки за евакуација беа испратени до жителите на островот, кој се наоѓа југоисточно од Пелопонез, рано наутро во недела, бидејќи пожарот продолжи да гори.
„Изгореа куќи, пчелни кошници, маслинови дрвја“, изјави за државната телевизија ЕРТ заменик-градоначалникот на Китира, Јоргос Комнинос.
„Манастирот е во директна опасност во моментов“, додаде тој, додавајќи дека половина од островот изгорел.
Десетици пожарникари, поддржани од три хеликоптери и два авиона, се борат со пожарот на Китира, кој избувна во саботата наутро и ги принуди туристите да ја напуштат популарната плажа.
Грција претходно побара помош од своите сојузници од Европската Унија (ЕУ), а противпожарната служба соопшти дека се очекува два италијански авиони да пристигнат во недела, додека единици од Чешка веќе се на терен.
Единаесет региони во Грција остануваат со многу висок ризик од пожар, соопштија властите.
Пожарникарите работат на неколку локации на Пелопонез, а неколку нови пожари беа пријавени во текот на ноќта на островот Евија, во близина на Атина, каде што пожарите уништија големи површини шума и убија илјадници добиток.
Работниците од зори се обидуваат да ги санираат сериозните штети на електричната мрежа на Евија, додека некои села имаат проблеми со водоснабдувањето.
На јужен Крит, пожарите што избувнаа попладнето на 26 јули и уништија четири куќи и една црква се во голема мера ставени под контрола.
Во селото Крионери, северно од Атина, полицијата наводно го засилила своето присуство поради страв дека крадците би можеле да провалат во домовите напуштени од жителите што бегаат од пожарот што избувна во саботата попладне и во голема мера беше под контрола до недела.
Премиерот Киријакос Мицотакис напиша на социјалните мрежи дека секој што изгубил имот „треба да знае дека државата ќе биде со нив“.
Тој рече дека саботата била „титанска борба“, но дека „ситуацијата денес изгледа подобро и борбата продолжува со сите расположиви средства“.
Грција е погодена од топлотен бран речиси една недела, со температури над 40 степени Целзиусови во многу области.
Во сабота, 26 јули, температурата во Амфилохија, на западот од земјата, достигна 45,2 степени Целзиусови.
Се очекува екстремната топлина да се намали од понеделник.
Минатиот месец, пожарите на петтиот најголем грчки остров Хиос, во северниот дел на Егејското Море, уништија 4.700 хектари земјиште, додека пожарот на Крит на почетокот на јули принуди евакуација на 5.000 луѓе.
Најразорната година за пожарите во Грција, која се смета за жариште на климатските промени, беше 2023 година, кога изгореа речиси 175.000 хектари и беа регистрирани 20 смртни случаи.
Грција, како и многу други земји, се соочува со сè потопли лета предизвикани од глобалното затоплување предизвикано од човекот, што го зголемува времетраењето, фреквенцијата и интензитетот на пожарите.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете